Во ПССЕ расправа за односот на Бугарија кон малцинствата

Архива: Прес-конференција на премиерите на Бугарија и на Македонија, Бојко Борисов и Зоран Заев.

Во услови кога Македонија и Бугарија според експерти влегуваат во фаза на отворање на „големите национални теми“, Бугарија се соочува со критики во Советот на Европа дека не ги почитува правата на македонското и другите малцинства.

Советот на Европа уште еднаш нотира проблеми со почитувањето на правата на малцинствата во Бугарија, вклучително македонското.

За ова прашање во четврток ќе расправа мониторинг комисијата на Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ), која изготви извештај во рамки на пост-мониторинг дијалогот со Бугарија во кој земјата е посочена дека не ги почитува човековите права на кои се обврзани членките на Европската унија.

Сериозен проблем во Бугарија и натаму е „расистичкиот и нетолерантен говор на омраза во политичкиот дискурс“ кон Македонците, Евреите, Турците, Ромите и муслиманите, посочено е во извештајот на мониторинг комисијата на ПССЕ.

Во извештајот, исто така, стои дека бугарските власти треба да преземат сериозни напори за системски и безусловно да го осудат говорот на омраза, вклучително и препораките од последниот извештај за расизам и нетолеранција на Европската комисија (ЕЦРИ).

„Македонското малцинство не е признаено од страна на бугарските власти поради строгата примена на формалните критериуми, иако оваа група на повеќе пати ја изрази својата желба да ги има поволностите за заштита со Рамковната конвенција за заштита на малцинствата“, се вели во извештајот.

Но, освен извештајот се поставува прашањето дали Европа има на располагање механизми кои може да ги употреби за Бугарија да го проемни ваквото однесување во политиката и да почне да ги почитува правата на своите малцинства.

Професорот по меѓународно право Денко Малески од правниот факултет во Скопје објаснува дека наддржавната интервенција е исклучок и оти „за жал“ во меѓународното општество на држави многу од работите се уште функционираат само кога државите меѓусебно соработуваат и имаат добра волја да ги решаваат проблемите.

„Извештаите се таквиот инструмент и тоа е максималната ситуација да се опише состојбата, да се обелодени, во јавноста да се зборува за тоа и оттука натаму да се види што земјите можат да преземат во менување на тие негативни трендови, како што е овој на кој се укажува во извештајот“, вели Малески.

Сепак, во извештајот на ПССЕ германскиот парламентарец Франк Швабе од групата на социјалистите и унгарскиот парламентарец Золт Немет од групата на Народните партии, го поздравуваат како значаен напредок на надворешната политика на Бугарија Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Mакедонија.

Договорот двете држави го потпишаа на 1 август 2017 година, а со документот тие ,меѓу другото, се обврзаа дека ќе ги почитуваат принципите на Повелбата на Обединетите нации, документите на ОБСЕ, како и демократските принципи содржани во актите на Советот на Европа.

Видете и ова: ПССЕ ја критикува Бугарија поради македонското малцинство

Професор Малески вели дека договорот е генерален и смета оти во оваа фаза сега ќе течат расправите за „големите национални и меѓудржавни теми.“

„Верувам дека ако успешно се заврши таа дебата, тоа ќе има влијание и врз ставовите кон малцинствата во Бугарија, така што треба да се види како сега овие големи теми ќе бидат апсолвирани од страна на научната јавност, на историската и на политичката во двете земји, и колку тоа ќе ги подобри односите за конечно да се најде излез од една тема која постојано не конфронтираше со Бугарија, имено дека постои население, луѓе кои се изјаснуваат како Македонци во соседната земја“, вели Малески.

Видете и ова: Заев убеден дека ќе се најде решение за неосогласувањата со Бугарија

Во Договорот се вели дека двете држави имаат право да ги заштитуваат правата и интересите на своите државјани на територијата на другата страна во согласност со меѓународното право.

Но, во точка 5 од Членот 11 од Договорот се вели дека Македонија потврдува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Бугарија со цел заштита на статусот и правата на лица, кои не се државјани на Македонија.

Со промената на Уставот од 11 јануари оваа година, меѓу другото беше променет и членот 49 кој велеше дека Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив, како и дека Републиката се грижи за културните економските и социјалните права на граѓаните на Републиката во странство.

Во новата промена на Уставот во амандманот 36, сега стои дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство, дека се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за другите народи и оти притоа Републиката нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.