Во моментот кога преку таканаречениот Ковакс механизам (Глобален пристап до вакцини за Ковид 19) вакцината за Ковид-19 ќе биде достапна во светот, ќе може да се обезбеди и во нашата земја, уверуваат здравствените власти во Македонија.
Од Министерството за здравство велат дека организациите: Глобална Алијанса за Вакцини и Имунизации, Коалиција за Иновации за подготвеност за епидемии и Светска Здравствена Организација упатиле покана до Владата на Република Северна Македонија да се приклучи кон акцијата/проектот за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини за ковид 19 преку таканаречен КОВАКС (COVAX) механизам.
„КОВАКС механизмот (Глобален пристап до вакцини за Ковид 19) се очекува да резултира во изнаоѓање на вакцина и ставање на пандемијата под контрола во најбрз можен рок преку заедничко здружено инвестирање, споделен ризик, здружени набавки и рамномерна дистрибуција до земјите учеснички. Во изминатиот период имаше неколку состаноци, во кои се разговараше за детали околу испорака, набавка, количини и начин на дистрибуција“, се вели во одговорот од Министерството за здравство.
Видете и ова: Многу луѓе уште не веруваат a пандемијата ескалира
Александар Стојанов, директор на Центар за јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести, во неделното интервју за радио Слободна Европа вели дека вакцини ќе има, но се уште е рано да се каже колкави количини ќе добиеме и дали тие ќе се доволни.
„Македонија е ставена на листата на Европската заедница дека бараме вакцини. Колку ќе добиеме, како и кога, тоа не може да знаеме. Но дека нема да го пропуштиме возот, тоа секако, бидејќи сме на листата за вакцини“, вели директорот на ЦЈЗ Стојанов.
Но, она на што предупредува Стојанов е отпорот кај голем дел од граѓаните во однос на потребата да се вакцинираат од ковид 19. Според него досегашното искуство со вакцинацијата од веќе познатиот сезонски грип покажало дека не е мал процентот на граѓани кои не сакаат вакцини и кои се убедени дека со тоа не им се помага.
„Колку што јас паметам ние преку 30 години и повеќе вакцинираме за сезонски грип и пак не можеме да ги убедиме луѓето да се вакцинираат затоа што по некои статистики и предвидувања од СЗО се вели дека барем 20 проценти од населението треба да е вакцинирано за да не се случи епидемија. Кај нас најмногу 2, 3 најмногу 5 проценти од населението се вакцинира, тоа е многу малку. Имавме лани и бесплатни вакцини. Па имаме и здравствени работници кои не се вакцинираат. Има отпор и кај населението. А оваа година го имаме и ковидот. Ќе мора да се направи поголем напор за обезбедување повеќе бесплатни вакцини за луѓе над 60 години, за хронично болни, деца до 5 години, бремени жени се со цел да ни остане повеќе време да се справуваме со ковидот, а, не со сезонскиот грип“, вели Стојанов во интервјуто.
Видете и ова: Дали Русија во октомври ќе има вакцина против ковид-19?
Невидена посветеност на светските експерти за развивање на вакцина
Инаку, повеќе од 75 побогати земји, вклучително и Британија, изразија интерес за механизмот КОВАКС кој е предводен од Светската здравствена организација, придружувајќи се на 90 посиромашни, за финансирање поддржано преку донации. Но, Соединетите држави, Кина и Русија не се меѓу државите што изразуваат интерес за ова.
Експертите проценуваат дека светот може разумно да се надева дека ќе има околу 2 милијарди дози ефективни вакцини до крајот на следната година, доколку неколку од водечките кандидати се покажат ефикасни во забрзаните испитувања во доцната фаза што се во тек.
Целта на КОВАКС е да се дистрибуираат дози за најмалку 20% од популациите на нејзините потписнички.
Во меѓувреме, дури над 100 најголеми напори за развивање вакцина продолжуваат низ целиот свет. Станува збор за досега невидена посветеност на научните и медицинските сектори за пронаоѓање на безбедни и ефикасни вакцини и третмани против смртоносниот коронавирус, кој се појави во централна Кина кон крајот на минатата година и од него досега починале најмалку 685.000 луѓе.
Многу од најоптимистичките истражувачи сугерираат дека развојот на вакцината против вирусот САРС-КоВ-2 во шестмесечната пандемија што инфицира 18 милиони луѓе во светот, ќе трае до крајот на годинава, што е извонредно темпо во споредба со годините или децении што беа потребни за повеќето претходни вакцини.
Светската здравствена организација ги поздрави резултатите од првичното тестирање на две експериментални вакцини против коронавирусот, но предупреди дека претстои долг пат до ефикасна вакцина. Научниците од универзитетот во Оксфорд објавија дека првите тестови на нивната експериментална вакцина против коронавирусот покажале дека таа предизвикува заштитна реакција на имунолошкиот систем кај стотици луѓе кои ја примиле. И кинеските истражувачи ги објавија резултатите од испитувањето на нивната експериментална вакцина што исто така доведе до реакција на имунолошкиот систем.
Сепак СЗО соопшти дека времетраењето на пандемијата на коронавирус веројатно ќе биде долго, со оглед на тоа што многу земји забележуваат рекорден број заболени, а други се плашат од втор бран на вирусот. Нивната проценка доаѓа шест месеци откако го прогласија новиот коронавирус како закана за јавното здравје која предизвикува меѓународна загриженост.
По појавувањето во Кина кон крајот на минатата година, новиот коронавирус досега однесе повеќе од 685 илјади живот, а заразени се најмалку 17,17 милиони луѓе ширум светот. Пандемијата брзо се прошири низ целиот свет, што доведе до рестриктивни мерки и затворање на економиите во многу земји во обид да се забави ширењето.