Скопјанка може да остане без стан во центарот на Скопје поради заем од скоро 5 илјади евра од три фирми за брзи кредити. Станува збор за 40-годишна жена која може да го загуби станот од околу 60 квадратни метри вреден околу 100 илјади евра, што го наследила од родителите, затоа што со својата плата од 24 илјади денари не можела да ги врати кредитите што ги зела од „продавници за пари“ чија вкупна вредност е речиси 5 илјади евра. Извршувањето на овој предмет не е завршено. Жената, која сакаше да остане анонимна, за Радио Слободна Европа вели дека приказната започнува наивно, со мал заем, ама завршува со извршители.
„На пример за недела ипол илјада денари им е камата, при задоцнување при плаќањето, една опомена за доцнење им чини 6 илјади денари. Јас зедов 7 илјади денари кредит и сега треба да вратам 70 илјади денари, со тоа нивно рефинансирање, опомени и камати. Барав да ги рефинансирам кредитите и влегов во еден вртлог каде што сега имам два извршители на врат“, вели таа.
Видете и ова: Ако каматите многу пораснат, граѓаните тешко ќе ги плаќаат кредититеНејзината приказна започнува со желба да излекува болно куче. Кога првпат аплицирала за брз кредит не ѝ било јасно во каква „финансиска авантура“ влегува. Првите три дена се грејс период и за една недела почнува секојдневното потсетување дека доцни со уплатата.
„Тргнав со 7 илјади, за кратко време ти се јавуваат за рефинансирање на кредитот, па те уценуваат со извршители ако не сакаш да рефинансираш, па втор пат од 7 илјади на 17 илјади ми порасна, со третото рефинансирање од 33 илјади денари сум должна над 70 илјади денари“, вели таа за РСЕ.
Каматите вртоглаво растат по првото задоцнување
Адвокатката Небие Заимовска, која ја застапува оваа жена, вели дека ова не е единствен пример на „должничко ропство“ во кое запаѓаат граѓаните со брзите кредити. Во нејзината адвокатска канцеларија помош побарал и 50-годишен скопјанец кој не може да „исплива од долгови“. Тој се задолжил со брзи кредити во седум фирми за да собере пари за лекување на неговата сопруга во приватна болница.
„Сопругата му беше тешко болна и единствениот начин за обезбедувањето на материјални средства за лекувањето му беше да земе брзи кредити, и јас од договорите што ги видов дека ги потпишал од три места, во условите пишуваше дека каматата расте секој ден по 3 отсто. Странката моја имаше земено брзи кредити од 7 места, цела плата му идеше на брзи кредити и имаше еден куп извршители кои му беа закачени со цел исплата на кредитите“, вели Заимовска.
Отворена „банкарска војна“ – перење пари преку фиктивни кредити
Таа објаснува дека таквата одредба во договорот со камата од 3 проценти на ден е противзаконска.
Висината на износот кој треба да го вратат за „брзите кредити“ е најчестата причина поради која се жалат граѓаните кај Народниот правобранител.
„Некои од случаите се жалеле дека им се бара и 50 проценти камата што мислам дека е апсолутно нереално и спротивно на секоја пазарна логика. Колку е тоа легално треба надлежните институции да проверат, колку е легално тоа што се прави“, вели заменик Народниот правобранител Јован Андоновски.
Плаќачите ќе плаќаат уште поголеми даноци
Сиромаштијата си го прави своето и ги тера граѓаните да најдат начин да стигнат побрзо до пари, особено што кратката процедура за овие брзи кредити од половина час и со еден документ ги прави уште попримамливи, вели тој.
Ковид кризата, енергетската криза го зголеми притисокот врз граѓаните и нивните обиди да се справат со се поголемата беспарица.
„Од друга страна, малку е дискутабилно како толку многу компании кои се занимаваат со иста дејност се толку доходовни во толку големата меѓусебна конкуренција. Погледнете колку се намножија, ги има на речиси секоја улица низ градовите“, вели Андоновски.
Инфлација и енергетска транзиција
Народниот правобранител ги советува граѓаните кои имаат проблеми со брзите кредити да се обратат до инспекцијата при Министерство за финансии или да си поднесат тужба против фирмите до Граѓанските судови.
Но, адвокатите велат дека странките се плашат и не поднесуваат тужби. Покрај стравот, проблем се и парите, затоа што дел од нив не можат ни долговите да си ги вратат, а камо ли да плаќаат судски трошоци за тужба која според досегашната пракса има голем ризик да ја изгубат. Заимовска вели дека со брзи кредити најчесто заглавуваат најранливите категории на граѓани и мака мачат да излезат од тој магичен круг.
Кредит до плата - слика за падот на животниот стандард
Платата ви ја снема по само десет дена, има решение земи кредит до следната плата. Решение за непредвидени семејни трошоци, кеш на рака за сè што ти душа сака за само неколку минути, наградна игра за кредитобаратели со главна награда лаптоп. Ова е само дел од понудата за брзи кредити на во медиумите и на социјалните мрежи кои ги нудат 33 регистрирани финансиски друштва. Во време на криза и понудата на пазарот за кредити е за да се „скрпи“ крај со крај во месецот. Граѓаните чиј паричник е истенчен од инфлацијата преку овие брзи решенија „заглавуваат “ во поголеми долгови.
Според калкулаторите кои се објавени кај дел од финансиските друштва, каматите за овие брзи кредити изнесуваат од 10 до 20 проценти, додека казнените пенали за доцнење со уплата на рата се од 900 до 1500 денари во некои од овие друштва. Тоа значи дека ако побарате на заем 60 илјади денари како краткорочен кредит на една година исплата, на картичка ќе ви бидат префрлени 58 илјади денари, а ќе треба за 12 месеци да вратите 70 188 денари, покажува калкулаторот на една „продавница за пари“.
Видете и ова: Инфлацијата ја „јаде“ владината помош за граѓанитеСпоред податоците на веб страницата на една „продавница за пари“, од нејзиното постоење од 2017 година до сега одобриле 206 илјади брзи кредити во вредност од 50 милиони евра. Анализата на финансискиот портал „Пари.мк“ покажува дека во последниве пет години бројот на баратели на брзи кредити пораснал за 760 проценти, а бројот на фирми кои се занимаваат со издавање на брзи кредити од 10 во 2015 достигна 33.
Минатата година вкупниот приход на сите дотогаш регистрирани 30 небанкарски финансиски друштва што се занимаваат со кредити изнесувал 46,8 милиони евра, а нивната вкупна нето-добивка изнесувала 10,5 милиони евра.
Тоа се пари заработени од камати и разни административни трошоци за позајмените пари, но има пари и од реализирани други услуги, затоа што според Регистарот на финансиските друштва, дел од нив имаат и други финансиски активности покрај одобрувањето кредити ‒ администрирање на кредитни картички, факторинг и издавање на гаранции.