Младиот доктор Гент Билали својата специјализација по хирургија ја ставил во мирување за да може да помогне во справувањето со наплив на пациенти позитивни на ковид-19 во гостиварската болница „ Ферид Мурад“. Тој вели дека заедно со неколку колеги се откажале од секојдневните обврски за да им помогнат на колегите во родниот град да се справат со толку голем број на пациенти кои доаѓаат одеднаш. Август беше тежок месец за Гостивар, вели Билали.
„Состојбата пред еден месец во Гостивар, кога доаѓаа печалбарите и ние не можевме да седиме без да се поздравиме или без да се видиме со нив. Се најдовме во една ситуција кога во Република Македонија имаше повеќе луѓе отколку што има секојдневно. Со тоа ни се случуваше да има голем број на пациенти. Честопати беше жалосно да се гледа, кога идеа луѓе кои имаа потреба од болничко лекување, а нашиот болнички капацитет беше полн. Дури беше и преполн да кажам, додававме кревети по соби за да можеме барем уште еден пациент да примиме“, вели Билали.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Гостиварци велат дека свадбарската сезона и печалбарите летово го „издигнаа“ градот високо на листата со голем процент на заразено население со ковид-19.
„Свадбите и неносењето маски се виновни“, вели Холомон Хусеини.
„Без проверка пуштаа на граница, доаѓаат од Швајцарија, имаше и болни кои дојдоа и го донесоа вирусот“, велат анкетираните жители во центарот на Гостивар.
Видете и ова: Неодговорени прашања за пожарот во тетовската болницаСамо во изминатиoв месец Тетово, Куманово и Гостивар влегоа во првите пет града во земјава со најмногу ново заболени од коронавирусот. Доктор Билали вели дека пикот го погоди Гостивар неочекувано и силно. Како што објаснува, за само една недела од седум ковид хоспитализирани пациенти бројот толку многу се зголемил што требало да отворат други одделенија за да примат ковид пациенти.
„Повеќето пациенти доаѓаа во состојба кога беше доцна, некои доаѓаа на време, ама се исполнија бројчињата и капацитетите. Не сум имал потежок случај во кариерата, иако немам долга кариера, сепак не сум имал потежок случај од тоа да видиш како некој те моли да му најдеш место за родител, за фамилија, да најдеш слободен кревет, а ти немаш слободен кревет. Да бидам искрен на мојот татко и мајка им реков - не излегувајте од дома, затоа што ако нешто ви случи нема да можам за вас да најдам кревет“, вели доктор Билали.
Короната коси во полошкиот регин
Само во август во Гостивар починале 69 луѓе од последици од ковид-19. Вкупниот број на починати во овој град од почетокот на паднемијата изнесува 353 што е 4,5 проценти од вкупниот број на позитивни случаи со ковид 19. За споредба процентот на смртност во Скопје од позитивни случаи изнесува 2,3 проценти. Жителите на Гостивар кои ги анкетиравме, а кои загубиле член од семејството во битката со коронавирусот велат дека се незадоволни од условите во гостиварската болница и сметат дека во неа нема доволно медицински кадар.
„Тие беа прво тука, па после ги пратија во Тетово и после два до три дена починаа“.
„Нема никакви услови во болницата, ги праќаат од тука во Тетово, од Тетово во Скопје ама нема никаков резултат“.
„Се пријавуваат доцна, а докторите што може да прават ако доцна се јавуваш, и ние сме криви како пациенти“, велат анкетираните жители на Гостивар.
Во последните две недели се забележува благо смирување на позитивни случаи на ковид-19, додека бројот на хоспитализирани побавно се намалува, велат лекарите од болницата. Додаваат дека сега конечно имаат време и за еден нормален оброк, што за време на пикот, им било незамисливо.
Пожарот во Тетово го отвори прашањето за безбедноста на модуларните болници
Тетовската опожарена модуларната ковид болница во која загинаа 14 луѓе го покрена прашањето во јавноста за безбедноста на модуларните болници но и за почитувањето на болничките правила. Меѓу загинатите имаше две лица кои не биле хоспитализирани, туку биле придружба на пациентите заразени со коронаворуси. Оттука се поставува и прашањето дали само во Тетово се прекршуваат протоколите и забраните за посета на пациенти заболени со заразниот ковид-19. Тетовчанецот Џевдет Беадини пред камерата на РСЕ сведочеше дека неговиот внук десетина дена како придружба се грижел за своите родители во тетовската модуларна ковид болница.
„Условите таму се катастрофа, јас сум имал сестра и зет. Зет му почина во сабота, а сестра ми во понеделник. Внукот мој десет дена седеше во болница со мајка му, со мојата сестра. Нема доволно медицински сестри, немаат ништо. Сите мора да се грижат за своите луѓе во болница“, ни изјави Беадини.
Тој објасни дека во тој период од десет дена неговиот внук се менувал со сопругата за да може да се грижат за болните родители, затоа што немало доволно медицински кадар за да ги гледа пациентите.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Гостиварчани се жалат на недостиг на медицинари
При посетата на гостиварската болница забележавме пред главниот влез неколку роднини на пациенти кои излегоа од болницата каде што биле придружба на болните од коронавирус. Пред камерата не сакаа да зборуваат за тоа зошто се таму и зошто си го ризикуваат здравјето прекршувајќи ги болничките правила кои го штитат нивното здравје.
Но, зад камерите велат дека проблемот е во недостигот на кадар во болницата. Засега се задоволни од третманот кој го добиваат во болницата откако помина пикот и болницата брои помалку од 25 пациенти, па доволно се лекарите и сестри кои се таму. Претходно кога болницата броела стотина хоспитализирани пациенти тешко се издржувало со еден лекар во смена и три медицински сестри кои не можеле да постигнат да ги прегледаат амбулантните пациенти и хоспитализираните.
„Јас го влечам лево лекарот, друг го влече десно, што може да направи еден доктор сам“, ни рече еден роднина на хоспитализиран пациент кој веќе четврта недела се лечи од последиците од ковид-19.
Забрананата за посетите не се почитува ни во Гостивар
Пензионерот Бахредин Сулејман кој поради потешкотии од коронавирусот бил хоспитализиран во гостиварската болница неколку дена сведочи дека посетите во ковид центарот се дозволени. Тој вели дека во болничката соба на инфективното одделение го посетиле неговите деца.
„Доле ќе го облечат во нивно одело и ќе го пуштат, ама само по еден на посета пуштаа“, вели тој.
Докторот Билали признава дека иако посетите и задржувањето подолго со ковид пациенти во болницата не се дозволени, роднините не секогаш го почитуваат тоа правило. Но. додава дека таквите злоупотреби не биле чести . Тој објаснува дека медицинските работници не можат да бидат и обезбедување на болницата.
„Значи роднини да се грижат за пациент по неколку часа немало, дури ни редовни посети немало, ви велам се случувало на пример некогаш кога е при крај, гледаат некои пациенти од емоции, им се случува да влегуваат преку прозор. И нормално нема ни да го забраниш, кога некој човек губи близок човек од семејството, нема резон јас или сестрата да се бави со тоа да не му дозволи да влезе внатре кога нас ни е приоритет да дадеме се од нас да спасиме колку што можеме“, вели Билали.
Министерот Венко Филипче на прес конференцијата еден ден по трагичниот настан во Тетово беше дециден дека посети во инфективни одделенија каде што се лечат пациенти со заразни болести се строго забранети.