Покрај дива депонија, во непосредна близина на Вардар расте жито. Во близина има и пластеници, каде летово треба да пораснат пиперки и домати. Овие култури се одгледуваат покрај една од најзагадените реки во Европа, чија вода, според мерењата на Центарот за јавно здравје-Скопје, не смее да се користи за ништо ако претходно не биде прочистена. Вклучително и за активности како капење или наводнување бидејќи е од четврта или од најлошата, петта класа.
Податоците за загадувањето на реката во скопскиот регион, за изминатите три години покажувааат дека скоро сите примероци кои се испитувале биле физичко -хемиски неисправни, додека бактериолошки неисправни биле 100% од испитуваните мостри. Според мерењата на надлежните, најзагадено е во долното течение на реката, каде се слеваат и сите фекалии од скопската канализација што се уште непрочистена се испушта во Вардар.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Риби со мирис на прашок
Костадинка Велјановска живее во Скопско поле. Револтирана е од загадувањето на реката и несовесноста на луѓето. Вели дека нејзиниот сопруг рекреативно лови риба која понекогаш ја јадат, но честопати е неупотреблива.
„Од дете јадам риба и татко ми беше рибар, ама порано Вардар беше Вардар. Дури и се продаваше рибата, толку многу фаќаа риба. И мажот ми исто. Ама сега, нему повеќе му е за занимација, арно ама има и периоди кога е убава рибата, кога не мириса, а има периоди кога мириса и тогаш не ја јадеме, ја фрламе. Како некој прашок, некој чуден прашок, не знам да го опишам“, раскажува таа.
Само мината година на пример, биле анализирани 34 примероци од шест мерни места по течението на Вардар низ Скопје, при што се утврдило дека 88% од водите биле од четврта класа, а 12% од петта. Слична е состојбата и со нејзините притоки Лепенец и Пчиња, додека нешто подобра е водата во Треска. Од неа лани биле анализирани 17 примероци, од кои најголем дел се класифицирани во четврта категорија (76%), а по 12% во втора и трета класа.
Согласно со Уредбата за класификација на водите која е донесена во уште во далечната 1999 година, водите од втора категорија може да се употребуваат и за капење, а од трета само за наводнување без претходно прочистување.
Од Центарот за јавно здравје - Скопје како виновник за ваквата состојба го посочуваат човечкото влијание, пред се испуштањето непрочистени комунални отпадни води од урбаните населени места.
„Неопходно потребно е да се унапреди квалитетот на површинските води од реките заради потенцијалната опасност од користење на загадени води за наводнување и влегување на хазарди во ланецот на исхрана на добитокот и човекот“, укажуваат оттаму.
Граѓаните се свесни за загадувањето на водите, а дел од нив и се загрижени за храната која се одгледува во близина на Вардар.
Видете и ова: Фекални бактерии како ендемски видови во Охридското Езеро„Сите ние викаме, ќе купиме од Бардовци зелка. Па таа е најнечиста, ако земеш така. Сите фекалии се одозгора во нивите, доле во зелката. Овде се што е покрај Вардар, поготово надолу, Градско, тоа се од Вардар црпат вода. И ние го јадеме тоа, како специјалитети“, вели скопјанецот Живко Арсовски - Лабуд, додека покажува на неподносливиот мирис на канализација кој се шири и по самиот кеј на Вардар.
Револтирана е и младата Александра Максимов, која пред десетина години од Скопје се преселила во Париз. Џогираше на кејот на реката, кај мостот Близнак, каде е една од најголемите цевки со кои скопската канализација се испушта од десната страна по течението на Вардар.
„Да ви кажам искрено, многу е жалосно. Кај нас во Франција постојано се мери загаденоста на водата и може да правиме било какви активности, да се бањаме, има кајак, има рафтинг на некои реки. Така што, жалосно е за Македонија што не се прави тоа“, вели Максимов.
Пречистителната станица допрва ќе се гради
Скопје е еден од ретките европски градови каде и во 21 век, водите од канализацијата непрочистени се испуштаат директно во Вардар. Допрва треба да почне изградбата на пречистителната станица за третман на отпадни води во Скопје, која беше најавувана како решение на овој проблем.
Вкупната вредност на проектот е 136 милиони евра, пари кои неодамна беа обезбедени од европските фондови. Таа ќе се простира на површина од 13 хектари, во општина Гази Баба, на левиот брег на реката Вардар, во реонот на Трубарево и ќе биде со капацитет од еквивалент на 500.000 жители. На годишно ниво, ќе третира 51,3 милиони м3 непреработена отпадна вода и треба да покрие девет од десетте скопски општини. Планот е реализацијата на проектот ќе се одвива во две фази. Првата фаза предвидува обезбедување пред-третман и биолошки третман на отпадните води до 2030 година, а втората фаза отстранување на азотот и фосфорот од отпадните води, најдоцна до 2045 година.
Сепак предуслов за нејзина изградба е завршувањето на колекторскиот систем од двете страни на реката Вардар. Со него, наместо како досега, канализацијата да се испушта на повеќе места во долното скопско течение на Вардар, отпадните води ќе се носат до Трубарево кое е најниска точка. Тука ќе се влеваат во прочистителната станица, па третирани испуштаат во реката. Градежните работи за колекторот се при крај, но и со него се доцни. Според најавите на градските власти, тој требаше да биде готов уште пред две години.
Од Министерството за животна средина појаснуваат дека колекторот доцни заради лошо работење на потписникот на договорот за негова изградба. За реализација е останато уште 900 метри цевки и изведба на неколку шахти. Оттаму додаваат дека во тек е арбитражна постапка и постои можност од раскинување на договорот. Во врска со проектот за изградба на пречистителната станица пак велат дека во тек е втората фаза на евалуација на понудите. Очекуваат Договорот со избраниот изведувач да се склучи во најбрзо време. Градбата на овој објект ќе трае 5 години.
Костадиновски: Да се купува испитана храна
Докторот и примариус, Љупчо Костадиновски, како специјалист по хигиена во ЦЈЗ Скопје со години го следи загадувањето на Вардар. Појаснува дека состојбата се влошува секојпат кога има периоди на суши, без врнежи или топење на снегот, поради што и бактериите побрзо се размножуваат. Вели дека мора да се поведе сметка и за загадувањето кое доаѓа од дивите депонии крај Вардар, но и нелегалното испуштањето фекалии собрани од септичките јами, на кои и самиот бил сведок. За загадената вода вели дека е голема опасност.
„Површинската вода којашто е од реката Вардар, а таа е четврта категорија е забранета за полевање на тие посеви каде што имаме зеленчук, каде што имаме млади кромитчиња, пипер, патлиџан, зелки, боранија. Така што луѓето неконтролирано со тие пумпи ја вадат водата , односно ги наводнуваат тие посеви и на тој начин доаѓа до загадување на тие култури“, укажува докторот.
Видете и ова: Локални избори, еколошки теми и ветувања од денес за утреПоследниот период тој работи во секторот за испитување на храната. Затоа и препорачува да се внимава од каде таа се купува, бидејќи е важно да биде испитана од овластена институција. Нема многу верба во прекупците што продаваат по пазарите по пазарите, бидејќи како што вели, никој не гарантира за тие производи од чие консимирање зависи здравјето на граѓаните.
„Сето тоа допринесува да се појават голем број заболувања, карциноми, дали е тоа на желудник, на дебело црево итн. Значи болеста е присутна наоколу, но луѓето не се свесни дека тоа доаѓа од храна која што е произведена на подрачје кадешто имате загадување со тешки метали, каде што се наводнува со вода што не е за употреба, не е за бањање, не е за полевање.И исто така со неконтролиорано прскање пестициди“, заклучува Костадиновски.
За рибата пак, дециден е дека не треба да се јаде од Вардар, туку да се купи од рибарница каде некој веќе го проверил нејзиното потекло. Во однос на земјоделските производи пак, вели дека хигиената е најважна.
„Лист по лист се мие марулата, зелката, од двете страни да се мие, да не има и полжавчиња, црвчиња. Не се препорачува производите да стојат во некој лавор, тенџере каде одвечер се става, па до утрото да стои. Значи сите тие производи се мијат под млаз вода“, препорачува докторот.