Во последните две години променета е свеста кај граѓаните за прашањата поврзани со климатските промени и тие повеќе се информирани за темата, бидејќи во истиот период објавени се и десетици новинарски текстови, вели Елена Николовска од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест.“
„Полека се менува и свеста кај граѓаните и тие ги поврзуваат екстремните временски услови со она што се случува на глобално ниво, односно климатските промени“, вели Николовска.
Македонија и земјите од Балканот веќе ги чувствуваат ваквите појави, особено сушите од кои најмногу страдаат водните ресурси и храната. Но, според истражувањата, од зголемените температури и недостигот на вода особено ќе бидат погодени и градовите.
На пример, според официјалните научни студии за Скопје, предвидувањата се дека топлотните бранови во главниот град ќе бидат подолготрајни, а врнежите ќе се намалуваат.
Македонија ќе има само две годишни времиња
„Еко-свест“ е дел од Коалицијата за клима составена од граѓански организации кои работат на едукација и информирање за овие теми и за зголемено учеството на граѓаните во носењето на одлуки и во мониторирање на спроведувањето на истите.
„Кога пред две години ја започнавме приказната, речиси воопшто немаше информации за климатските промени, освен она што беше пренесувано за странските случувања. Конкретно, немаше информации што се случува во нашата држава, па така и граѓаните имаа многу ниски познавања за овие теми, речиси никакви“, вели Николовска.
Македонија има усвоено повеќе документи во насока на ублажување на последиците од климатските пормени. Земјата го ратификуваше Договорот од Париз за приклучување кон глобалните напори за климатските промени, беа усвоени неколку двогодишни извештаи, а неодамна беше донесена и новата Национална стратегија за енергетика до 2040 година, со која е предвидено да бидат затворени сите термоелектрани на јаглен и да се направи транзиција кон обновливи извори на енергија.
Според Третиот национален план за климатски промени, температурата во земјата до 2025 година ќе се зголеми за 1,2 целзиусови степена, додека до 2100 година за 3,9 степени.
Преспанско Езеро се повлекува, сушата зема данок, но одговорни се и земјоделците
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Сепак, земјата допрва треба да го донесе Законот за климатска акција чија изработка беше започната минатата година, Стратегијата за климатска акција, како и Националниот план за енергија и клима – документи кои треба да дадат насоки за работата на повеќе сектори.
Активистите од „Еко свест“ деновиве ги анализираа и најновите изборните програми на политиките партии и нивните напори за климатска акција. Кај поголемите партии поопширно е објаснета темата, додека кај помалите има „интересни политики“ кои доколку се применат можат да направат значителна разлика во насока на климатска акција, посочува Николовска.
„Впечатоците се дека генерално климатската акција и климата, многу малку се застапени во изборните програми и во приоритетите. Ние како репер го земавме меѓусекторското гледање на климатсктие промени, бидејќи е меѓусекторски проблем кој задира во повеќе теми во општеството и токму тоа недостасува во изборните програми. Климатските промени се спомнуваат само во делот на животна средина и во енергија, а ги нема толку во останатите делови, како здравје, транспорт, труд и социјална политика...“, вели Николовска.
Светската банка уште пред неколку години излезе со податоци дека поради влијанието на климатските промени, Балканот ќе станува се потопол регион каде ќе има повеќе комарци кои ќе шират болести. Сепак климатските промени можат да предизвикаат појави кога наеднаш паѓаат големи количини на дожд.
„Тоа што неодамна кај нас паѓаше град со големина на тениско топче и што во некои делови падна дожд поголем од месечниот просек за јуни, се само знаци дека климата се менува“, велат од „Еко-свест.“
Предупредувањата на научниците од целиот свет се дека зголемените емисии на стакленички гасови во атмосферата ќе ги зголемуваат температурите, што значи дека во некои региони ќе има многу вода, додека во други ќе има суша, а решенијата ќе мора да се бараат во намалување на емисиите на стакленички гасови и поддршка на алтернативни економии е градење на енергетски ефикасна инфраструктура.
Во оваа насока се укажувањата и на организациите од Коалицијата за клима, дека заштитата на здравјето и добросостојбата на граѓаните треба да биде приоритет, а особено опоравувањето од кризата од Ковид-19 кое треба да значи зелен развој и раст на „еколошка“ економија, односно индустрија која нема да загадува и да прави штета, се вели во објавата при стартувањето на Коалицијата за клима за поамбициозни климатски политики во земјата.