Нека заврне: гневот расте поради големата суша во Централна Азија

Трупот на коњ во близина на селото Акшимирау во провинцијата Мангистау во Казахстан, која во моментов ја доживува својата најголема суша

Температурите се високи, а водата станува се поретка во Централна Азија. Тоа предизвикува големи економски проблеми за регионот. Брус Паниер

Поголемиот дел од Централна Азија доживува екстремна суша оваа година. Тамошните жители се топат во жешкото време и рекордните температури во услови на недостаток на дожд. Но, тоа не ги спречува да бараат некој да обвинат, а често има и луѓе кои треба да прифатат одредена одговорност за лошо раководење.

Сушата го зема данокот

Првите што ги препознаа знаците на големата суша се земјоделците и сточарите. Во западната провинција Мангистау во Казахстан, граѓанскиот активист Џанибек Кожик за Казахстанската служба на РСЕ изјави дека старите луѓе во провинцијата велат дека никогаш не виделе нешто како сегашната суша.

Топлотен бран - потребна е адаптација за екстремна клима

Тој вели дека уште во раната пролет било очигледно дека доаѓа голема суша и ги обвини службениците дека не ги послушале предупредувачките знаци. Мангистау е претежно пустина, но има области каде што е можно пасење, па загубите во провинцијата често се бројат во овци, крави и коњи, од кои илјадници веќе починале - иако никој не е сигурен колку.

Видете и ова: „Безнадежно жедни“: расте гневот на Иранците спрема власта

Има малку трева за пасење на стадата, а цената на сеното и житото за добиточна храна се зголеми во многу делови на Казахстан. Имаше извештаи во јуни дека некои овчари прибегнувале да ги хранат своите коњи со картони. Кожик рече дека луѓето носеле картони од крајбрежниот град Актау на Каспиското Море за да ги нахранат своите животни, но дека сега „има недостиг и од картони“.

Владата на Казахстан многу доцна ја процени големината на ситуацијата, но преземени се мерки да се донесе сено од други делови на Казахстан и да се направи достапно по разумни цени. На 26 јули, казахстанското Министерство за земјоделство, исто така, воведе шестмесечна забрана за извоз на сточна храна и жито за храна од животинско потекло, за да може резервите да се пренасочуваат внатрешно.

Илјадници километри југоисточно, во северната провинција Чуи во Киргистан, земјоделците беа меѓу првите што ја проценија големината на сушата. Растенијата никнаа, но набрзо почнаа да венеат поради недоволното снабдување со вода.

Официјалните претставници на Киргистан го истакнаа очигледното - дека едноставно нема доволно вода - но тие исто така укажаа и на системот за наводнување од советско време, на кој му е потребна поправка, односно дека едноставно не е доволен за да ги задоволат современите потреби.

Глобална закана од климатските промени за здравјето на децата

Киргистанскиот заменик-министер за земјоделство Нурлан Шерипов посочи дека советскиот систем за наводнување во Чуи бил изграден за државни фарми на кои се одгледувале земјоделски култури за кои не било потребно често наводнување. „Денес, приватните фармери одгледуваат пченка и дињи и други култури кои бараат повеќе вода“, рече тој.

Бидејќи властите изгледаа дека се неспособни да направат нешто веднаш, некои фармери во Чуи ги зедоа работите во свои раце и пренасочуваат повеќе вода од каналите на нивните полиња, обично ноќе. Властите на крајот мораа да ги затворат малите акумулации што ги полнат каналите и да ставаат чувари околу нив. Фармерите во Чуи потоа го блокираа главниот пат помеѓу Ош и Бишкек, барајќи од властите да ги решат нивните проблеми со водата.

Видете и ова: Ќе се соочиме ли со недостиг на вода?

Локалните власти ветија дека ќе ги поправат постојните канали и капацитети за складирање вода, ќе изградат нови и ќе ископаат нови бунари во провинцијата.

Во провинцијата Наманган во источен Узбекистан, расправијата за вода меѓу земјоделци прерасна во тепачка која заврши трагично за еден од нив. Неколку стотини километри на запад, земјоделците во областа Ангор во провинцијата Сурхандарија се во спор со локалната фарма. Приватните фармери велат дека фармата добива најголем дел од водата и ги обвинуваат локалните власти за нефер распределбата на водата.

Узбекистанската служба на РСЕ објави дека конфликтот меѓу приватните земјоделци и оние од државната фабрика започнал на почетокот на јули и оти судот го разгледува случајот Во меѓувреме, избиваат скоро секојдневни расправии меѓу двете групи во близина на каналот.

И градовите без вода

Земјоделците и сточарите можеби први видоа дека доаѓа недостиг на вода, но сега на луѓето во градовите им е јасно што значи сушата и за нив. Многу од жителите на Кулоб, третиот по големина град на Таџикистан, имаат проблеми со вода во своите домови и се принудени да носат пластични шишиња и кофи до јавните славини за вода и да ги носат назад до нивните станови.

недостаток на вода во селата во близина на градот Кулоб

Талаб Иброхимов, вели: „Имам 78 години и сега носам две пластични кофи на ден. Ова е моја работа, да носам вода“.

ОН - Човештвото мора да ги промени навиките за да избегне глад


Ноќта на 12 јули, околу 100 жители на местото Бесагаш, во близина на најголемиот казахстански град Алмати, го блокираа главниот пат за да протестираат против прекинот на водата во нивните домови. Слични проблеми беа пријавени во градот Орал во северозападен Казахстан.


За Туркменистан, летните горештини се нормални, но оваа година температурите низ земјата честопати достигнуваат 50 Целзиусови степени. Во источната провинција Лебап, на 7 јули живата се искачи на 55 Целзиусови степени. Луѓето во овој град продаваат 20 литарски шишиња со вода за пет манати (околу 1,4 долари). Тоа не е превисока цена, но за семејствата на кои им е потребна вода трошоците можат брзо да се зголемат.

Видете и ова: Македонија ќе има само две годишни времиња

Во Киргистан, каде што најголемиот дел од електричната енергија е од хидроцентрали официјалните лица веќе ги предупредуваат граѓаните да се подготват за исклучување на струјата, делумно поради ниското ниво на вода во акумулациите.

Недостатокот на вода исто така води до зголемување на цените на храната, а со овенување на земјоделските култури и со намалување на стадата, тие трошоци најверојатно ќе продолжат да се зголемуваат и следната година.

Морковот е една од најчестите состојки во различни јадења во Централна Азија, но цената за килограм моркови скокна за околу 700 проценти во Казахстан, а слична е ситуацијата и во другите четири држави од Централна Азија. Сушата ќе заврши еден ден, но проблемите со водата не исчезнуваат.

Променливите климатски промени придонесуваат за екстремните временски услови и слични тешкотии најверојатно ќе зачестат во иднина.

Населението во Централна Азија - кое беше само околу 8 милиони луѓе во почетокот на минатиот век, а во моментов брои околу 75 милиони - ќе достигне околу 80 милиони до 2030 година со сегашните стапки на раст.

Официјални претставници низ Централна Азија ветуваат дека ќе ископаат повеќе бунари како брзо решение за тековниот недостаток на вода. Во Мангистау, има луѓе кои ги повикуваат нафтените компании да престанат да дупчат нафта и да ја користат својата механизација за барање вода.