Ништо не е готово за формирањето влада до средбата Заев-Ахмети

Архивска фотографија- седница на владата

Пред средбата на лидерите на СДСМ и на ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети, извори од СДСМ ги отфрлаат пишувањата за поделбата на министерствата, наведувајќи дека се што излегува пред средбата може да се смета дека е шпекулација.

Лидерите на СДСМ и на ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети денеска се очекува да постигнат, како што најавија од двете партии „конечен договор за нова Влада“. Засега пак, не се открива многу, а од партиите не прецизираат ниту дали има договор за прашањето што се сметаше за најгорливо во преговорите за владино мнозинство- кој ќе биде премиер и колку време, дали Заев ќе ја води владата четири години или во дел од мандатот ќе му го отстапи премиерското столче на Насер Зибери кого ДУИ во предизборната кампања го промовираше како прв премиер Албанец.

„Се што излегува пред средбата на Заев и Ахмети може да се смета дека шпекулација“, велат извори од СДСМ негирајќи ги пишувањата за конкретни министерства кому ќе му припаднат.

Видете и ова: Можен договор за влада на СДСМ и ДУИ до крајот на неделава

Од шпекулациите во јавноста Заев ќе биде премиер четири години, а за сметка на тоа ДУИ ќе добие некои министерства кои се сметаат за клучни како финансии и надворешни работи. Инаку од независноста на Македонија досега, само едно министерство не било раководено од Албанец- Министерството за надворешни работи.

Заев, чија коалиција „Можеме“ освои 46 пратеници преговара со ДУИ кои освоија 15 поинтензивно од минатата недела, кога лидерот на СДСМ го доби мандатот за формирање мнозинство од претседателот Стево Пендаровски. Уставниот рок до кој треба да го направи тоа истекува на 2 септември. Ако денеска Заев и Ахмети се договорат за влада до крајот на неделата се очекува да се одржат и собраниските седници за избор на претседател на Собранието и за избор на владата. Претходно ДПА која има еден пратеник се согласи да влезе во владиното мнозинство кое заедно со трите учесници во него би имало 62 пратеници.

Во Уставот е предвидено дека Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Во собранискиот деловник, пак, попрецизно се одредуваат роковите за тоа. Во членот 111 е наведено дека „седница за избор на Владата се одржува во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот за состав на Владата и програмата“, расправата може да трае најмногу два дена, а гласањето треба да се одржи најдоцна до полноќ.

Во меѓувреме Алијансата за Албанците и Алтернатива, кои заедно освоија 12 пратеници велат дека не преговараат за составување на новата влада бидејќи тоа им го оставиле на ДУИ. Покрај нив пратеници во Собранието имаат ВМРО-ДПМНЕ, 44 и Левица двајца.

Видете и ова: ВМРО-ДПМНЕ размислува за иницијатива до Уставниот суд за мандатот на Заев

Од ВМРО-ДПМНЕ веднаш откако претседателот Пендаровски му го даде мандатот на Заев оценија дека тоа е противуставно бидејќи лидерот на СДСМ немал обезбедено мнозинство во моментот кога го доби мандатот. Од таму најавија и можна иницијатива до Уставниот суд.

Овие избори се одржаа на 15 јули, во време на пандемијата од коронавирусот, а беа распишани претходно по инсистирањето на ВМРО-ДПМНЕ откако земјава не доби датум за преговори за зачленување во Европската унија и покрај промената на името во Република Северна Македонија.