Премиерот Димитар Ковачевски сепак ќе присуствува на Самитот на ЕУ што ќе се одржи в четврток.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска на неговиот официјален профил на Фејсбук потврди дека заедно со останатите двајца лидери на Отворен Балкан, албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ донеле одлука да присуствуваат на самитот ЕУ- Западен Балкан на 23 и 24 јуни во Брисел.
Тој порачува дека Северна Македонија има докажани пријатели во земјите членки на ЕУ кои гледаат кон иднината, наспроти минатото и од кои земјава и Албанија, но и регионот имаат целосна поддршка во исполнувањето на стратешката цел - членство во ЕУ.
„Јас, Еди Рама и Александар Вучиќ денес донесовме одлука, уште еднаш да ја потврдиме позицијата дека Северна Македонија, Албанија и Србија имаат европска иднина. Решивме дека треба, пред земјите пријатели, кои се посветени на напредокот на регионот на економски и политички план и кои се залагаат за брзи и одлучни евроинтеграциски процеси, да ги повториме нашите заложби за европскиот пат на целиот Западен Балкан. Доколку не се обезбеди прогрес на процесот на евроинтеграции, тоа ќе е сериозен проблем и удар врз кредибилитетот на ЕУ на Балканот. Нашите ставови на оваа тема ќе ги пренесеме заеднички, на самитот на ЕУ за Западен Балкан, во широк форум, во центарот на европската дипломатија“, напиша Ковачевски.
Претходно Рама на Твитер ја соопшти одлуката. Ковачевски, Вучиќ, Рама и нивните колеги од другите земји од Западен Балкан се повикани во Брисел на средба со челниците од ЕУ на која ќе се разговара за проширувањето на Унијата.
„Ќе присуствуваме на состанокот на Советот на ЕУ. Нема да има многу што да се слушне за нас, но ќе бараме да бидеме слушнати за идејата за Нова европска политичка заедница која ја поддржуваме, за Отворен Балкан кој го промовира духот на Европа и за нашето киднапирање од Бугарија што сето тоа го уништува. Само што слушнав дека нешто денеска се придвижува во Бугарија. Прерано е за оптимизам и премалку за промена на делот од утрешниот говор каде Бугарија ќе биде критикувана како земја која киднапирала две земји од НАТО додека има жешка војна на европската граница!“, наведува албанскиот премиер Еди Рама на Твитер.
Што се случуваше вчера
Претходно Рама, како и македонскиот премиер Димитар Ковачевски и српскиот претседател Александар Вучиќ вчера соопштија дека се договараат дали ќе учествуваат на самитот Европска Унија- Западен Балкан закажан за 23 и 24 во Брисел.
Премиерот на Фејсбук вчера напиша дека лидерите на Отворен Балкан денеска одржале вонреден состанок преку видеоврска и разговарале за националните позиции на секоја од земјите, регионалните перспективи, како и за динамиката на евроинтеграцискиот процес.
„Се согласивме дека по дополнителни интерни консултации, утре претпладне ќе ја донесеме финалната одлука за нашето учество на ЕУ-Западен Балкан самитот во Брисел“, пишува премерот Ковачевски на Фејсбук.
Претходно, претседателот на Србија Александар Вучиќ на Инстаграм напиша дека разговарал со премиерите на Македонија и на Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама, и дека се договориле по консултациите со владите и советниците утре да објават дали ќе присуствуваат на самитот.
„Заедно се бориме за јасна перспектива на Западен Балкан, за уште поголема соработка и подобро поврзување“, додава Вучиќ.
Албанскиот премиер Еди Рама, попладнево на Твитер напиша дека денеска имал долг разговор со лидерите на Македонија и Србија за Самитот на ЕУ во Брисел.
„Се чини дека уште едно „Не, извинете!“ ќе биде она што ќе го слушнеме на крај! Целата Унија киднапирана од Бугарија не е добар спектакл за гледање! Што да правам таму“, праша Рама на Твитер.
Претставниците на ЕУ, кои го организираат Самитот во Брисел за РСЕ велат дека очекуваат сите поканети да учествуваат на состанокот.
Лидерите на шесте земји од Западен Балкан се поканети да присуствуваат на самитот на ЕУ закажан за четврток и петок.
- Видете и ова: Што и да одлучи Бугарија - Македонија ќе заглави на патот кон ЕУ Бугарското Собрание утре ќе го разгледува „францускиот предлог“
Денеска е денот кога и бугарското Собрание ќе го разгледува „францускиот предлог“ за тргање на ветото со што Македонија и Албанија би добиле датум за почеток на преговори. Седница на Kомисијата за надворешна политика на бугарскиот Парламент, на која треба да се разговара за францускиот предлог, е закажана за утре попладне.
Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека францускиот предлог е чекор во вистинска насока, лидерот на владејачката „Демократска Бугарија“ Христо Иванов дека е „исклучително добар“, а и доскорешната шефицата на дипломатијата го оцени позитивно. Откако Бугарија ќе се изјасни дали го прифаќа францускиот предлог, тој ќе биде ставен пред останатите членки на ЕУ.
Јавноста официјално не го видела „францускиот предлог“, ниту, пак, македонската влада се изјасни дали е прифатлив за неа. Македонскиот државен врв најави став кога ќе има усогласен став од сите 27 членки на ЕУ. Дел од медиумите кои го добиле предлогот, објавија дека тој ги содржи сите бугарски барања, освен за македонскиот јазик.
Во францускиот предлог се наведува дека Бугарите треба да влезат во македонскиот Устав пред почетокот на преговорите, но за отворање на уставот се потребни неколку месеци.
Една од придобивките е што францускиот предлог предвидува условите на Бугарија за Скопје да станат дел од обврските на Северна Македонија кон Брисел, што Софија го бара од 2019 година.
Расправа за недоверба на Владата на Петков
Бугарија, која е кочничар на македонските евроинтеграции од 2019, поради кои и Албанија нема датум за преговори, пак, се соочува со внатреполитички проблеми.
Бугарскиот Парламент на 21 јуни започна расправата за гласање на недоверба на Владата на премиерот Кирил Петков. По излегувањето на партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов од бугарската влада, владејачката коалиција сега нема мнозинство во Парламентот. Опстојувањето на владата е неизвесно, со оглед на тоа што неколку пратеници го напуштија Трифонов, но во среда ќе се знае дали тоа ќе биде доволно за Петков да остане на функцијата.
Додека во Собранието се расправа, има протести пред домот на Петков. Најавени се и други собири против, ни и за поддршка на Владата на Петков.
Одлуките за тоа дали лидерите на Западен Балкан ќе присуствуваат на Самиот на ЕУ, бугарската одлука за францускиот предлог и гласањето недоверба на владата на Петков се случува во момент на голема неизвесност за евроинтеграциите на Западен Балкан.
Во меѓувреме и Словенија доставила свој документ до останатите земји членки на ЕУ, со кој бара Македонија и Албанија да ги отпочнат преговорите со ЕУ, визна либерализација за Косово и кандидатски статус за Босна и Херцеговина. Министерка за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон изјави дека Словенија го поддржува кандидатскиот статус за Украина и Молдавија, но дека не смее да се заборави Западниот Балкан во тој процес, за да остане политиката на проширување на ЕУ кредибилна.
Интеграциите на Србија условени со санкции за Русија
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека четврток е важен ден, бидејќи врз основа на тоа што евентуално ќе се случува на Самитот, ќе се види каква ќе биде архитектурата на Европа. Србија ги почна преговорите за членство во ЕУ во јануари 2014, а лани ја прифати новата методологија на Европската комисија, според која поглавјата се групирани во шест тематски целини или кластери. Досега земјата отвори 22 поглавја, но иако кластерот 3 е готов нема да се отвори во јуни, рече неодамна министерката за евроинтеграции на Србија, Јадранка Јоксимовиќ. Причината, вели таа, е што Србија не воведе санкции кој Русија по нејзината инвазија на Украина.
Видете и ова: Нема волја за реформи, а без европска перспектива уште помалкуПри посета на Србија на 10 јуни, германскиот канцелар Олаф Шолц повика сите земји кандидатки за членство во ЕУ да се приклучат на санкции против Русија. Вучиќ на тоа одговори дека Србија не се согласува со руската инвазија на Украина, но дека што се однесува до санкциите, земјата има поинаков став поради многу причини. Шолц истиот ден при посета на Приштина рече дека Косово и Србија нема да влезат во ЕУ без да се признаат.
Во меѓувреме во Брисел денеска се одржува нова рунда дијалог меѓу Србија и Косово, на ниво на главните преговарачи на двете земји. На состанокот е постигнат договор за примена на договореното за енергетиката и за подготовка на состанок на високо ниво меѓу премиерот на Косово Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ. Под покровителство на Европската унија, Белград и Приштина го потпишаа Бриселскиот договор во 2013 година со цел да се отвори патот за нормализација на односите меѓу двете страни.
Албанија може да бара одвојување од Македонија на патот кон ЕУ
Албанија од 2014 е кандидат за членство во ЕУ. Тогаш имаше противење од неколку земји Албанија да стане кандидат, но тие не ставија вето по борбата на албанската полиција со нарко центрите и со реформите за приближување на законодавството кон европското. Тирана и Скопје на евроинтегративниот пат одат заедно во пакет, на сега Албанија е заглавена на тој пат поради бугарското вето за Македонија. Овојпат за Албанија нема официјално противење од никого. Премиерот на Албанија Еди Рама неколку пати во последните денови повтори дека не очекува преговори за членство. Тој исто така повторува дека ако ништо не се случи на самитот, ќе побара одвојување на кандидатурите за членство, односно Албанија да се третира одвоено од Македонија.