Македонската полиција нема да дозволи да се случи никаков инцидент на 4 февруари, кога во Скопје се одбележува 151 годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев, кој и Бугарија и Македонија го сметаат за свој национален херој.
Министерот за внатрешни работи на Македонија Оливер Спасовски на 30 јануари беше домаќин на бугарска делегација предводена од вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи на Република Бугарија Иван Демерџиев.
Нивната средба доаѓа во услови на зголемени тензии меѓу двете соседни земји, што резултираа со повлекување на бугарскиот амбасадор од Скопје и закана од Софија за можно вето за македонските евроинтеграции. По неколку дена пауза, на 30 јануари беше соопштено дека бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов се враќа на своите дипломатски должности.
„Ова е во услови на малку зголемени тензии, различни најави за нарушување на јавниот ред и мир. Сакаме да упатиме јасна порака дека нема да биде дозволен никаков инцидент. Македонската полиција ги презема сите неопходни мерки и активности и апсолутно не смее да се дозволи инцидент, односно ќе се обезбеди чествување како што доликува на нашиот великан Гоце Делчев“, изјави министерот Оливер Спасовски по средбата со бугарскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев.
За 4 февруари (сабота), кога се одбележува годишнината од раѓањето на револуционерот, најголемата опозициска партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ најави дека цел ден ќе присуствува на гробот на Гоце Делчев, кој се наоѓа во црквата Свети Спас во скопската чаршија во центарот на главниот град.
Бугарската фондација Македонија, претходно ги повика Бугарите да дојдат во Скопје на 4 февруари, да се поклонат на гробот на, како што велат, „бугарскиот национален револуционер“ Гоце Делчев. Фондацијата организира бесплатен превоз.
Виктор Стојанов, од бугарската фондација „Македонија“, викендов на својот Фејсбук профил ја најави агендата за доаѓање во Скопје и повика „положувањето цвеќиња и венци да мине тивко, мирно, без провокации и одговарање на провокации“.
За организираното доаѓање на настанот ќе го информираат и Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија, пишува Стојанов, на својот Фејсбук профил.
Тој повикува полицијата да обезбеди ред и мир, а сите Бугари кои ќе им се приклучат да не подлегнуваат на провокации.
Бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев по средбата со својот македонски колега Оливер Спасовски во Скопје, рече дека ќе преземе мерки луѓето кои што ќе дојдат од Бугарија да не провоцираат за да не дојде до несакани настани.
„Постигнавме согласност дека сè ќе биде во најголем ред за одвивање на овој настан и да не дозволиме некои луѓе да се обидат да го распалат огинот, каде што го нема. Целта е да се одржи чествување на еден великан Гоце Делчев, а не да биде центар и место каде што ќе настанат радикални појави, изјави Демерџиев по средбата со неговиот македонски колега во Скопје.
Чествувањето на Гоце Делчев, претседателот на Македонија Стево Пендаровски по одржаниот Совет за безбедност, го оцени како настан од висок безбедносен ризик. Односите со Бугарија беа централна тема на состанокот на Советот за безбедност на 23 јануари. По состанокот, тој, меѓудругото, изјави дека структурите во Бугарија кои водат антидржавна кампања против С. Македонија се поврзани со руската разузнавачка служба и рече дека ќе побара од Владата да им забрани на неколку бугарски државјани да влезат во земјата поради нивните постапки. Владата потоа дискутираше за тоа, но не донесе забрана за влез на бугарски политичари кои го негираат македонскиот народ.
И министерот за надворешни работи на Македонија Бујар Османи, во интервју за Радио Слободна Европа, рече дека на Русија и одговара да ги држи живи конфликтите на Балканот.
На денот кога ќе се одбележи годишнината го раѓањето на Гоце Делчев, на неговиот гроб, кој се наоѓа во близина на Калето во македонската престолнина, цвеќе ќе положи делегација составена од Владата на Македонија предводена од премиерот Димитар Ковачевски.
Ковачевски на 30 јануари изјави дека во моментот нема најава за официјална делегација од Бугарија за роденденот на Гоце Делчев, но, како што рече премиерот, се уште има време до 4 февруари.
Македонија и Бугарија во 2017 потпишаа Договорот за пријателство и добрососедство. Како дел од тој Договор, следната година е формирана Заедничката историска комисија која работи на препораки за заедничко чествување на личности од историјата, за кои и двете страни сметаат дека имаат право да ги сметаат за свои. Повеќе од четири години од формирањето на Комисијата, историчарите не успеаја да дојдат до заедничка препорака за чествување на револуционерот Гоце Делчев.
Заедничкото чествување од страна на политичарите на двете земји сепак имаше на одбележувањето на 150 годишнината од раѓањето на Делчев, кое помина без инциденти.
Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872, а загинал во селото Баница на 4 мај 1903. Баница сега се наоѓа во Грција. Останките на Делчев во првите години биле чувани во Баница, потоа пренесени во Бугарија и таму останале до 1946, кога биле пренесени во Скопје, во црквата Свети Спас. На сандачето во кое биле неговите коски, било запишано дека се „ заколнуваат идните генерации светите мошти да бидат погребани во престолнината на независна Македонија“.
Односите меѓу Македонија и Бугарија се напнати во изминатите повеќе од две години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година.
Блокадата делумно се надмина летоска и преговорите на земјава со ЕУ почнаа, но Бугарија го условува отворањето на поглавјата со внесување на Бугарите во македонскиот Устав, за што во моментов го нема потребното двотретинско мнозинство.
Односите меѓу Македонија и Бугарија, повторно станаа „жешка“ тема, откако минатата недела беше претепан Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид. По овој настан, но и по изјавите на бугарскиот европратеник Александар Џамбаски дека „Македонија е бугарска“, се затегнаа односите меѓу Скопје и Софија. Потоа беше повлечен бугарскиот амбасадор од Македонија, а Бугарија се закани со можно вето.
Министрите за внатрешни работи на Македонија и Бугарија на состанокот во Скопје зборувале и за случајот со Пендиков. Министерот Спасовски повтори дека полицијата ги презела сите мерки да се најдат виновниците, а едно лице веќе е во притвор. Бугарскиот министер, пак, вели дека целта не е само да се најдат луѓето кои стојат зад овој инцидент, туку да се превенира да не доаѓа до вакви случаи во иднина.
Двајца министри разговарале и за соработката при справување со организиран криминал, трговија со луѓе, нелегална миграција.