Масовната вакцинација на населението во земјава се уште не е почната. Засега се вакцинирани само 6940 здравствени работници. Досега се стигнати 8190 вакцини од производителот Фајзер, кои беа донација од Србија и 300 вакцини Спутник В од Русија. Граѓаните кои ги анкетиравме се поделени. Едни велат дека веќе се пријавиле за вакцинација, други не планираат да го сторат тоа, а трети се скептични дека вакцини воопшто ќе има.
„Не аплициравме за вакцина затоа што вакцината не е достапна за оние на кои им е потребна, а не за нас. Значи дека и лекарите останаа, невакцинирани. Не се гледа дека има доволно вакцини за обичната популација“, вели Бејто Морина.
„Да, аплицирав за вакцина и верувам дека ќе ни помогне на сите, бидејќи друга опција сега моментално немаме“, вели Теида Мелиќ.
„Во јавноста се и сешто се зборува и поради тие мерки, како да кажам на претпазливост не би се вакцинирал, затоа што сите вакцини што се јавија во јавност, не се сигурна работа“ вели граѓанин на Скопје.
„Не, сме аплицирале се уште го почитуваме тој ред, каде што прво постарите, па потоа ние помладите“, вели Мајда Бајрамовска.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во недела ќе стигнат 24 илјади дози од вакцината на АстраЗенека преку Ковакс механизмот, најави министерот за здравство Венко Филипче. Ковакс механизмот е систем на СЗО и на Глобалната алијанса за вакцинација којшто овозможува како што ќе доаѓаат вакцините од различни производители еднакво да бидат дистрибуирани кон сите земји коишто аплицирале на тој механизам.
АстраЗенека вчера ја ажурираше стапката на ефикасност на вакцините на 76 проценти. Оттаму повторија дека вакцината, што ја развија со Универзитетот во Оксфорд, е 100 посто ефикасна против тешки или критични форми на болеста. Исто така, фирмата рече дека вакцината покажала 85 процентна ефикасност кај возрасни на 65 години и постари.
„Немам ништо против кинеската, ни Спутник“, вели Анабела Митева.
„Да ти кажам право, дури и оние кои се професионалци, дури и тие не знаат, немаат фаворит вакцина. Не знам, ниту пак ние имаме“, додава Бејто Морина.
„Јас не би се вакцинирал со ниту една вакцина. Нема вакцина, ова е лажно. Нема ниту вирус, ништо“, смета Лавди Ејупи.
Се чека на руски и кинески вакцини
Премиерот Зоран Заев пред два дена најави дека кон крајот на месецов или на почетокот на следниот ќе започне имунизацијата.
„Она што го знаеме по сите информации е дека на крајот на март ги очекуваме првите количини од Ковакс системот. На 30-ти доаѓа министерот за одбрана на Кина и веруваме дека ќе донесе попрецизна информација кога ќе стигнат и кинеските вакцини. Мислам дека кон почетокот на следната недела ќе стигнат и вторите дози од „Спутник“ кои се користат за здравствените работници“, рече Заев.
Видете и ова: Филипче: Во недела пристигаат 24 илјади вакцини од АстраЗенекаФилипче вчера порача дека масовната имунизација се планира во април и таа ќе почне со поголемите количини кои треба да стигнат од Кина и Русија. Според него, од претставници на руската амбасада и на компанијата е добиена потврда за втората количина од вакцината, а воедно се очекуваат информации и за останатите количини од 200 илјади Спутник вакцини, како и за кинеските вакцини од производителот Синофарм.
Ако се земат превид изминатите изјави на Филипче во земјава до крајов на месецот требаше да има далеку повеќе вакцини.
„800.000 дози очекуваме преку Ковакс системот до крајот на март, исто толку очекуваме и од Фајзер со кого сме во последна фаза на договор, а 200.000 знаеме дека се очекуваат од „Синофарм“ на крајот од овој месец“, изјави Филипче во средината на февруари при гостување на Топ тема.
Преку vakcinacija.mk и Мој термин се пријавиле над 140 илјади лица заинтересирани за вакцинација. Според националниот план за вакцинација по здравствените работници треба да се вакцинираат лицата постари од 70 години.