Да честитаме или останавме заглавени?

Марија Лазарова, дипломиран филолог по турски јазик, мејкап артист, слободен уметник и активист.

Пандемијата направи еден вакум, „бубањ“ во кој влеговме ние и нашите животи, од секој аспект, и не сме стигнати до портата за излегување, односно се уште не можеме да ја откриеме, пишува Марија Лазарова, дипломиран филолог по турски јазик.

Измина над една година од прогласувањето на пандемија од коронавирусот (ковид -19) и вондредна состојба во нашата држава. Пандемијата и борбата против неа се се уште приоритет на институциите и поединците, а друштвените мрежи и другите медиуми се сеќаваат на случувањата ова време пред една година и прават анализа на нашиот резултат пред овој предизвик. Како дел од тоа торнадо си го поставувам прашањето: Да честитаме или останавме заглавени?

Тема на оваа статија не е успехот на медицинскиот и научниот свет, туку психолошка размисла за тоа дали единствената криза е од Ковид 19 или нешто сосема друго.

Јас сум млада личност, граѓанин на една мала, млада и заостаната држава каде кризата е најприсутен поим уште од моето раѓање, кое пак се поистоветува и со нејзиното повторно формирање, година две, три плус – минус. Исто така сум женско, претставник на пол кој сеуште се бори за еднаквост на основни човечки права, така што сакам да изнесам неколку гледишта за случувањата во годината која е всушност рефлексија на нашиот прогрес од 30 години.

Видете и ова: Мартовски Иди

Пандемијата направи еден вакум, „бубањ“ во кој влеговме ние и нашите животи, од секој аспект, и не сме стигнати до портата за излегување, односно се уште не можеме да ја откриеме. Во тој вакум единствениот приоритет кој ги засега сите е борбата за сопственото, а така и за општото здравје. Но дали после година дена смее да остане на тоа? Не. Ние како луѓе мора да разбереме дека како и нашите предци сме ставени пред свршен чин и единствен избор ни е прогресот.

По ова прашање, пред се’ сметам дека прстот мора да го тргнеме од институциите, бидејќи се такви какви што се, контролата е изгубена и капетаните со совест многу тешко го држат кормилото. Прстот треба да го свртиме кон огледалото. Во огледалото стои личност која има 80% сличност со друго такво суштество од друг пол, етничка, национална и било која припадност. Основата е иста, нашето оружје е нашата човечка природа.

Сакам да го свртам светлото кон се’ друго што заглави возејќи се рамо до рамо со пандемијата. Другите болести, менталното (не)здравје, комшиите, партнерите, сексуалноста, креативниот развој, интелектуалниот застој итн.
Изолацијата е причина за дефокус од проблемите кои се присутни во животите на луѓето, но исто така е и катализатор за општественото зло, како што е насилството, психичко и физичко.

Огромен процент на жени и деца се присилени да живеат со своите напаѓачи, огромен процент на луѓе се оставени сами на својата сиромаштија и неписменост, како нивното постоење да е помалку вредно, и нивниот проблем е сосема минорен наспроти глобалната криза. После година дена, веќе нема простор за таква игнорантност. Како млад човек на 25 години, мојот двигател е жедта за подобро утре, подобри институции, подобра држава, просто – иднина.

Видете и ова: Апатијата кај младите како проблем во општеството

Неколку пати напишав па избришав, срамејќи се од својата привилегија на личност која лесно го прележа вирусот, а потоа сфатив дека токму тој страв е тоа што не смее да се дозволи. Како во историјата така и сега човечката психологија потпаѓа под чувството на благодарност за својата безбедна позиција и заборава дека борбата е далеку од завршена. Со маски, дезинфекциони средства, совест и одговорност, интернет, сме доволно спремни да работиме на полињата кои ќе бидат клучни за иднина со ред и мир.

Те замолувам тебе, кој го читаш ова, да го окупираш својот мозок со мисли за соживот, прашај се како можеш да помогнеш, кој е најлесниот начин за кој ТИ ќе влијаеш за доброто на родителот, соседот, роднината или било кој човек. Сега мора да се однесуваме како семејство, иако не сме сигурни дека знаеме што е тоа. Прстот не е кон институциите, туку кон ЧОВЕКОТ и што тој софтвер носи во себе, бидејќи моментално е единствениот програм кој може да направи разлика.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.