Грција ќе даде поддршка за европската перспектива на Северна Македонија. Тука сум денеска дека да покажам дека сме тука до вас, заедно до вас, на патот до Европа, изјави денеска грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендијас, кој е во посета на Скопје.
Тој на заедничка прес-конференција со неговиот домаќин, министерот за надворешни работи на С. Македонија, Бујар Османи, рече дека Грција посакува и работи засилено за обезбедување на мирот, безбедноста и стабилноста на регионот. А единствен пат да се постигнат тие цели е јасна поддршка на европската перспектива на Западен Балкан, рече попладнево Дендијас.
„Длабоко веруваме дека претпристапните преговори меѓу ЕУ, Албанија и Северна Македонија треба да почнат веднаш. Тоа е пораката што ја пренесуваме на нашите европски сојузници цело време“, порача Дендијас на прес-конференцијата.
Видете и ова: Рускиот гас може да секне, на алтернативи уште се чекаМинистерот Османи рече дека европската перспектива на регионот е прашање од безбедносен интерес за двете страни.
„Стартот на преговорите со Северна Македонија и со Албанија претставува најдобар начин да се врати европскиот кредибилитет во регионот“, рече Османи.
Грчкиот министер оцени дека неговата земја е посветена на верно и правилно спроведување на Договорот од Преспа. кој Скопје и Атина го потпишаа на 17 јуни 2018 година и со кој се надмина спорот за името на земјава. Тој ја нагласи и добрата економска соработка меѓу двете земји.
„Веќе го достигнавме нивото пред пандемијата и за нас е големо задоволство да слушнеме дека грчките инвестиции се на многу високо ниво во вашата земја. Исто така енергијата е многу важна точка за соработка меѓу двете земји. Сакаме да подржиме проекти за енергетска независност на вашата земја, преку проекти како што е проектот за терминалот во Александрополи“, рече грчкиот министер.
Дендијас најави дека голема грчка компанија има интерес да инвестира во земјава. Како што кажа се работи за инвестиција во станица за производство на струја и би изнесувала околу 200 милиони евра. Тој го истакна и значењето на тоа што земјава како членка на НАТО се држи принципиелно до ставовите на НАТО за прашањето меѓу Русија и Украина. Османи рече дека го радуваат податоците дека економската соработка со Грција надминува 900 милиони евра. Грција е четврти економски партнер по големина на Македонија.
Дендијас денеска ќе се сретне и со премиерот Димитар Ковачевски и со заменикот на претседателот на Владата задолжен за европските прашања, Бојан Маричиќ.