Откако на Јутјуб се појавија снимените телефонски разговори на премиерот Зоран Заев со двајцата руски пранкери кои лажно се претставиле дека се првиот човек на НАТО, Јенс Столтенберг и украинскиот претседател Петро Порошенко, во јавноста не престануваат реакциите за тоа кој е виновен за овој гаф, обвинувањата против премиерот од опозицијата и натамошното „надградување“ на случајот.
Видете и ова: Заев – Жртва сум на анти-НАТО група, ВМРО-ДПМНЕ бара оставкаНова Македонија пишува: „Не премиерот туку протоколот и безбедноста повторно паднаа на испит“. Порталот на истиот весник ја пренесува и прес-конференцијата на премиерот Заев на која тој ја потврди автентичноста на разговорите со двајцата Руси и призна дека е „измамен од добро организирана структура што извлекува придобивки од тактики за медиумска дискредитација, најчесто насочена против личности и земји со евроатлантски аспирации“.
Слободен печат со овој наслов информира за пресот: „Заев им се јавувал на лажните Порошенко и Столтенберг, а за измамата дознал дури откако разговорите се објавени на Јутјуб“.
Независен оди со насловна: „Заев се брани, опозицијата бара оставка“.
Електронските изданија на печатените медиуми ја објавуваат и изјавата на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска: „Службите не можеле да реагираат за да го спречат разговорот со руските комичари, би можеле да реагираат кога би го правеле тоа што го правеше Сашо Мијалков, кога би ги прислушувале сите разговори на премиерот и да ги анализираат“. „Државата мора да се навикне на тоа дека ќе биде цел на хибридни, кибер, но и друг тип закани“, ја цитира Нова Македонија Шекеринска.
Слободен печат го објавува кажувањето на поранешниот амбасадор на Украина во земјава, Јуриј Гончарук дека уште во 2017 година ги предупредил македонските безбедносни служби и кабинетите на тогашниот шеф на државата и на министерот за надворешни работи за двајцата руски комичари, кои според него се припадници на руски специјални служби.
Видете и ова: Ќе се сопне ли Преспанскиот договор на новата грчка власт?Вечер, пак, го пренесува порталот Република и разговорот со едниот пранкер кој на софистициран начин се подбива со премиерот Заев.
Порталите на Нова Македонија и на Слободен печат информираат за предупредувањето од Антикорупциска до претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски: „Судиите кои се пред разрешување да не носат одлуки во сопствена корист“. Инаку, двајца адвокати од Скопје побараа од Врховниот суд на општа седница да донесе начелно правно мислење според кое за судиите предложени за разрешување, меѓу кои е и претседателот Јово Вангеловски, да важи поблаг закон.
Нова Македонија исто така објавува дека Антикорупциска ќе ги разгледува случаите за Рашковски и за продажбата на авионски билети.
Порталите на печатените медиуми се занимаваат и со промената на власта во Атина, цитирајќи изјави на новиот премиер Мицотакис и на шефот на дипломатијата Дендијас дека имало простор за „подобрување“ на Преспанскиот договор, особено во делот за јазикот и за државјанството – националноста.
Нова Македонија ја обработува темата за иселувањето: „Иселувањето на младите забрзано ги празни училиштата во земјава“ и „Македонија отстапува пред белата чума“, објавувајќи поразителни податоци дека со намалениот наталитет и иселувањето, особено на младите од земјава, Македонија за неколку децении ќе стане држава на стари луѓе.
Независен објавува делови од интервјуто на вицепремиерот Кочо Анѓушев за МТВ дека „ни следува мошне сериозна економска офанзива, дел од плановите веќе се реализираат, а дел од нив ќе бидат пуштени во реализација оваа есен и очекуваме да дадат сериозен импакт врз економското живеење во државава“. Анѓушев објави и дека имало нови 48 илјади вработувања во реалниот сектор.