Планот го подготви владина група составена од претставници на неколку институции во која дополнително бил направен и документ за спроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина од планот. Според инфорамциите, планот веќе е усогласен со општините Охрид и Струга, додека со општина Дебарца ќе следи доусогласување. Во целиот процес за заштита во насока на реализирање на препораките на УНЕСКО ќе биде вклучена и Албанија преку формирање на заеднички комитет составен од челенови на двете земји.
Во ноември оваа година ќе има консултации со УНЕСКО за спроведувањето на процесот по што во февруари Македонија треба да испрати извештај до телото на Обединетите нации за напредокот околу спроведувањето на препораките, кои како што уверува министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми, се клучен приоритет на Владата заедно со датумот за преговори со Европската унија и членството во НАТО.
Тој одржа брифинг со новинарите во владиниот медиа центар заедно со градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски, државниот секретар од Министерството за животна средина Ана Петровска и претставници на други институции, каде информираа за мерките од новиот план. Адеми како претседател на Националната комисија за УНЕСКО заедно со Георгиевски оваа недела беа во Париз на работна средба за прогресот за зачувување на Охрид.
Oценките на екологистите по првично дадените информации за планот и напредокот околу препораките се дека македонската делегација „повторно спроведува политика на креирање илузија“ за грижата за подрачјето.
За најавената посета на мисијата на УНЕСКО во ноември, тие барааат Владата да организира средба на претставниците на УНЕСКО со граѓанскиот сектор за како што велат да бидат презентирани сите факти и вистински инфорамции.
Освен подготовката на новиот план, Адеми вели дека напредок во периодот по одржувањето на јулскиот самит на УНЕСКО во Баку е направен со воспоставувањето на времениот прекин на сите градежни работи и легализација во Охридскиот регион од страна на општините, финализирањето на регистарот на дивоградбите, односно дека само општина Струга требала да го заврши откако своите ги завршиле општините Охрид и Дебарца, но посочи и дека е решен проблемот со колекторскиот систем за кој веќе обезбедиле средства.
„Во изминатиов период од неколку месеци значително е интензивирана комуникацијата со Центарот за културно наследство и со УНЕСКО, се со цел навремено да бидат информирани и споделени информации, размислувања и препораките, се со цел за да можеме во февруари кога ќе го поднесеме прогрес извештајот, да имаме дополнителен прогрес во тој дел“, вели Адеми.
(Не)ефикасен мораториум?
Но, за граѓанската организација „Фронт 21/42“, која ја следи состајбата во Охрид, изјавата на Адеми дека постои времен прекин на сите градежни работи „е невистинита“. Според нив општините Охрид и Струга во своите одлуки за усвојување на мораториум дефинираат времени прекини кои не ги опфаќа оние кои добиле дозвола за градење или отпочнале постапка за добивање дозвола за градење, пред носењето на одлуките.
„Ова со други зборови значи дека сите оние кои поседуваат дозвола пред 12 август 2019 година од страна на општина Охрид, односно 19 август од општина Струга, можат слободно да си градат. Исто така оние кои отпочнале постапки за добивање на градежна дозвола пред овие датуми, си продолжуваат со постапките за дозвола за градба“, вели Александра Бујароска од „Фронт 21/42.“
Таа наведува дека тоа во пракса значи оти „таканаречениот мораториум“ нема да го спречи проектот за новиот Кеј, кој како што објаснува, влегува три метри во езерото во општина Охрид и кој веќе поседува градежна дозвола.
„Во одлуките на општина Охрид и Струга не се спомнуваат општите акти за кој нема мораториум, а тоа во превод значи дека нема да ја спречи ниту урбанизацијата на Елшани исто и примерот во Лагадин каде со општ акт се направи измена за урбанизам во населбата. Ова се само два јасни примери на урбана и крајбрежна трансформација за што УНЕСКО бара да се воведе мораториум“, вели Бујароска.
Во однос на дивоградбите градоначалникот на Охрид Георгивески рече дека лесно е да се зборува за Охрид и да се навива на трибини, но оти неговата работа на терен е мачна, бидејќи како што објасни „треба на некого да му урнам куќа.“ Тој додаде дека парите за отстранувањето на дивоградбите се најмал проблем и оти ќе ги отстрануваат градбите кои не можат да вклопат во плановите.
Георгиевски вели дека има објекти на пет-десет метри од езерото кои не можат да се вклопат во ниту еден план и оти за дел поднесени се барања за легализација, но општината како што посочува не може да ја заврши управната постапка и да ги одбие поради воспоставениот мораториум, но сепак Георгиевски рече дека „ќе им најде чаре.“
Во однос на тоа дека и во моментов во гради во центарот на Охрид, тој одговори дека се градат градби со одобрение и оти не можат со мораториумот да ги сопрат оние кои на пример платиле во општината десет милиони денари за комуналии. Тој истакна дека според него мораториумот треба да биде продолжен за дополнителни шест месеци.
Ново зонирање на заштитените зони
За планот на брифингот беше истакнато дека во него се нотирани сите локалитети каде има уништување на трска и градежни активности кои влијаат на крајбрежната трнасформација, како што оние на локации кои се сметаат за исклучителни универзални вредности: Св. Наум и Студенчишко блато.
Потоа беше кажано дека се анализирани и влијанијата врз квалитетот на водата во езерото, влијанието на депониите врз реките кои се вливаат во езерото, како Река Сатеска која е оценета како најцрна еколошка точна на Охридското Езеро, закана од инфраструктурните проекти, колекторот, железничката пруга, госоводот Охрид-Струга, далеководот од Битола до Елбасан со крак за Охрид и автопатот. Со стратегиската оцена треба да се утврдат кумулативните влијанија на проектите при нивната изградба и во оперативната фаза, наведоа претставниците на Градежен институт на Македонија.
Беше објаснето дека со планот е направено ново зонирање на Охридскиот регион со посебни заштитни зони за природното и културното наследство. За природното наследство дефинирани се три зони кои содржат подзони: крајбрежјето е зона од најстрога заштита каде не смее да се гради, потоа има зона со строга заштита каде се задржуваат постојните градби и не смее да се градат нови и трета зона плажи каде има забрана за трајни објекти и правила за урбана опрема. Во втората зона се крајречните живеалишта со забрана за инфраструктура и конвенционално земјоделство и простори на котата од 866 метри надморска височина, додека третата зона се урбанизирани подрачја со забрана за ширење на урбани опфати повеќе од 20 проценти.
Во првата зона на заштита на културното наследство се мерки во споменичните јадра во Охрид и Струга каде не се дозволува изградба на објекти повисоки од приземје плус два ката, додка во втората зона ќе биде забранета изградба на објекти повисоки од приземје плус три ката. Во третата зона ќе биде можна обнова на постојните градби и изградба на нови градби со почитување на амбиенталните карактеристики, традиционалните форми и карактеристиките на пејзажот, но и тука нема да биде дозволено изградба на објекти повисоки од три ката во првата подзона, четири ката во втората подзона и пет ката во третата.
Надлежните уверуваат дека новиот План ќе обезбеди контролирана урбанизација и заштита на природното наследство во и надвор од заштитените подрачја и оти ќе даде предлог за формирање на контактна зона надвор од границите на заштитеното подрачје, која треба дополнително да се потврди од УНЕСКО.
Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање Ана Петровска истакна дека преку процесот ќе биде воспоставена интегрирана заштита надвор од градежното земјиште по крајбрежјето 50 метри од границата на катастарската парцела Охридско Езеро“ каде како што вели ќе има сериозни ограничувања во однос на крајбрежната трансформација. Таа вели дека исто така заштитни зони ќе бидат воспсатавени и во градежните реони од аспект на културното наследство.
„Оваа зона овозможува се она што е недопрено од природата да остане такво, нема да смее да се гради, потоа делови од оваа зона каде што веќе има одреден вид на крајбрежна трансформација, ќе се стават под контрола. Кои од овие веќе изградени обејекти од оваа строго заштитна зона ќе останат, зависи од студијата за оцена на културното наследство и животната средина што ќе ја спроведува Министерството за транспорт и врски на база на инвентарите, односно регистрите на бесправно изградените објекти од општините“, вели Петровска.
Мораториум до усвојување на сите правни мерки за заштита
Бујароска вели дека дополнително загрижува фактот што анализата за влијаниете на евидентираните дивоградби врз природното и културно наследство ќе ја изработува Министерството за транспорт и врски, а не матичните министерства кои се неговата заштита.
„Она што најмногу загрижува е најавата дека ќе се објави Планот за управување со Охридскиот регион, со што се реализира нашиот страв дека Планот ќе се усвојува пред да се донесе Законот за управување со Охридскиот регион, кои беше повлечен од Владата, кој ја дефинира содржината на самиот план и постапката за негово носење која е поразлична од онаа што е дефинирана во стариот закон, бидјеќи обезбедува поголема транспарентност и стручност за овој план. Загрижува и изјавата во која се вели дека кога ќе се усвои Планот ќе заврши мораториумот што е повторно далеку од она што го бара УНЕСКО“, вели Бујароска.
Во препораката бр.6 за мораториум која вели дека треба да се воспостави времена забрана на било каква урбана и крајбрежна трансформација, многу јасно стои дека тој мораториум треба да важи се додека не се усвојат сите важни документи, вклучително планот, урабнистички и крајбрежни мастер планови и други документи, а клучно е дека мораториумот треба да важи се додека не се усвојат ефективни правни мерки кои ќе обезбедат заштита и контрола на се она што се случува, вели Бујароска.
„Сите овие елементи доведуваат до заклучок дека фарсата и понатаму продожува. За жал нашата делегација наместо конечно да почне да се грижи за подрачјето, повторно спроведува некоја политика на илузија како се грижи за подрачјето“, вели Бујароска.
За Законот Адеми рече дека тој бил повлечен бидејќи општините во меѓувреме самите прогласиле мораториум за градби и оти имале други механизми со кои можеле да ги спроведат препораките, но дека ќе биде донесен во догледно време.
Петровска дополни дека Законот упатува на планот, односно на зонирањето со што секоја зона ќе се дефинара по катастерски парцели, а спроведувањето ќе се одвива според Законот за урбанистичко планирање и Законот за градежно земјиште и Законот за градење кои ќе треба да се усогласат со Законот за Охридскиот регион. Петровска додаде дека со работните група од општините работат на интервенции во законот за да можат да ги спроведуваат зоните додака бидат донесени останатите закони.