Брегзитот одложен, сè друго е неизвесно

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

ЕУ прифати условно одлагање на Брегзитот

Британската премиерка Тереза Мај ја поздрави одлуката на Европската унија да го одложи Брегзитот. Притоа таа оцени дека пратениците во британскиот парламент сега имаат јасни одлуки пред себе.

На само една недела до следниот петок на полноќ кога Британија ризикува да се најде во законска неизвесност поради Брегзитот, лидерите на Европската унија ѝ дадоа на премиерката Тереза Меј дополнителни два месеца, до 22 мај, за да се обиде да го протурка договорот за Брегзитот во парламентот.

Видете и ова: Засилен притисокот против Брегзит без договор

„Денешната одлука ја нагласува важноста на Долниот дом да го усвои договорот за Брегзит наредната недела, за да можеме да ѝ ставиме крај на неизвесноста и да заминеме на гладок и уреден начин“, рече Меј.

Но, таа по сè изгледа тешко успева да ги убеди другите 27 членки на Унијата дека овој пат ќе го стори тоа наредната недела.

Така по седумчасовните разговори во Брисел е постигнат договор кој сугерира дека Лондон може, ако не успее, да се врати и да побара многу подолго одложување.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск посочи неколку сценарија:

„Во првото сценарио, односно ако договорот за повлекување е донесен од Долниот дом следната недела, Европскиот совет се согласува на продолжување до 22 мај. Во второто сценарио, односно ако договорот за повлекување не е одобрен од Долниот дом следната недела, Европскиот совет се согласува на продолжување до 12 април“, рече тој.

Видете и ова: Хаос со Брегзитот?

Но, тоа би било под услов, што најверојатно беше главен камен на сопнување, Британија да учествува на изборите за новиот состав на Европскиот парламент на 23 мај.

За да се направи тоа, пак, британскиот изборен закон наложува дека изборите мора да бидат распишани шест недели порано, значи на 12 април.

„Не верувам дека е исправно да се одржуваат европски парламентарни избори три години откако луѓето гласаа за напуштање на ЕУ“.

Во секој случај, ако европските избори не бидат закажни до 12 април тогаш Британија излегува од Европската унија.

Во меѓувреме, британското Министерство за одбрана соопшти дека отвори оперативен центар во нуклеарниот бункер во центарот на Лондон поради можноста за излегување на земјата од ЕУ без договор.

Британските медиуми објавија дека од овој центар би се координирала помошта во превозот на храна, гориво и друга стока во случај на тешкотии на границата.

Воената операција за управувањето на кризата поради Брегзитот под името „Операција Редфолд“ почна во текот на неделава и во неа би можело да учествуваат и околу 3.500 војници.