Четиринаесетгодишниот Гоце од Скопје според возраста припаѓа на Генерација Z (зет) каде влегуваат млади родени од 1996-та до 2010-та година. Неговиот брат, Матеј, кој има 7 години припаѓа на следната генерација Алфа.
„Јас и брат ми сме и слични и различни. Слични сме по тоа што сакаме и двајцата да играме 'Плеј стејшн', но различни сме по тоа што тој сака само да гледа 'Тик-Ток', а јас сакам некогаш да играме и карти или шах“, вели Гоце.
Иако се разбираат околу социјалните мрежи, помалиот има забелешка за тајмингот на користење.
„Слични сме во 'Тик-Токот'. Ама мене ме нервира кога навечер гледа на Инстаграм додека јас спијам. Тоа ме нервира“, додава Матеј.
И сестрите Јована и Софија од Скопје се од две различни генерации. Јована има 14 години, а Софија е родена во 2013-та, па е дете на генерација Алфа. Помалата забележала разлики во начинот на кои тие стигнуваат до информации.
„Секогаш кога ми треба некоја информација јас ја барам на интернет, а таа не ја бара толку често на интернет како мене, туку бара и во книга. Ретко кој од моите другари бара информации во книга“, вели 9-годишната Софија.
Не сме многу голема разлика во години, но имавме различно детство, вели нејзината постара сестра.
„Времето што ние сме го поминувале надвор, тие го поминуваат на интернет. Ние кога бевме колку нив по цели денови не се прибиравме. А тие сега, во ова време, повеќе седат дома играјќи видео игрици и зборуваат онлајн. Многу ретко некои деца го поминуваат времето надвор, во игра“, изјави Јована.
Со помалку дружби во реалниот, а повеќе во виртуелниот свет во иднина ќе имаат проблем да се снајдат во реалниот живот, бидејќи се навикнати сѐ да прават на интернет, додава таа. Кога децата од Алфа ќе пораснат ќе бидат како деца без детство, бидејќи спомени остава времето поминато надвор, а не она поминато на компјутер или телефон, вели претставничката на Генерација Зет.
Она што ги обединува Гоце, Матеј, Јована и Софија, односно нивните генерации е дигиталното време во кое живеат. Сепак, во последната деценија дигитализацијата доживува поголем бум.
Првата буква на новата ера
Ген Зет и Алфа имаат нишки кои ги поврзуваат, но сепак има разлика, вели професорката по македонски јазик, Тамара Ќупева, која истражува во областа на образованието и комуникациите.
„Генерација Зет имаше време да порасне и емоционално да созрее во еден поинаков контекст. Генерација Алфа нема таков контекст. Тие се родени во време кога всушност 'Ајфонот' веќе на големо постоел, повеќе од три години. Вештачката интелигенција ја прави новата индустриска револуција. Сакале или не, генерација Алфа веќе припаѓа на новата индустриска револуција која ни се случува сега и овде“, вели Ќупева.
Генерацијата полна со јутјубери, тик-токери и гејмери ја нарекува и генерација на „скринејџери“, дигитални домородци и номади во отворениот онлајн простор, но и „стаклена“ генерација.
Стаклена ја нарекуваат затоа што од најмали го восприемаат светот низ стаклото на екранот. Тоа може да се види и кај најмалите кои сѐ уште се во количка, кај децата уште пред да почнат да зборуваат.
„Управуваат со уреди кои всушност, управуваат со нив“
Како најголема закана професорката Ќупева го смета тоа што младите од Алфа може да бидат и лесно кршливи, бидејќи важат за емоционално ранливи, оти немале време да созреат.
„Како да се ставени на плута среде океан и каде ги носат уредите, навигацијата на интернетот, тие натаму одат. Емоционално, воопшто сознајно неподготвени за да се соочат со она што им се нуди. А таму нема контрола, за жал. Колку и да се обидува родителот да ги навигира тие уреди, фактот дека оваа е тик-ток генерација укажува дека тие се соочуваат секојдневно со содржини, видео клипови и предизвици кои ги стимулираат и повикуваат да преземаат чекори кои се несоодветни за нивната возраст“, истакна Ќупева.
Како неподготвени, тие не можат да направат разлика дали е нешто добро или не, објаснуваат психолозите, бидејќи не пораснале во стабилен контекст како генерациите пред нив. Па ако постарите го имале контекстот на семејството, сега семејството е всушност интернетот.
Ќупева потсетува на уште еден проблем на оваа генерација, дека младите живеат под огромен притисок од идеалот за убавина, прифаќаат предизвици за да не бидат исклучени од средината. Дури и во начинот на комуникација, тие мора да го научат тој јазичен код за да може да комуницираат со врсниците, инаку ќе бидат исклучени.
Видете и ова: Дали социјалните мрежи се лоши за децата?Што може да направат родителите?
Родителите се соочуваат со нови проблеми, пред се во комуникацијата со своите деца од генерацијата Алфа. Тоа било повод професорката Ќупева заедно со тренерот за личен раст и развој Ирена Христовска и психологот Ана Поп Ризова да напишат прирачник за родителите насловен „Дигиталниот свет на генерацијата Алфа“ во рамки на проектот на УСАИД за медиумска писменост . Во него најпрво ги советуваат да бидат подобар соговорник кој ќе знае да зборува за ТикТок, за Јутјуб, за Роблокс, за рекламите за играчки и кукли.
Главниот совет за родителите е да ги воспитуваат децата од Алфа генерацијата да учат и да истражуваат низ интернетот и критички да ги примаат информациите онлајн. “Научете го вашето дете секогаш да поставува прашања. Да бара одговори“, гласи препораката на трите авторки кои велат дека сепак не нудат готова формула како да се биде добар родител.
Видете и ова: Ќе станеме ли попаметни или помрзеливи со вештачка интелигенција?Она што најмногу загрижува кај децата од генерација Алфа е дека може да бидат лесна мета на дезинформации и теории на заговор, следејќи нешто кое го релативизира моралниот кодекс и систем. Таму сѐ е дозволено - порнографија, лажни и штетни информации, стреотипи , исмејување... Останува на родителите да разберат во какво време во живее нивното дете, ако е едно од 264.056-те деца родени во земјава, по 2010 година.