Партијата на Вучиќ ја задржува власта во Србија

Александар Вучиќ по гласањето на избирачкото место

На парламентарните, покраински и локални избори во Србија победи Српската напредна партија предводена од претседателот Александар Вучиќ. Според неофицијалните резултати СНС освоила 62, 5 проценти гласови

Според првичните податоци на Републичката изборна комисија на денешните парламентарни, покраински и локални избори во Србија Српската напредна партија предводена од Александар Вучиќ го освоила мнозинството гласови односно 62,5 проценти од гласовите. По неа следуваат коалицијата СПС-Обединета Србија со 10,7 проценти и партијата СПАС со 4 проценти освоени гласови.

Од 76 проценти обработени гласови, Српската радикална партија добила 2,2 проценти од гласовите, ПОКС 2,8 проценти, а коалицијата „Метла “ 2,4 проценти.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Славење во Српската напредна партија по изборната победа

Републичката изборна комисија соопшти дека излезноста изнесува 50,2 отсто. Според невладините набљудувачки организации ЦРТА, ИПСОС и Цесид, излезноста е помала од парламентарни избори во 2016 година.

Невладината набљудувачка организација Црта информираше дека се забележани 0,5 отсто неправилности на избирачките места, како што е случајот со таканаречениот „бугарски воз“ на две изборни места во Зрењанин и на едно место во Пожаревац, тепачка на избирачкото место во Нов Белград поради бремена жена, обидот за контрола на избирачкиот список од неовластени лица во Свилајнац и напад врз новинарите на нишкиот портал Јужни вести, од лица кои биле снимени со непознати списоци во рацете.

Видете и ова: Пред изборите во Србија, Вучиќ игра на кинеска карта

Претседателот на Српската напредна партија (СНС), Александар Вучиќ, по гласањето изјави дека би сакал неговата партија да освои 1,7 или 1,8 милиони гласови на денешните избори.

„После скоро осум години на власт, во услови кога жестока кампања водат голем број тајкунски медиуми и многу други - тогаш тоа е неверојатен успех со кој можете само да се гордеете“,изјави Вучиќ.

Тој додаде дека ќе разговара за плановите за иднината дури откако ќе ги добие резултатите од гласањето, бидејќи народот „сè уште не го овластил“. Додаде дека одзивот на Косово е најдобар досега.

Според податоците на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР одзивот на Косово изнесува 55, 8 отсто.

Лидерите на опозициските политички партии од коалицијата Сојуз за Србија, кој ги бојкотираше изборите, им се обратија на медиумите една минута по завршувањето на гласањето.

Претседателот на Партијата за слобода и правда и еден од лидерите на Сојузот за Србија, Драган Џилас, оцени дека бојкотот го оправдал своето значење.

„Овие лажни избори на Александар Вушиќ не успеаја. Нашите податоци од избирачките места од набудувачите покажуваат дека денес излезноста не надминувала 42 проценти, а во Белград само 36 проценти“, изјави Џилас, додавајќи дека таква е состојбата во повеќето градови во Србија во кои граѓаните имале можност да бидат информирани.

„Во последните три часа се случи општ грабеж кога режимот сфати дека излезноста ќе биде помала од 50 проценти. Сите западни медиуми рекоа дека со ваков излезност, оваа влада нема легитимитет“, изјави Џилас честитајќи им на граѓаните кои како што рече, се спротивставиле на притисоци и закани, односно останале дома и не гласале.

Инаку, на изборите своето гласачко право до 20 часот можеа да го искористат 6.583.665 граѓани на 8.386 гласачки места, меѓу кои и на 140 места на Косово и во 42 амбасади на Србија,

Се гласаше за 21 изборна листа на партии и коалиции, кои треба да го поминат цензусот од 3 проценти за да освојат пратенички мандати.

Партијата на македонците во Србија (СМС) во коалиција на Демократската партија (ДС) ги бојкотира изборите, додека Демократската партија на Македонците (ДПМ) во коалиција со Муамер Зукорлиќ и неговата Партија на правдата и помирување (СПП) учествува на изборите.

Изборите се одржуваат во услови на прогласен бојкот на поголемиот дел од опозициските партии, собрани околу коалицијата Сојуз за Србија (СзС) и прогласената епидемија на коронавирус, поради што членовите на избирачките одбори задолжително носат заштитни средства, маски и ракавици, додека на гласачите им е препорачано да ги користат истите.

Гласањето е проследено со многу малку странски набљудувачи- ОДИХР и мисијата ЕНЕМО (Европска мрежа на организации за мониторинг на изборите) чии извештаи ќе бидат основа за институциите на ЕУ да ја проценат исправноста и демократијата во изборниот процес на Србија.