Датумот за преговори со ЕУ клучен дали ќе има предвремени избори?

Граѓани гласаат на гласачко место во Скопје, илустрација

Опозицијата бара предвремени избори идната пролет. Власта се согласува на избори ама наесен. Спикерот Џафери вели дека предвремени избори никому не му одговараат. Дел од аналитичарите тврдат дека ако нема датум за преговори, предвремените избори се неизбежни.

Предвремените парламентарни избори не се никакво решение и никому не му требаат, вели првиот човек на Собранието Талат Џафери, во неделното интервју за радио Слободна Европа. Тој смета дека тие би можеле дополнително да ги искомплицираат политичките односи и состојбите во земјава.

„Изборите не се решение затоа што сите треба да се концентрираме на она што е декларирана стратегиска определба утврдена со сите процедури и акти во собранието и другите институции, т. е да ги заокружиме пристапните процеси во ЕУ и НАТО. Во контекст на НАТО тоа е подостижно доколку една од членките на НАТО ги доврши процедурите поради внатрешните несогласувања, па ако успее да ги заврши процедурите, таа постапка би завршила во декември. Понатаму се очекува да се отпочнат преговорите, тоа не значи автоматско членство, туку отворање на поглавјата едно по едно, тоа е подолг процес, но во контекст на интеграциите во овој момент е важно да се добие датум и да се отпочне тој процес“, вели Џафери во неделното интервју на РСЕ.

Според дел од аналитичарите пак, евентуалното недобивање датум за отворање преговори на самитот на министри во октомври, сигурно ќе ги интензивира активностите на партиите за предвремени избори.

„Ако нашата земја не добие датум за почеток на преговорите, веднаш настапува политичка криза и веднаш партиите ќе бидат под притисок да одат на нови избори бидејќи власта ќе мора да ги праша граѓаните дали сакаат воопшто да продолжат по тој курс. Ако и покрај сите напори тоа не вроди со плод, односно со датум за почеток на преговорите. Така што, точна е констатацијата дека ако датумот изостане, изборите секако следат“, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Арсовски вели дека изборите нема да ги искомлицираат состојбите, ако претходно се завршат процесите на датум за преговори и протоколот за ратификација на членство во НАТО. Ако тие се случат поради недостаток на едно од овие две работи, тогаш истите би можеле да предизвикаат сериозна политичка криза, смета Арсовски.

„Кому во ситуацијата повеќе му одговараат предвремени избори, зависи од наративот заради кои евентуално би се распишале. Ако се распишат заради добивање датум за преговори и ратификација на членството во НАТО, тогаш им одговараат на власта. Ако се распишат заради тоа што не сме добиле датум за преговори, тогаш и одговараат на опозицијата“, изјави Арсовски.

Видете и ова: Заев: Бараа предвремени избори, реков може октомври 2020, декември е зима

Прашањето за предвремени избори беше и една од точките за која разговарале лидерите на двете најголеми партии Зоран Заев и Христијан Мицкоски на последната лидерска средба.

Претходно опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа предвремени во април или мај следната година.

Премиерот Зоран Заев одговори дека предвремени како што бара опозицијата нема да има. Тој рече дека сега е време за економски резултати, а доколку се оди на брзи, предвремени избори тие нема да бидат возможни.

„Останувам на ставот дека треба да одиме на редовни избори. Брзи предвремени избори видовме до каде ја донесоа државата заради политички консултации. Ако требаше да се оди на предвремени парламентарни избори, ќе ги распишевме заедно со претседателски избори. Редовни избори треба да има во декември 2020, јас немам проблем да бидат закажани во октомври догодина“, рече Заев.