„Се бара негувателка за чување стара жена“... „Барам жена за чување на стар родител“... „Се бара жена за чување постар човек за 12 часа“...Овие се дел од многуте објави во фејсбук групата „Чување на стари лица во Македонија“. Таму речиси секојдневно некој бара помош за чување на стари лица, а друг нуди работа како геронто домаќинка.
Мајката на Верица од Скопје има 80 години. Подвижна е, но има деменција (загуба на способноста за осознавање). Поради работните обврски, таа не може да се грижи за својата мајка, па бара решение кое ќе и одговара и нејзе и на мајка и.
„Од една страна цените кои ми ги кажаа за сместување во приватните старечки домови беа колку две нејзини месечни пензии. Тоа ќе значи плус пари од мојата плата за нејзиното сместување. Од друга страна, кога кажав дека станува збор за жена која има веќе 40 години психичка болест, ме посоветуваа да си го барам чарето во државните домови, затоа што немале кадар кој ќе може да се справи со неа ако има „епизоди“. Кај се бориш со осудувањето од луѓето, па и од мајка ми дека – ете каква ќерка сум јас не можам една мајка да изгледам, од друга страна те стигматизираат и не примаат посложени случаи ни за пари“, раскажува Верица.
Од друга страна и оние кои бараат работа како геронто домаќинки не се одлучуваат да чуваат „потешки“ случаи.
Видете и ова: „Бела чума“ ја десеткува МакедонијаВиолета П. од Скопје веќе 10 години се грижи за стари лица. Вели дека за разлика од порано, сега се почесто и се јавуваат луѓе и бараат да ја вработат како негувателка на стари лица. Сепак таа прави селекција пред да прифати каде и со кого ќе работи.
„Преферирам да работам со подвижни луѓе. Не би работела со лица кои имаат деменција, тоа е многу тешко. Мислам дека побарувачката за нас расте поради тоа што не може секој може да си дозволи да го однесе својот родител во старечки дом. Жените кои чуваат во домашни услуги зимаат двојно помалку отколку во домовите“, вели Виолета.
Финансискиот трошок доколку се одлучите да ангажирате лице кое ќе го чува родителот во домашни услови зависи од бројот на работни часови, но во просек за 8 работни часа 5 дена неделно, тоа ќе ве чини околу 15.000 денари. Цената на престојот во старечки дом зависи од тоа дали истиот е јавен или приватен.
Многу приватни, малку јавни домови за стари лица
Во Северна Македонија има 5 јавни установи и 40 приватни установи за сместување на стари лица. Речиси и да нема приватен дом каде што цената за сместување стари лица е пониска од 30.000 денари. Цените во државните домови варираат од 160 евра нагоре. На пример во домот за стари лица Сју Рајдер од Битола, цената на месечно сместување изнесува 9.711 денари ако лицето е подвижно. Ако се работи за неподвижно лице со некоја потешка болест таа цена изнесува 11. 737 денари за месец.
Во одделот „Мајка Тереза“ во рамки на Геронтолошкиот Завод 13 ноември месечно сместување чини 18.000 денари. Таму има капацитет од 111 легла, но исполнети се само 60 проценти од нив, бидејќи нема доволно персонал кој би се грижел за сите корисници. И таму листата за чекање е отворена.
Инаку бројот на легла во јавните домови изнесува 637 легла, а вкупниот капацитет во сите приватни домови ширум земјата изнесува 1595 кревети.
Марина Мустачки е сопственичка на два приватни старечки домови во близина на Скопје. После 14 години откако е во овој бизнис, Мустачки вели дека интересот за сместување во домовите е голем и во нив се влегува преку листа на чекање. Причината поради која е зголемена побарувачката за легла, ја гледа во иселувањето на младите од државата.
„Времињата се сменија. Младината се отсели од Македонија и бидејќи немаат каде да ги остават родителите, ги сместуваат во домовите. Во нашите домови има и медицинска нега и амбулантско лекување. Имаме секакви случаи на заболени. Кадар имаме доволно, иако признавам дека е се потешко да се најде добар и стручен персонал за оваа специфична работа со која се носиме“, вели Мустачки.
Видете и ова: Младите се иселуваат, нема кој да ги чува старитеМТПС: Отворен е повик за изградба на нови или реконструкција на постоечки домови
Одговорноста за изградба на нови јавни домови за стари лица владата ја префрла целосно на општините. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека секоја година објавуваат jавен повик за пројавување интерес на општините и општините во градот Скопје за изградба, проширување, реконструкција и адаптација на капацитетите за дневно згрижување и капацитети за давање на социјална услуга на корисници на социјална заштита. Од таму додаваат дека од страна на Владата се носи Програма за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица за тековната година во која се уредува финансирањето, како и за кои намени.
„Во моментот се изведуваат градежни работи за реконструкција и адаптација на деловен објект број 4 во ЈОУ „Дом за стари лица д-р Иван Влашки“– Берово, со кој ќе се зголеми сместувачкиот капацитет во домот, а истовремено се работи заедно со општина Кавадарци на проектната документација за изградба на нов дом за стари лица. Една од општините кои имаа поднесено барање за изградба на нов дом за стари лица е и општина Тетово, но бидејќи предвидениот простор кој им беше предложен за изградба на домот немаше чисти имотно правни односи, се чека од страна на општината да лоцира и предложи нов имотен лист, заедно со потребната документација“, информираат од ресорното министерство.
Во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги, пак, досега биле воспоставени и поддржани 22 проекти за воведување социјални услуги во 27 општини ширум земјата. Обезбедена е и конкретна поддршка за развој на различен тип социјални услуги на локално ниво, како што се: помош и нега во домот, центри за активно стареење и дневни центри за лица со попреченост. За давање на услугите обучени се и лиценцирани над 300 лица, кои обезбедуваат стручна поддршка и нега за околу 1000 корисници.
Преку вториот јавен повик доделени се избрани се уште 12 проекти во 17 општини, кои се во фаза на лиценцирање и подготовка за спроведување на социјалните услуги. Се очекува до средината на годината да почнат да даваат услуги кон корисниците.
Пописот во државата покажа дека населението во Северна Македонија старее. Населени места со најмногу младо население на возраст до 14 години се: Чаир, Аеродром и градовите Куманово и Тетово, а со старо население на возраст од 85 и повеќе години се скопските општини Карпош, Центар и градовите Битола, Прилеп, Велес, Охрид итн.
Податоците од пописот покажуваат дека во државата има скоро 5.000 луѓе на возраст од 85 години, над 8. 600 со навршени 80 години, повеќе од 11. 500 со 75 години возраст, а попишани се и 51 лице на возраст над 100 години.