Оваа влада за разлика од претходната, дозволува да биде критикувана од јавноста, но корекциите што потоа ги прави се минимални, забележуваат експертите кои дополнуваат дека големото незадоволство од некои од министрите не резултираше со нивна смена иако тоа беше најавувано како голем чекор.
Во изминатиот период од две години па досега во јавноста беа изнесувани бројни критики и дека треба да се забрзаат реформите како и поради вработување на роднини на функционери во јавни претријатија и именување на функции на одредени кадри кои не се ефикасни во извршувањето на задачите. Она што овие денови продолжува да наидува на критика е дека реконструкцијата во владата е поблага форма на промени и далеку од она што се очекуваше.
Она што е очигледно, вели Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка, е тоа дека за разлика од претходната влада која задушуваше каква било критика, оваа влада се уште слуша за тоа што имаат да и го кажат граѓаните и невладините организации, но оти се забележува тенденција се помалку да реагира на забелешките за работата на одредени функционери, како и дека критиките не се проследени со соодветни промени.
„Некако почна премалку да се реагира и недоволно радикално во однос на тоа што се очекувања на јавноста. Кога веќе се фалеа со храброст за разни чекори во смисла за прашање како што е името и уставните измени, треба храброст и за промени радикални во сопствените редови односно за секое битно нарушување на јавната доверба како што беше тоа случај со функционерите за претходната влада што се збореше, сега би требало самата влада веднаш да ги санкционира или самите тие да си поднесуваат оставки и при многу помалку забелешки а на кои не се раегира“, вели Кржаловски.
Премиерот Заев кој долго време ја највуваше „метлата“ кажа дека приоритет ќе му биде “ароганцијата, неисполнувањето на одредени очекувања, неагилниот однос на одредени носители на високи функции, непотизмот”.
Но, според Кржаловски, наместо смени имало и случаи и на унапредувања, алудирајки на екс министерот за екологија Садула Дураку кој сега е на нова функција во Владата.
Критиките за поранешниот министер Дураку дојдоа поради неговата нетранспарентност во време кога Скопје уриваше рекорди во загаденост, а негативни реакции предизвика неговата изјава дека не се занимава со граѓаните и дека Македонија не е Швајцарија.
Видете и ова: Заев - Да ги видам аргументите и снимките, па ќе одлучам дали ќе барам оставка од РашковскиВо јавноста нови забелешки за Владата дојдоа поради случајот со генералниот секретар Рашковски и сомнежите за негово влијание врз склучен тендер за радарска контрола. Она што е симптоматично, според Кржаловски, е реакцијата на премиерот Заев.
„Дури и премиерот кога најави метла меѓу изборниот круг тој кажа дека тие што се имиња во јавноста најчесто беше Садула Дураку. Денеска слушаме не само што не беше сменет, туку е унапреден во вицепремиер. Со Рашковски пак, ситуацијата потсетува на нешто многу слично за што СДСМ бараше оставки во времето на ВМРО ДПМНЕ, а сега премиерот се става лично во заштита на Рашковски. Не е прашање за кривична одговорност, таа ќе си ја одредат институциите, но моралната реакција треба да дојде од вршителите на функциите за кои има сомневања“, вели Кржаловски.
Експертите велат дека оптимистично е што во јавноста има бројни забелешки за работата на владата и оти тоа зборува дека општеството станува подемократично, но дополнуваат дека проблематично е влијанието на забелешките кои доаѓаат од невладиниот сектор. Според зборовите на професорката Мирјана Најчевска, потребно е да се направи систем кој ќе обезбеди најголем број од случаите да се решаваат во инститициите, а критиките да бидат само коректив.
„Доколку критиката се појави како постојан учесник во она што се прави односно доколку власта нема изградено систем, туку пробува да протурка одредени работи кои не се во рамки на потребите на граѓаните и само чека кога граѓаните ќе реагираат, па тогаш да се повлече тоа веќе не е демократија. Имаме многу добар импут на граѓаните затоа што се послободни. Но имаме проблем заради тоа што критиките одеднаш стануваат главен двигател и модус на она што значи делување на власта односно не делување во погрешна насока“, вели Најчевска.
Видете и ова: Тимоние - Франција не ги кочи македонските евроинтеграцииНа прашање дали имаат ефекти од забелешките и критиките Најчевска заклучува дека промените кои се прават врз основа на ваквите критики и влајанието кои го имаат овие критики се многу минорни и парцијални.
„Тие се на конкретна оделна ситуација, но не придонесуваат за таков вид на системска промена која ќе спречи таков вид ситуации да се појавуваат во иднина. Да станува државата реактивна и тогаш кога ќе згреши ќе се повлече во моментот ќе ја поправи рабоата, но не ги користи критиките за да направи такви големи промени кои ќе создадат услови такви грешки да не се повторуваат“, вели Најчевска.
Инаку, во изминатиот период имаше повеќе примери во кои владата се повлече од одредени свои чекори по рекациите во јавноста. Последен таков случај беше со одлуката дека државата ќе финансира промена на полот, но по неколку часа од одлуката министерството за здравство соопшти дека оперативен зафат нема да постои на сметка на Фондот. Исто така мината година во Собранието беше поднесен закон за измени на Законот за трговија со кој пазарџиите ќе требаа да вадат лиценци, но по лавината реакции решението е одложено до први септември.