Вархеји - Преговарачка рамка за С. Македонија во јуни

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Меѓувладината конференција со Македонија ќе се договара по рамката за преговори

Работиме неуморно, дури и за време на оваа криза и ќе ги доставиме предлозите во јуни, како дел од годишниот пакет за проширување, вели во интервју за РСЕ, еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји. Тој додава дека на тоа работи ден и ноќ и нема да се штеди да го испорача тоа што си го наметнал, а тоа е во јуни да ѝ се даде преговарачка рамка на С. Македонија. Откако ќе се договориме за рамката, следува меѓувладината конференција, а потоа може да се започне со отворање на поглавјата, вели еврокомесарот. Со него разговараше Рикард Јозвиак.

РСЕ: За разлика од пред 17 години во Солун, во декларацијата од Загреб ја нема главната порака: Целосна интеграција на Западен Балкан во ЕУ. Дали Европската унија станува помалку амбициозна кога станува збор за Западниот Балкан?

Не можам, а повеќе да не се согласам со вашето прашање. Јасно е дека европската перспектива повторно беше потврдена од лидерите, исто како што беше утврдена во Солун. Сè што работиме е врз основа на декларациите од Солун. Нема потреба секогаш да ги потврдувате потполно истите реченици. Но, ако го погледнете текстот, насекаде ќе ја најдете европската перспектива. И тоа е многу важен политички знак што треба да го разбереме многу внимателно дека дури и за време на кризата со Ковид, европските лидери директно соработуваат со лидерите од Западниот Балкан. Тие одржаа самит, како што беше предвидено пред кризата со Ковид. Значи, јас би рекол дека политиката на проширување се враќа назад, посилна од кога и да е.

РСЕ: Но, поминаа 17 години и ние сè уште се занимаваме со истите земји. Имаше само едно проширување, Хрватска (2013), но останатите сè уште се далеку од пристапување. Можете ли навистина ова да го сметате како успех?

Имаше подеми и падови, но оваа Комисија го врати ова прашање на маса. Доста постигнавме. Ова сега е главна точка на агендата на европските лидери, како што видовте. И ќе видите дека се согласивме да ги отвориме преговорите за пристапување со Северна Македонија и Албанија веќе во рамките на новата Комисија. Ние ја објавивме новата методологија за ревитализација, да ја вратиме енергијата во политиката на проширување. Значи, не би бил негативен, напротив, мислам дека има силно заживување на проширувањето за Западен Балкан.

РСЕ: Дали тогаш е чесно да се очекува дека до јуни ќе стигнете со преговорачката рамка за Северна Македонија?

Јас да. Тоа е она на што работиме. Работевме неуморно, дури и за време на оваа криза и ќе ги доставиме предлозите во јуни, како дел од годишниот пакет за проширување

РСЕ: Значи, вие сте убедени дека во јуни тоа ќе се случи, иако имаме коронавирус и работите може да излезат од колосек?

Јас работам деноноќно. Можеби сте виделе дека кога ќе кажам нешто, тоа и го мислам. Така што од моја страна нема да се штедам да го исполнам рокот што си го наметнав, а тоа е јуни.

РСЕ: И кога може да започнете со отворање на поглавјата?

Ова е друго прашање, ние прво треба да се договориме за преговарачката рамка. Откако ќе го направиме тоа, тогаш ќе може да ја свикаме првата меѓувладина конференција и после тоа ќе можеме да започнеме со отворање на поглавјата.