Со воведувањето на полицискиот час на 10 март се засилија и контролите. Стотина граѓани во меѓувреме заработија пријави за прекршување на забраната за движење. Во истовреме на терен беа и пазарните инспектори кои затворија десетина правни субјекти поради непочитување на здравствените протоколи.
Министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека барањето на Комисијата за заразни болести за воведување на полициски час се должело поради нецелосното почитување на дел од анти- ковид мерките, особено поради собири после 22 часот и недозволени групирања. Но, групирањата во угостителските објекти покажаа дека и надвор од полицискиот час не се почитуваат мерките против ширење на ковид-19.
Видете и ова: Пратеници без двојни државјанства- само во две земји во ЕУПроблем е менаџирањето со пандемијата, а не полицискиот час, ако се земе предвид колку угостителски објекти се казнети настрана прекршителите на забраната за движење вели Александар Цветкоски од Асоцијација за граѓанска толеранција и соработка АГТИС.
„Јас не гледам дека институциите дека нешто силно и доследно го спроведуваат законот, посебно здравствените протоколи. Иако се казнува, но ние како граѓани гледаме дека еден од десет луѓе не носи маска на јавни места. Младите преку ден се дружат, на маса од 60 сантиметри имаме 4 лица, шансите да се заразат се сто проценти ако едно лице има ковид. Каква врска сега тоа има со полицискиот час и дали тоа се случува навечер после 11 или преку ден во 12 часот. На луѓето мерките не само што им се нелогични, некои им се и смешни“, вели Цветковски.
Вкупно 110 лица се казнети во изминатите 5 дена за прекршување на забраната за движење. Во просек по 22 лица дневно. Од МВР не одговорија колку од нив се казнети индивидуално или пак биле во група.
Согласно член 206 од Кривичниот Законик кој се однесува на непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, сторителот може да биде казнет со парична казна или со затвор до една година.
Додека пак угостителските објекти се соочија со забрана за работа од 10 до 30 дена и парични казни од неколку илјади евра, а заработија и прекршочна пријава. Меѓу нив изминатиов викенд се најдоа и два скопски локали кои не го почитуваа полицискиот час во минатата година и сега повторно се казнети. Затворен беше и бар со стрипизети и игротека каде се славел роденден.
Пред некој ден приведен беше сопственик на угостителски објект во Неготино, а потоа и сопственик на угостителски објект во Тетово. За двајцата МВР најави дека ќе биде поднесена кривична пријава за непостапување според здравствените прописи за време на пандемија.
Директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски изјави дека знаат оти на многу места не се почитуваат протоколите и доколку досега не интервенирале ќе дојде ред и на нив.
Зошто се кршат правилата, според Цветковски, е резулат на менталитетот.
Видете и ова: Студентите не ги знаат лидерите на факултетите„Секако е проблем на менталитетот кој се манифестира на многу начини. Факт е дека граѓаните се исто како децата, го прават она што го гледаат. Тие го гледаат однесувањето на институциите, на полицијата и на некои луѓе кои се моќни, па не може полицијата да го казни. Тогаш ако тие видат недоследност во сето тоа тогаш си велат и ние нема да почитуваат. Такви се Македонците кои ако видат дека не се спроведува законот доследно се ќе направи да не го почитува, па ако треба и маската ќе ја носи под носот да каже еве ве зафркнав на некој начин“, вели Цветковски.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски неодамна изјави дека ќе има сериозни санкции за оние кои мислат на профит пред заштитата на здравјето согласно мерките за ковид-19. Според него станува збор за 90 проценти од граѓаните во државата кои почитуваат мерки и 10 проценти кои што мислат дека најмногу тие знааат и само тие го прават тоа што треба да се прави.
„За тие има санкции. Секојдневно не само што затвораме и растураме семејни веселби, туку поднесуваме кривични пријави и за тие ќе има одговорност, нема да има толеранција. Секаде дали во Тетово, Куманово, Скопје, источна Македонија секаде каде што има такви состојби, рече Спасовски.
Полицискиот час од 22 часот до 5 часот наутро ќе трае до 22 март, а угостителските објекти работат до 21 часот. МВР секојдневно казнува и стотици граѓани кои не носат заштитна маска.