Точно една година од руската инвазија врз Украина, жителите на Киев се прилагодуваат, колку што можат, да живеат „нормален“ живот во воени услови. Кога има воздушна тревога, а тоа се случува речиси секојдневно, луѓето одат во засолништа, најчесто во метрото, а понекогаш таму се одржува и настава. Но, веќе се навикнаа.
„Тие први денови беа најтешки бидејќи луѓето беа многу збунети, исплашени. Сите беа многу загрижени, нервозни. Родителите беа загрижени за своите децa“, вели Тамара Чајало, работничка во метро.
На игралиштето кое беше погодено од проектил во октомври, Ксенија Булхакова си игра со својот син. Но, стравот од нов напад е секогаш присутен, а украинските мајки како неа, се преокупирани со заедничката мисла: „Нашите деца нема да бидат безбедни додека не победиме“.
„Пред 12 години на оваа клупа мојот сакан сопруг ми изјави љубов. Тој сега си игра со нашиот мал син во песокот таму. Нападот (октомврискиот) беше многу болен за мене бидејќи ни е многу драго место. Не исплаши дека е невозможно да се чувствуваме безбедно дури и на детско игралиште. Ова игралиште и октомврискиот ракетен напад не потсетуваат на чувствата на мајките чии срца се растргнати на парчиња. Нашите деца нема да бидат безбедни додека не победиме“, вели Булхакова.
Олена Терешченко вели дека руско-украинскиот конфликт всушност трае многу подолго, но тоа што се случува сега, ги научило повеќе да го ценат секој момент.
„Војната трае веќе девет години. Но, во минатите осум години тоа не влијаеше на животите на сите луѓе. Сега е присутна во сечиј живот. Нашите деца се деца на војната. Научивме да го цениме секој момент, вели Терешченко.
За градскиот туристички водич Јулија Бевзенко и нејзините претежно украински клиенти, обиколката на архитектонските богатства на градот е еден од начините за продолжување под вонредни околности. Таа ги приспособила своите тури да вклучуваат и засолништа, за секој случај.
„Имајќи предвид дека тоа е Киев, дека има напади и така натаму, одлично е што луѓето ми пишуваат дека се многу среќни што се случуваат вакви настани, охрабрувајќи ме да продолжам со мојата работа за да можат да дојдат и да го разгледаат Киев бидејќи долго време ги одложуваат патувањата. Затоа што, кога, ако не сега?", прашува Јулија Бевзенко.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Таа жед за нормалност е исто така карактеристика на ноќниот живот во Киев, каде што жителите уживаат во концерти и други настани иако се под ризик од воздушен удар во кое било време.
„Влезот на сите наши концерти е бесплатен. Ние собираме донации (за вооружените сили на Украина), спроведуваме аукции и изложби, продаваме слики, итн. Ова им помага на нашите шанкери, келнери и готвачи, сите ние да разбереме зошто живееме овде и што можеме да направиме за оваа земја. Ова е врска помеѓу војната и мирниот живот. (Тоа овозможува) да се исклучиме за момент, да се погледне убава слика, да се слуша омилениот изведувач. Да се сетиме се каков беше животот порано и како ќе биде по нашата победа“, вели Мирослав Криж, сопственик на клуб во Киев.
Украинските бегалци во Македонија: Не ни сонувавме дека ќе ни се случи војна!
Според последните статистики на УНХЦР, конфликтот веќе принуди над осум милиони луѓе да ја напуштат Украина, а шест милиони се внатрешно раселени. Голем број европски земји ги отворија вратите за украинските државјани, а голем дел од нив се наоѓаат и во земјите од Западен Балкан.
Во Македонија во моментот престојуваат околу 6500 украински државјани. Од нив речиси 400 побарале привремен престој по основ на хуманитарни причини, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„Во период од 24 февруари 2022 година до 19 февруари 2023 во нашата земја влегле вкупно 30 303 лица од Украина, а пак за истиот период 23 820 лица оствариле излез од територијата на Република Северна Македонија. Во истиот период привремен престој по основ на хуманитарни причини бил одобрен за 395 лица, државјани на Украина. Досега поднесено е само едно барање за азил за четири лица, (мајка со три малолетни деца), но многу брзо по поднесување на барањето, лицето го повлече истото и се откажа од барањето - во сите фази на постапката“, информираат од МВР.
Како туристи украинските државјани смеат да останат во земјава само три месеци, а ако сакаат подолго, најчесто бараат дозвола за привремен престој од хуманитарни причини според Законот за странци, со која тука можат да останат една година. Сепак со ваков документ украинските државјани не стекнуваат право на помош од државата. Оние кои бараат азил во Македонија државата ги зема под своја закрила, обезбедувајќи им сместување и храна, а ако барањето биде решено позитивно и добијат бегалски статус, тогаш ги добиваат скоро сите права кои ги имаат и македонските граѓани.
Оние со кои разговаравме се задоволни од животот тука. Сергеј Лагода од украинскиот град Буча престојува во Скопје со неговото семејство. Засекогаш ќе го памети утрото кога го слушнал звукот за воздушна опасност и силните експлозии кои засекогаш ќе го променат неговиот живот. Задоволен е од животот тука. Неговите деца посетуваат градинка и училиште, ама обидот да работи во Скопје засега е неуспешен.
„Не пречекаа во Македонија убаво и Македонија не пречека убаво, отпрвин ни беше обезбедено бесплатно живеалиште, ТИНС хотел, до мај месец, тука ни се допадна, луѓето се гостопримливи, не е скапо, вкусно, што се однесува за вработување, за странците и бегалци тоа е проблематично, ама се запознав со Александар, се запознав со Украинците во Македонија, генерално гледано се е ок, има одделни ама во однос на работењето. Јас регистрирав фирма во Македонија, воопшто не беше проблем ама отворање сметка на фирма испадна голем проблем, 4 банкарски установи ме одбија, сега чекам уште од една банка одговор“, вели Лагода.
Видете и ова: Украинските бегалци во Македонија: Живееме од денеска за утреНаталија Тасевска и Александар Петровски во Македонија дошле поради семејните релации во Скопје. Сопругот на Тасевска и таткото на Петрески се Македонци па оттука одлуката да дојдат во Македонија била очекувана. И покрај најавите дека може да се случи инвазија, Наталија до последен момент одбивала да ја прифати помислата дека во 21 век ќе ни се случи војна. Но стравот од иднината за нејзиниот двегодишен син бил пресуден да замине од родната Украина.
„На почетокот живеевме со роднини. На почеток беше тешко две семејства во еден стан, не месец, не два уште малу цела година. Живеевме во станот, плаќавме кирија, само сопругот работи. Сега сменивме место на живеење и сакаме да го дадеме детето во градинка, а јас ќе барам работа. Денеска не планирам ништо. Сакам да се вратиме, но уште не планираме кога. Како ќе биде, така“, раскажува Тасевска.
Седумнаесетгодишниот Александар пак успешно се интегрирал во македонското општество. Тој е ученик во средно училиште во скопската населба Кисела Вода, а во слободното време работи и како келнер во една скопска пицерија.
„Убаво ми е тука. Одлично. Имам куп другари Македонци, затоа што се многу доби луѓе, сакаат да им правиш друштво, да шеташ со нив, да разговараш, професорите се одлични. Не е тешко. Само малку требаше да поживеам да позборувам, да имам комуникација со македонските деца и се лесно беше“, вели Петровски.
По долго патување од родниот Киев до повеќе локации низ Европа, и украинската видео блогерка Јанина Злебова се засолни во Скопје. Со семејството во Киев комуницира само кога имаат струја, а во меѓувреме за својата публика снима видеа од Македонија.
„Во Македонија запознав многу љубезни и искрени луѓе кои сакаат да помогнат на многу начини. Можат да ве информираат, да разговараат со вас, да ве развеселат. Има Македонци кои ги гледале моите видео снимки и оставиле позитивни коментари. Имам помош и од Црвен крст, на пример. Мислам некаква помош ви е достапна и можеш да почувствуваш дека луѓето сакаат да ви помогнат. Тоа е она што е најважно“, вели Злебова.
Поради законските ограничувања за странците во земјава, украинските државјани засега зависат само од хуманоста на луѓето во Македонија и домашните и меѓународните организации.
За полесно справување со проблемите со кои се соочуваат се грижи и здружението „Заеднички дом за мајки и деца од Украина“. Александар Бондаринко кој е еден од основачите на здружението вели дека се обидуваат да им помогнат на овие луѓе онолку колку што можат.
„Им помагаме на луѓето со сместување со вработување, со училиште. Во соработка со невладините организации имаме заеднички проекти да донесеме некоја храна, облека…Многу соработка имаме со Црвен крст, од град Скопје. Од јуни почнавме со курсеви на македонски јазик. Во 2023 година имаме уште еден проект, да почнеме со часови на англиски јазик во соработка со Каритас. Се надеваме да им помогнеме на сите онолку колку што можеме“, вели Бондаринко.
Видете и ова: Украинските бегалци оставени на хуманоста на македонските граѓаниНемањето здравствено осигурување им претставува најголем проблем, па многумина од нив се принудени да се лекуваат приватно или да ги користат услугите на Црвениот крст и хуманитарните здруженија.
Се чини дека Украина е на пат на долга војна, обележана со руското немилосрдно бомбардирање на украинската инфраструктура. И Украинците во Македонија и Украинците кои останаа во својата татковина имаат иста желба, а тоа е да заврши војната и да се врати нормалниот живот.
Според статистиките на Обединетите нации, руската војна предизвикала повеќе од 21 000 цивилни жртви од нејзиниот почеток, од кои 8 006 луѓе се убиени, а 13 287 ранети. Околу 90 отсто од цивилите, загинале во експлозии предизвикани од артилериски ракети и гранати.
Заеднички став на сите земји од Западен Балкан е осудата на руската агресија, а тоа на дело го покажаа и Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Србија ѝ помогнаа на Украина во текот на 2022 година. Само Србија не воведе санкции кон Русија, додека одлуките за санкции на БиХ не се спроведуваат во пракса.
Покрај хуманитарна помош, Македонија и донираше тенкови на Украина. Црна Гора од почетокот на војната ѝ испратила помош на Украина во висина од 11 отсто од вкупниот годишен црногорски буџет за одбрана, а БиХ ги олесни процедурите за престој на украинските бегалци. Хуманитарна помош даде и Косово, а српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека испратиле хуманитарна помош и поддршка на сите можни начини и вети учество во изградбата на одредени градови и населби во Украина.
На 24 февруари Русија ја нападна Украина, откако претходно рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со кој формално ги призна отцепените региони Доњецк и Луганск како независни. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика сите граѓани кои беа подготвени да ја бранат земјата од руските сили, велејќи дека Киев ќе издаде оружје на секој што го сака.
По неколкудневните напади на 28 февруари на белоруската граница се одржаа разговори меѓу руските и украинските претставници со цел итен прекин на огнот и повлекување на руските сили. Разговорите тогаш беа безуспешни, исто како и другите обиди да се стави крај на руско-украинскиот конфликт.