Десетина дена по француското стопирање на добивањето датум за преговори на земјава со Европската унија почнаа да се појавуваат идеи и за сојузи со други држави. Од друга страна, засега сите поголеми политички партии се на ставот дека интеграцијата во ЕУ е безалтернативна опција за државата.
Но, идеи за други алтернативи почнаа да изнесуваат личности од партиските раководни тела на опозициската партија како на пример Иванка Василевска, професорка и членка на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Се додека не слушнеме од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски идеја за менување на курсот, ова може да се смета за изолиран став, вели Ана Чупеска- Станишковска од Правниот факултет Јустинијан Први.
Видете и ова: Западен Балкан глув на алармот за дезинформации
„За очекување беа вакви гласови, но тие се на ниво на фантазија во овој момент имајќи предвид дека француското „не“ не значи крај за европската перспектива на Македонија“, вели Чупеска- Станишковска.
И светските медиуми и аналитичари деновиве пишуваат дека ваквиот застој во европските интеграции отвора простор за поголемо влијание на Русија и Кина на Балканот. Со такви анализи излегоа и Ројтерс и Фајненшл Тајмс повикувајќи се и на изјави на високи европски дипломати кои тврделе дека сега се отвора простор за Русија и Кина на Балканот.
Русија, пак, досега најактивна во однос на Македонија беше во периодот пред 27 април, односно додека траеше неизвесноста за формирањето на новата Влада и потоа при договарањето и носењето на Преспанскиот договор. По неговото усвојување и извесноста дека Северна Македонија ќе стане членка на НАТО, официјална Москва ги намали реакциите.
Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, видливо и по примерот на Црна Гора е дека Москва најмногу се активира пред влегувањето во воената алијанса. Тој додава дека врз партиите од албанскиот политички блок Русија нема влијание, туку дека обиди за тоа прави Турција.
„А да не заборавиме дека официјална Анкара во последните месеци влегува во некои партнерски односи со Русија и со други држави чија цел не е нашето зачленување во Европската унија, а камо ли во НАТО“, вели Муслиу.
Инаку Василевска во текстот кој на српскиот портал „Стање ствари“ е најавен како интервју, наведува дека „сме очекувале меѓународна поддршка од поединечни земји, во прв ред од Русија, но таа изостанала“. Во друг дел од интервјуто кое Василевска вели дека е „слободен разговор, академско толкување на состојбите на Балканот„, таа коментира дека „ако бидеме принудени на федерализација на Македонија, вреди да се разгледа опцијата за некој вид сојуз со Србија“.
Ваквиот став на професорката Василевска доаѓа по период во кој актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ се оградуваше од политиките на Москва. Прво потпретседателот на партијата Александар Николоски рече дека Москва не е партнер на земјава, а потоа и Мицкоски во интервју за Радио Слободна Европа коментирајќи ги таквите ставови нагласи дека „национален и државен интерес на Македонија се НАТО и ЕУ интеграција“. Ова аналитичарите го толкуваа како отргнување на ВМРО-ДПМНЕ од руската прегратка.