Килограм боранија за 60 денари, тиква по 15, но и кашкавал за 300 денари може да купи на интернет, ако купувачите успеат директно да се договарат со земјоделците. Растот на цените во маркетите дополнително го забрза овој тренд на купување, па ги принуди дури и поплашливите, да купуваат од производителите.
Меѓу нив е и скопјанката Снежана Тодоровска, која во екот на пандемијата за првпат почнала да купува овошје и зеленчук по поевтини цени, од удобноста на својот дом.
„Се осмелив и се јавив на пар огласи и договорив да ми доставуваат на вреќа или гајба овошје и зеленчук. Луѓето коректни, доаѓаа два пати месечно лично, а овошјето ми го доставуваа по карго. Еве на пример, цело лето јадев преубави цреши за 50 денари килограм “, раскажува скопјанката.
Видете и ова: Недостиг на храна нема да има, ама за цените никој не гарантираСега, кога во маркетите и млекото и месото станаа прескапи, се обидела на групите на Фејсбук да најде и други производи, директно преку земјоделците.
Првите обиди биле неуспешни, затоа што ретко кој сакал производите да ги достави до Скопје, ама откако јавно се пожалила, работите се промениле.
„Си договорив и канти сирење да носат, компири, кромид, домашни јајца, дури и месо. Се за пристојна цена. За (на земјоделците) да им биде исплатливо доаѓањето во Скопје, се договорив со неколку пријателки во исто време да нарачуваат и тие. Моја нога веќе ни во Веро, ни во Тинекс, а ни во месара не влегува. Веќе ги добив првите производи и сум презадоволна“, вели Тодорова.
Цената на храната во маркетите значително порасна во изминатата година. Раст има кај сите производи, но кај некои е огромен. Како кај лебот и зејтинот кои поскапеа за скоро 50%, месото и млекото над 20%, а високи се цените и на овошјето и зеленчукот.
Литар трајно кравјо млеко сега во продавница се продава по околу 75 денари, додека на фарма на пример, неговата откупна цена е околу 20 денари за литар.
Затоа Боркица Јакимовска, скоро 2 години година млекото го купува три пати неделно, директно од фармер од скопско.
И го носат до дома, во пластични шишиња од 1,5 литар, по цена од 75 денари. Вака вели, и заштедува и добива според неа поубаво млеко.
„Ова млеко го поткиселувам, убаво ми е, имам и млеко и кисело млеко. Поквалитетно е, поубаво е. Е сега (млекарот) водичка става, ама нема прашоци“, вели Јакимовска.
Земјоделците се вртат кон социјалните мрежи
Земјоделците и годинава се незадоволни од откупните цени на производите и целата состојба во ресорот. Па така, производителите на ориз од кочанско излегоа на протести поради ниска откупна цена. Оние од Овчеполието се лути бидејќи поради Африканската чума, ќе мора да ги заколат свињите, иако болеста ја нема во нивниот реон. Дел од сливите во малешевско завршија на депонија затоа што се откупуваа по цена пониска од производната. Голем дел и од пченицата подолго остана во силосите, поради револт од откупните цени, во време на енормен раст на цената на горивата за механизацијата, но и на ѓубривата.
Ова го налути кочанскиот земјоделец Сашо Митков, кој одлучи целата реколта пченица од 1300 килограми да ја продава на интернет. На откупувачи не сака да ја даде поради многуте одбитоци, па смета дека зијанот ќе биде поголем од ќарот. Лани вели вака брзо го продал јачменот, ама сега не му оди лесно.
„Па е многу тешко, се јавуваа неколку души, цената им е многу висока, сакаат нешто пониско, јас им барав 20 денари, па ја спуштив на 19, ама бараат за 17. А тоа е многу ниско“, вели Митков.
Сепак вака или онака ќе мора да ја продаде. Во спротивно додава, ќе ја изедат глувците.
Овој проблем го нема Миле Гошевски, производител на овчо сирење во пехчевско. Во селото Негрево неговиот татко чува овци и од сето млеко прави сирење, додека синот е задолжен за организирање на транспорт и продажба, но и огласување по социјални мрежи.
Гошески забележува дека откупната цена на млекото е многу ниска, па затоа ова е подобар начин да се вратат вложените пари, во време кога трошоците на земјоделците растат поради кризата.
Веќе им се продадени сите канти директно на купувачите, па следното сирење ќе го имаат до година, после јуни. Најголемиот дел им оди за редовни муштерии или по препорака. Помал дел вели дека се оние што купуваат по првпат и тие се најрезервирани.
„Има случаи некои, 10%-20% од муштериите кои не ги знам, не сум ги видел. Така им испраќам и некои се задоволни, на некои им е скапо, некои сакаат поевтино. Ама досега не сум имал проблем. Секој ќе си го земе сирењето и ќе си го плати“, вели Гошевски.
Кашкавал за 300 денари на интернет
Со цел да се намалат трошоците на граѓаните, дел од нив ги земаа работите во свои раце. Цената на кашкавалот од 700 денари за килограм го налути Бојан Велевски, комичар кој има многу следбеници на социјалните мрежи. Доволна му беше доволна една објава на Фејсбук, за да собере стотици илјади граѓани и да организира онлајн базар на својот профил, за директна продажба на земјоделски производи, од земјоделците за купувачите.
Идејата беше производителите и малите фарми да понудат производи со пониски цени од оние во продавниците, па директно со купувачите да си ја договорат испораката на производите.
„Ако ви кажам дека кравји кашкавал дека во моментов може да најдете во Делчево за 300 денари кило, мислам дека тоа дефинитивно ќе значи за било кое семејство во Македонија, а нормално и за тој што го продава на пазарот во Делчево. Тоа ќе биде еден сериозен момент каде производителите може да продадат поголема сума, а и ние граѓаните да направиме некоја залиха на среден рок “, смета Велевски.
Сепак базарот не одеше според очекуваното. Купувачите прашуваа, ама земјоделците дојдоа во мал број, поради што Велески ги насочи кон една од страниците за земјоделие, каде што оваа пракса на директно договарање постои од поодамна. Нема одговор зошто и покрај толкав интререс, продавачите не се појавија. Појаснува дека имало притисоци за негово откажување, но задоволен е што барем се обидел нешто да стори во време на криза.
Ваквиот начин на купување носи ризици
Како голем проблем во овој ланец се појавува доставата на производите кои се купуваат на овој начин. Дел од производителите со свои возила ги носат работите до домот на купувачите, а други знаат да ги пратат по карго или по автобуси, за што најчесто наплаќаат плус за трошоци. Ама повеќето од оние што се обидуваат да продаваат на социјалните мрежи ги викаат купувачите да дојдат кај нив на нива.
Така, успеавме да најдеме тиква за 15 денари, ама требаше да отидеме до струмичко за да си ја земеме. Боранијата од 60 денари што ја продаваше земјоделец од Лозово, успеавме да договориме да ни се донесе до Велес, ама но не и до Скопје.
Видете и ова: Ќе се бара ли мед повеќе во „медената земја“?Во Законот за земјоделство и рурален развој се наведува дека продажбата на земјоделски производи може да се врши директно од земјоделското стопанство, на пазарите, но и преку интернет. Продажбата во овој случај може да ја вршат земјоделски стопанства, трговски друштва, земјоделски задруги и организации на производители. Законот наведува дека од земјоделски имот може да се продаваат земјоделски производи од земјоделското стопанство и производи од дополнителна дејност наменети за крајна потрошувачка. Притоа, нивната продажба може да ја врши носителот на земјоделското стопанство или негов член.
Но она што го нагласува Анета Симеска Димоска, в.д. директорката на Државниот пазарен инспекторат, главниот услов е продажбата да се прави од регистриран земјоделец. Вели дека ова важи и за тие што продаваат преку социјални мрежи, исто како и за оние што продаваат „од нива“. Запознаена со растечкиот тренд на директно договарање, но забележува дека може да има и злоупотреби.
„Не може да се јавува некој прекупец или трговец во име на земјоделец. Има и такви случаи, тоа ќе се злоупотребува, затоа мора да се провери дали тој што продава е навистина земјоделец, или прекупец“, додава Симеска Димоска.
Фармерите го поздравија и носењето на релативно новиот „Правилник за продажба од куќен праг“ кој почна да се применува од септември 2019 година. Тој имаше цел да ја олесни продажбата на производи од животинско потекло, за фармерите да можат директно да ги пласираат своите производи до потрошувачите, ама ако ги исполнат хигиенските критериуми.
Сепак, останува отворено прашањето колку овие одредби се почитуваат. Доктор Љупчо Костадиновски, началник на одделот за хигиена во ЦЈЗ Скопје е дециден дека ваквиот начин на купување носи ризици.
Според него, останува отворено колку од производителите имаат санитарни книшки, вели дека отсуствува анализа на оваа храна, а проблематичен е и превозот. Како пример наведува дека дури и доставата на пица до канцеларија претставува ризик, ако не се транспортира правилно.
„Не може така, ова е партизански начин како не треба“, смета докторот.
Најмногу вели дека мора да се внимава со купувањето месо, млеко и нивни производи. Забележува дека вакви производи често ги има и по пазарите, кои не се проверени.
Затоа ги советува граѓаните многу да внимаваат што и од каде купуваат.
„Значи храна да се купува без декларација е најопасно. А ние непроверена храна едноставно ја толерираме “, дециден е доктор Костадиновски.