Берлин разочаран, а за Скопје бугарското вето за ЕУ е геостратегиска грешка

Прес-конференција на Потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович и Германскиот министер за европски прашања и претседавач на состанок за општи работи на ЕУ Михаил Рот во Брисел

Бугарија остана на ветото за преговарачката рамка за влез на Македонија во ЕУ. Од Владата оценуваат дека тоа е неодговорна геостратешка грешка, но посочуваат дека македонската иднина е европска.

Стартот на преговори за влез на Македонија во ЕУ ќе го чека португалското претседавање со Унијата, откако тоа не успеа да се случи за време на германското претседателство, кое истекува на крајот на годинава, бидејќи Бугарија останува на ветото на преговарачката рамка за Македонија.

Видете и ова: Бугарска блокада - грешки во договорот или грешни ветувања на политичарите

Германскиот министер за европски прашања и претседавач на состанок за општи работи на ЕУ Михаил Рот е уверен дека ќе се изнајде решение за преговарачката рамка за Северна Македонија најдоцна за време на португалското претседателство. По состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки, Рот потврди дека поради Бугарија не се усвоени преговарачките рамки за Македонија и Албанија. Тој рече дека лично тој и канцеларката Меркел се разочарани поради оваа ситуација, оти како што вели, биле посветени, но не биде доволно успешни.

„Европската комисија предложи преговарачка рамка, прашањето е кога, а не дали таа ќе биде усвоен. Би сакал да испратам малку оптимизам, само една земја не се согласи за преговарачката рамка, а таа рамка мора да биде прифатена од сите земји членки на ЕУ и од Северна Македонија. Прилично сум сигурен дека нашите партнери во Скопје нема да се обесхрабрат“, рече Рот на прес конференцијата.

Тој вели дека нема план Б за Скопје, прашањето е само кога. Тој е сигурен дека ќе се надмине ова.

Потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович, со ист тон како и Рот изрази целосна поддршка за процесот со Македонија и порача дека Комисијата ќе работи со португалското претседателство од први јануари на оваа тема.

Рот, пред почетокот на состанокот рече дека бугарската блокада е „сериозна политичка грешка“.

Во меѓувреме, дваесет европратеници ја повикуваат ЕУ да започне преговори со Македонија. Бугарија, повикуваат европратениците, треба да го одобри отворањето на меѓувладината конференција со Северна Македонија што е можно побрзо и со тоа да оддаде признание за напорите на земјата во пристапниот процес кон ЕУ. Тие ја повикуваат македонската страна исто така „да го вложи секој можен напор“ за решавање на споровите.

Од Владата соопштија дека ветото на Бугарија е неодговорна геостратешка грешка.

„За жал, процесот на проширување како стратешка цел на ЕУ го запре Република Бугарија како членка на ЕУ. Станува збор за неодговорна и тешка геостратешка грешка. Неодобрувањето на преговарачката рамка е на штета на фундаменталните принципи и вредности на Европската унија“, стои во соопштението од Владата.

Понатаму се додава дека Владата нема да дозволи застој на внатрешните реформи. Напротив, ќе го засилиме темпото и ќе ја зголемиме предноста во демократски реформи што ја имаме во регионот, се наведува во соопштението.

Претходно министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека ќе продолжат да работат со Бугарија за надминување на проблемот, оти, како што вели, денеска е Бугарија, а утре може да биде друга земја членка која ќе спори за друго прашање.

„Ние мора да навикнеме дека овој процес бара многу разговори, бара многу дипломатија, бара упорност и не смее да има откажување во ниту еден момент во процесот“, рече Османи.

Министерот вели дека со Бугарија разговараат за прашања што произлегуваат од Договорот за добрососедство и дека се разговара во тие рамки, не се преговара за идентитетските прашања.

Вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров вели дека е битно пристапниот процес во ЕУ да се европеизира, а не да се балканизира.

Македонија го чека отворањето на разговорите за пристапување во ЕУ од 2009 година. Прво беше блокирана од соседна Грција поради спорот со името. Во пролетта Европската унија едногласно го одобри отворањето на пристапните преговори со Скопје, но оваа есен Бугарија поднесе приговори и објави блокада за преговарачката рамка на ЕУ и Македонија.