Бесплатен еколошки јавен превоз, гасификација, чистење на дивите депонии, обновливи извори на енергија за домаќинствата, велосипедски патеки и урбано зеленило, се дел од еколошките проекти кои ги ветуваат кандидатите за градоначалници на општините, побено за поголемите градови и за главниот град Скопје.
За некои од проектите партиите зборуваат и ветуваат долго време и сѐ уште не се реализирани, но останува да се види што и колку ќе биде направено во следниот период во услови на сериозни предизвици со загадувањето на животната средина за кои се потребни многу знаење и пари.
Независната кандидатка за градоначалничка на Град Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Данела Арсовска, смeта дека бесплатниот еколошки јавен превоз треба да биде едно од системските решенија за аерозагадувањето во Скопје, додека едно од главните ветувања на кандидатот на СДСМ и актуелен градоначалник, Петре Шилегов, е нов интегриран систем за јавен превоз во главниот град, но и да биде воведена комунална полиција.
Во однос на другите кандидати за градоначалник на Скопје, Петар Георгиевски од Левица вели дека фотоволтаиците ќе бидат решение за струјата добиена од загадувачките извори, Арбен Бени Шаќири од Коалицијата „Одлучност за промени“ вели дека треба да биде воведено централно парно греење, додка независната кандидатка Ана Петровска од Зелен Хуман Град пак наведува дека ќе се фокусира на зголемена контрола на загадувањето од индустријата и дивите депонии. Александар Тортевски од „Твоја партија“ вели дека треба да се реши проблемот со енергетската сиромаштија.
Еколошките теми се сѐ повеќе застапени во изборните кампањи, но повторно недостасува долгорочно планирање, смета Елена Николовска од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест.“
„Тоа е голем проблем. Ако не ја гледате сликата од денеска за 2050 година вие нема да постигнете општини кои имаат намалено ниво на емисии на стакленички гасови, со тоа и поздрава животна средина“, вели Николовска.
Проблеми со загадувањето на животната средина има во сите градови и населените места низ општините низ Македонија. Депониите се присутни насекаде во урбаните и руралните средини на земјата. Скоро и да не постои населено место, а во негова близина да не е создадена дива депонија со пластика, метал, стар мебел, отпад од градежни работи...
Загадувањето на воздухот е сериозен проблем во Скопје, Тетово, Битола, Струмица, Кавадарци со концентрации највисоки во Европа во зимскиот период, за што придонесуваат познатите фактори како затоплувањето на домовите, сообраќајот, индустријата и градежната прашина, но има и извори за кои помалку се зборува како загадување од горење на кабли од страна на препродавачи на бакар или топоење на акомулатори и алуминиум. За сите ове прашања надлежни се институциите под централната власт, но и општините.
Актуелната градоначалничка на Тетово Теута Арифи од партијата ДУИ бара трет мандат од граѓаните. Нејзината партија на овие избори ветува зелена агенда и гасификација на Тетово доколку таа добие нов мандат, како и фотоволтаични системи во училиштата и полуподземни контејнери. Вулнет Мурсели - кандидат за градоначалник на Тетово од Алијанса за Албанците – Алтернатива, пак, смета дека на градот му се потребни повеќе зелени површини и нови капацитети за паркирање, додека ВМРО-ДПМНЕ ветува дека во Тетово ќе ги реши проблемите со водата за пиење, отпадот и сообраќајот.
Во Битола, кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е Тони Коњановски кој ветува гасификација и толификација. Христо Кондовски е кандидат на СДСМ и коалицијата, кој освен гасификација ветува релаксирање на сообраќајот и безбедни зони за пешаците. СДСМ во рамки на еколошките проекти ветува гасификација и во Кавадарци каде нивни кандидат е Костадин Костадинов, исто како и актуелниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ Митко Јанчов.
Николовска вели дека на централно ниво во државата има доста амбициозни енергетски и климатски политики, но она што недостасува, според неа е имплементација и спроведување на соодветните мерки од страна на локалните власти.
Николовска наведува дека кандидатите за градоначалници треба да ги поддржат принципите на праведна енергетска транзиција, особено во регионите со јаглен како Кичево и Битола, бидејќи земјата носи амбициозни планови за напуштање на јагленот и намалување на емисиите во државата над 50 проценти.
РЕК Битола и РЕК Осломеј се едни од најголемите загадувачи кои испуштаат сулфур диоксид и прашина, но државата е зависна од нивната струја од јагленот што во моментов на дневно производство изнесува околу 80 проценти од вкупно потрошената струја.
„Токму регионите со јаглен се оние кои ќе треба да преминат на други алтернативни економски гранки и на чисти обновливи извори на енергија. Тоа значи дека општинските власти многу ќе мора да работат на привлекување на инвестиции, на мобилизирање на постоечки иинвестиции и фондови за тоа да може да се случи. Ова не е невозможно“, вели Николовска.
Таа додава дека партиите и кандидатите посветуваат внимание на еколошките теми на локалните избори, а според неа големите партии претежно се фокусираат на постоечките плановите на своите политички партии, а дека помалите партии и независните кандидати поинтензивно се занимаваат со животната средина. Сепак, смета Николовска дека потребна е координирана активност на централните и локаните власти и долгорочно планирање