На денот кога се одбележува 151-годишнина од раѓањето на Гоце Делчев, полициското присуство е засилено во обид да се спречат инциденти, поради најавата за присуство на бугарски граѓани на чествувањето во време на затегнатите односи меѓу Скопје и Софија.
Гоце Делчев и Македонците и Бугарите го сметаат за свој национален херој.
Гробот на Делчев, во црквата Свети Спас во скопската Стара чаршија ќе го посети владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски. Цвеќе ќе положи и претседателот на државата, Стево Пендаровски. Токму тој, оцени дека ова е настан од висок ризик, по седницата на Советот за безбедност на 23 јануари.
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ на 28 јануари најави дека на 4 февруари цел ден ќе организира „херојска стража“ на гробот на Делчев. Потоа лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, повика на мирно и достоинствено чествување на годишнината, а доколку има инциденти, тоа ќе биде грев на Владата и на Министерството за внатрешни работи, вели тој. Mицкоски ќе го посети гробот на Делчев рано на 4 февруари.
Официјални претставници од Бугарија досега не се најавени, но своето доаѓање го најавија бугарски граѓани, кои организирано ќе дојдат од Софија.
Од бугарската фондација Македонија, која го организира доаѓањето на Бугари, за да оддадат почит на гробот на Делчев во Скопје, на Фејсбук пишуваат дека „нема да има и нема да се дозволи барикади, блокади или провокации! Во контакт сме со полицијата во Скопје и тие заедно со бугарското МВР ќе се погрижат за редот и мирниот тек на прославата!“, пишува на Фејсбук Виктор Стојанов од фондацијата Македонија.
Со организиран превоз со автомобили од Бугарија, тие ќе дојдат во Македонија. На граница ги пречекува полиција и со полициска придружба ќе дојдат до гробот на Гоце Делчев и назад. Во 11:30 часот на паркингот кај Калето, во близина на црквата Свети Спас ќе дојдат и Бугари од Македонија, кои како што пишува Стојанов, поради страв од напади нема да бидат во голем број.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, повика на национално единство на годишнината од раѓањето на Гоце.
„Ако тоа го покажеме, нема никој којшто може да не загрози и нема сила којашто може да биде со пропаганда посилна од силата на граѓаните и на народот коишто сакаат да ги остварат стратешките цели“, порача министерот Спасовски, во дневникот на Сител телевизија на 2 февруари.
Министерот уверува дека и покрај тоа што се подигнаа тензиите од страна на радикални структури од двете страни на границата, полицијата ќе ги преземе сите потребни мерки за сѐ да помине во најдобар ред.
Полицијата ги затвори улиците кои водат до местото каде што е погребан Гоце Делчев, уште во четвртокот вечерта.
Министерството за внатрешни работи ги демантираше информациите дека за безбедноста на чествувањето на Делчев ќе ги грижат и бугарски полицајци.
Видете и ова: Македонско-бугарски односи: Од најдобри пријатели до непријателиОдбележувањето на годишнината до раѓањето на револуционерот доаѓа во време кога односите меѓу Бугарија и Македонија дополнително се затегнаа со низа настани, како претепувањето на Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, изјавите на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски дека „Македонија е бугарска“, па кусото повлекување на бугарскиот амбасадор од Скопје и последното, тоа што бугарскиот Парламент, пред да се распушти во пресрет на изборите, изгласа декларација за осуда за насилството врз македонските Бугари.
Страстите се смирија по средбата во Скопје на бугарскиот и македонскиот министер за внатрешни работи, Иван Демерџиев и Оливер Спасовски, кои најавија дека нема да дозволат понатамошни инциденти.
А гробот на Гоце, е заборавен кога нема тензии. Екипа на Радио Слободна Европа, го посети гробот на великанот неколку дена пред чествувањето на годишнината. Од Националниот конзерваторски центар Скопје, под чија надлежност е гробот, велат дека само околу деновите кога се одбележува роденденот и смртта на Гоце има фама, а потоа го забораваат.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 во Кукуш, а загинал во селото Баница на 4 мај 1903, во борбата против турскиот аскер. Кукуш и Баница сега се наоѓаат во Грција. Останките на Делчев во првите години биле чувани во Баница, а потоа биле пренесени во Бугарија каде останале до 1946 година.
На сандачето во кое биле неговите коски, било запишано дека се „заколнуваат идните генерации светите мошти да бидат погребани во престолнината на независна Македонија“.
Македонија и Бугарија во 2017 потпишаа Договор за пријателство и добрососедство. Како дел од тој Договор, следната година е формирана Заедничката историска комисија која работи на препораки за заедничко чествување на личности од историјата, за кои и двете страни сметаат дека имаат право да ги сметаат за свои. Повеќе од четири години од формирањето на Комисијата, историчарите не успеаја да дојдат до заедничка препорака за чествување на револуционерот Гоце Делчев.
Заедничкото чествување од страна на политичарите на двете земји сепак имаше на одбележувањето на 150 годишнината од раѓањето на Делчев, кое помина без инциденти.
Односите меѓу Македонија и Бугарија се напнати во изминатите години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година.
Минатото лето Бугарија, како и Македонија, го усвоија таканаречениот француски предлог и Софија го укина ветото за почеток на преговорите за влез на Северна Македонија во Европската унија (ЕУ).
За да почне отворањето на поглавјата со ЕУ како услов остана промена на Уставот на Македонија за да бидат вметнати Бугарите во Преамбулата. Во Македонија имаше протести поради усвојувањето на францускиот предлог.