За Министерството за образование и наука првото полугодие имаше успешен модел на комбинирана настава и ќе продолжи во второто полугодие. Но, учениците имаат други ставови и очекуваат промени во наставата. Второто полугодие денеска започнува и со матурантски бојкот на наставата.
Основците и средношколците од денеска ја продолжуваат учебната 2020/2021 година во второто полугодие. По тринеделниот зимски распуст наставата продолжува како со комбинираниот модел поради епидемијата од коронавирусот, односно учениците до трето одделение со физичка настава, а останатите со онлајн настава.
„Второто полугодие продолжува со истите мерки и протоколи, како и досега. Ја следиме епидемиолошката состојба и доколку следните месеци се покаже стабилизирање ќе донесеме други одлуки. Но, тоа ќе се случи откако ќе бидеме сигурни дека трендовите со намалување на новозаразени со ковид ќе продолжат“, информираше министерот за здравство Венко Филипче по состанокот со министерката за образование и наука Мила Царовска и претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи.
Според Министерството за образование и наука, комбинираниот модел бил успешно воспоставен во првото полугодие и затоа нема да се менува во вториот дел од учебната година. Оценката на МОН е успешно прво полугодие – тек на наставата според планот, навреме завршено оценување, над 90 отсто ученици во онлајн-настава и помалку од 1 процент наставници и ученици активни на КОВИД-19 во наставата со физичко присуство.
Видете и ова: Учениците дадоа незадоволителна оценка за далечинската наставаОд друга страна, учениците не го оценуваат со толку висока оценка првото полугодие.
„Зависно од професорот, дел од професорите се трудеа да ги одржат часовите што е можно поуредно и прегледно, но поголем процент од нив само даваа материјал без оглед на тоа дали и како е предаден и сфатен. Сметам дека за еден ваков неочекуван период, каде што самиот факт дека сме дома затворени причинува непријатност, потребна е поголема флексибилност и организираност“, изјави Ивана Копчаровска, втора година во скопската гимназија „Јосип Броз – Тито“.
Ова го утврдиле и од Сојузот на средношколци при нивни истражувања.
„Според сите наши сознанија и истражување, големо мнозинство од учениците наставата од далечина ја оценија со 1, 2 или 3. Значи, и јас ќе го повторам мислењето на 80 проценти од моите врсници. Иако е корисна иновација за во иднина, сепак многу работи може и мора да се поправат во наставата од далечина, или барем во начинот на којшто таа се организираше кај нас. Оттука, сум незадоволен околу првото полугодие“, изјави Ходаи за РСЕ.
Затоа, нивните надежи и очекувања се дека во второто полугодие би се вовело хибридна настава со добра организација.
„Се надевам дека ќе може да се организира комбинирана (онлајн и со присуство) настава, која според мене со добра организираност може да се оформи, секако, доколку не успееме да ставиме крај на оваа глобална пандемија за повторно да се видиме сите во училишните клупи. Што се однесува до досегашниот тек на онлајн наставата, се надевам дека професорите ќе имаат разбирање и проценка за заклучување реални, исклучително заслужени оцени“, рече Копчаровска.
Видете и ова: Средношколска мисија за статус во општествотоИстиот став го дели и претседателот на Сојузот на средношколци.
„За второто полугодие очекувам државата да почне со применување на моделот на комбинирана настава во сите средни училишта каде што има услови. Исто така, посакувам конечно да се реши и прашањето на државната матура во интерес на матурантите. Се надевам дека крајот на учебната година ќе го дочекаме во училишните клупи, а не по домовите“, вели Ходаи.
Како потешкотија за минатото полугодие тие наведуваат проблеми со интернетот и компјутерите, привикнувањето на наставата од далечина, намалена социјална интеракција...
„Лошата поставеност на наставата го направи учењето поприлично потешко. Немањето на комбинирана настава во средните училишта и конфузијата околу државната матура само додаваа бензин на огнот“, рече Ходаи.
Второто полугодие според предлози на Сојуз на средношколци
Наставата на далечина, според Сојузот на средношколци, остави штетни последици врз менталното здравје на учениците и врз квалитетот на самиот наставен процес. Тие излегоа со три предлог сценарија за наставата.
„Во октомври објавивме различни сценарија околу тоа како може да се организира комбинираната настава. Првото предлог-сценарио предвидува делење на класовите во групи кои ќе ротираат дневно или седмично. Второто би му дало право на секој ученик да го избере својот модел, па така би се извршила поделбата во групи. Последното предлог-сценарио би ги поделило предметите на тие што ќе се следат физички и тие што ќе се следат онлајнМора итно да се воведе комбинирана настава за да се обезбедат трите клучни аспекти на наставата за време на пандемијата: безбедноста на учениците, квалитетот на наставата и превенција на негативните општествени последици“, образложија од Сојуз на средношколци.
Истакнувајќи неколку примери од други земји тие ја објаснуваат важност за нивните очекувања да се отворат училиштата.
„За да ја сфатиме важноста на комбинираната настава, не треба да ги анализираме примерите на високоразвиените земји. Напротив, треба само да го погледнеме нашето соседство, т.е. земјите во Западниот Балкан. На пример, Република Србија најави дека српските средношколци ќе продолжат и во второто полугодие со комбинирана настава: класовите се веќе поделени во две групи кои ротираат меѓу училиштето и домот седмично. Република Албанија има изработено детални планови по ова прашање, а Косово организира комбинирана настава во смени: класот се дели на две групи, а секоја група го посетува училиштето во различна смена во текот на истиот ден“, велат од Сојузот на средношколци.
Видете и ова: Да се полага државна матура или не?
Матурантски бојкот на настава
Мнозинство матуранти денеска ја бојкотираат наставата. Оваа одлука ја донесоа Сојузот на средношколците, бидејќи не се прифатени нивните барања да се скратат предметите за државната матура. Конкретно, нивните барања се да полагаат два предмети и проектна задача, повикувајќи се дека ова е пример од Франција. Едниот од предметите да е мајчин јазик, а вториот по избор на ученикот според нивните планови за понатамошно образование.
Средношколски глас, пак, собира онлајн-потписи за неполагање на државната матура, но Ходаи вели дека Средношколски сојуз не е за целосно укинување на матурата.
„Со нив разговаравме во декември. Ние во јануари се консултиравме со сите средношколци и одлучивме дека е добро да бараме намалување на бројот на предметите, не целосно укинување. Нашиот став беше јавен дека не може да се укине државната матура“, изјави Ходаи за МИА.
До кога би траел бојкотот и што понатаму кога нема отстапка од МОН, Ходаи одговори дека планираат една недела бојкот, а за следните чекори дополнително ќе одлучат.
„Првата недела планираме бојкот, а потоа ќе одлучиме дали ќе имаме протест или друга активност за да се прифатат нашите барања“, додаде претседателот на Средношколски сојуз.
Министерството за образование и наука соопшти дека над 14 илјади матуранти ќе полагаат државна матура според утврдената концепција за матурски испит, која не може да се менува во од, а дека измени се можни за наредната учебна година. Државниот испитен центар во ноември ги објави и термините за испитите од трите екстерни испити кои ќе се полагаат од 29 мај до 14 јуни 2021.
Согласно со измените на Календарот за организација на работата на училиштата (основни и средни), првото полугодие оваа учебна година почна еден месец подоцна, односно на 1 октомври, а бројот на наставни денови е намален од 180 на 159.