Го славиме, а знаеме ли што одбележуваме на 11 Oктомври?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Против кого се бореле партизаните на 11 Октомври 1941?

Денес се одбележува 11 Октомври, кога пред 78 години македонскиот народ се крена против окупаторот за ослободување на земјата. Ние не можеме да ја менуваме историјатa, велат од Сојузот на Борците за барањето на Бугарија да се избришат написите каде пишува „фашистички окупатор“.

Дел од граѓаните велат дека настаните на 11 октомври 1941 година, на првата пушка во Прилеп и Куманово и многу други настани од тој период се важни, дополнувајќи дека со тоа македонскиот народ се приклучил кон антифашистичката војна. Но, има и луѓе особено од помладите генерации кои не ги знаат деновите што се одбележуваат како државни празници и настани од НОБ и не ги доживуваат како свеченост, освен што не се работи.

На годинашното одбележување на 11 Октомври кај дел од граѓаните се чини дека предизвика реакции барањето на Бугарија да се избришат сите натписи од историските учебници каде пишува „бугарскиот фашистички окупатор“.

Видете и ова: Бугарија нема да го спречи датумот за ЕУ, но ќе става сопки

Еве што изјавија граѓаните за Радио Слободна Европа на прашање дали знаат кој празник се одбележува, против што сме се бореле и од кого почнала да се ослободува Македонија на 11 Октомври.

„11 Октомври е денот на македонското востание за време на Втората светска војна кога во Прилеп во организација на локалното народно ослободително движење борците илегалци извршиле напад врз таму поставените окупаторски сили за кои денеска е забрането да кажеме од која страна дошле“, ни изјави граѓанка на Скопје.

„Тогаш пукнала првата пушка во Македонија, во Куманово и Прилеп“, вели Силвана Марковска - Симовска

„Што се случило.. некако не знам“, ни рече граѓанка на Скопје.

„Од кого се ослободила Македонија? Од фашистите, во еден дел биле Бугарите, во друг дел биле Италијанците, а во мал дел Германците“, коментира една скопјанка.

„Јас сум од генерациите во чии историски книги пишуваше од германскиот и од бугарскиот фашистички окупатор. Слушам дека министерката за надворешни работи на Бугарија изјавила дека ќе постават уште поригорозни услови ако почнат преговорите, каде што ќе биде токму тоа забрането да се каже дека овде имало бугарски антифашистички окупатор. Луѓето ќе си знаат барем од постарите генерации, а помладите колку што гледам тоа не ги интересира и гледаат начин како да си заминат од земјава“, ни изјави една граѓанка.

„Од кого се ослободувала? Од окупаторот ... не можам да кажам“, вели друга скопјанка.

„Од Бугарите како што сега нивните политичари одбиваат да се каже, во нивниот сојуз биле и Италијанците и Германците кои ги воделе“, изјави граѓанин на Скопје.

„А не знам тоа, од кого беше, од фашистите така? Така нешто беше. Не се сеќавам баш добро, сум заборавил“, вели скопјанецот Александар Сиљановски.

11 Октомври е најзначајниот датум во македонската историја и тоа треба така да остане, ни изјави 90 годишниот Трајко Стаматовски, претседателот на Сојузот на борци на Скопје, кој учествувал во Народно ослободителната борба.

Професор Стаматовски, кој е и истакнат лингвист, вели дека 11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, Кресненското и во Илинденското востание.

„Во историјата на секој народ има многу настани кои остануваат длабоко во сеќавањата на народот. Има издигања има и паѓања. Востание кое е победничко е 11 Октомври 1941, затоа сметам дека 11 Октомври е еден од најсветлите датуми во историјата. Без ова ослободително народно движење немаше да постои Македонија. И ова е еден момент кој ќе остане длабоко во сеќавањето, бидејќи ја донесе слободата на македонскиот народ“, вели Стаматовски.

Тој додава дека луѓето не може да ги менуваат историјата и фактите.

„Ние не можеме истoријата да ја менуваме. Германците отидоа да се извинат и не им пречи ништо што Германците го нападнале Советскиот Сојуз и да се извинат за тоа што го нaправилe. Во историјата ништо не зависи од една изјава, било да е од највисок државник или некој обичен човек, но во историјата има епохи кои се одбележуваат со соодветни имиња“, изјави професор Трајко Стаматовски.

Нашите соговорници велат дека со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција Македонија застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија во современата историја.