Блокираните евроинтеграции ќе имаат разочарувачки ефект врз младите и ќе ги поттикнат уште повеќе да заминуваат во странство, смета Стефани Спировска – претседателка на Младинскиот образовен форум (МОФ).
Во услови на евидентна блокада од Бугарија на преговорите на земјава за членство во Европската унија, таа смета дека таквиот потег дополнително ќе го наруши оптимизмот кај младите за останување во Македонија.
„Она што младите го гледаа од евроинтеграциите беше ветување за подобар живот во нивната земја, без да се разделат од пријателите, семејството и да се бараат себеси во други земји во странство“, вели за РСЕ Спировска.
МОФ е младинска организација основана во 1999 година која иницира дебати и младинско организирање, со цел да се обезбеди дискусија, информирање и едукација на младите.
Иселувањето во странство особено на младите луѓе, е веќе долгогодишен проблем за земјава, особено бидејќи на таков чекор се решаваат висококвалификувани кадри.
Тоа го потврдуваат и извештаите на меѓународните институции. Светската банка во 2019 година го објави извештајот насловен „Миграција и одлив на мозоци во Европа и Централна Азија“, според кој Македонија ја напуштиле скоро 500.000 граѓани, што е околу една четвртина од населението.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
За тоа каква ќе биде перспективата на младите со блокирани евроинтеграции и во услови на многу други нерешени прашања, како екологија, владеење на правото, корупција и т.н, ја прашавме пратеничката Маја Морачанин од партијата ДОМ, која е дел од владејачката коалиција.
Таа вели дека иселувањето на младите генерации е показател дека тие тежнеат кон Европа и дека сакаат да живеат според такви стандарди, но посочува дека е „трагично“ што се губат високоедуцирани кадри подготвени да го движат општеството напред.
„Она што ние треба да го обезбедиме овде за младите, е да немаат потреба да се иселуваат, односно европеизација на македонското општество, бидејќи тоа е еден од најгорливите проблеми на нашата држава“, вели Морачанин.
Таа додава дека мора да се најде начин за младите да останат, а според неа најдобар начин за тоа е предлозите да ги дадат самите млади, вели Морачанин.
Според истражување изработено од МОФ минатата година, очекувањата на младите тогаш биле дека во следнате пет години Македонија ќе стане членка на Европската унија.
Коментирајќи го тој податок, Спировска посочува дека во земјава остануваат оние млади кои најмногу се надевале дека работите ќе се променат.
„Токму тоа е причината поради којашто досега не побарале можност или не се отселиле од земјата. Начинот на кој овој пресврт во евроинтеграциите (блокадата од Бугарија) може да влијае, е единствено демотивирчаки и да ги одврати од оптимизмот кој го имаат за останување во државата“, вели Спировска.
Таа ,исто така, оценува дека дополнително на ваквата ситуација влијае и тоа што политиките кои се во интерес на младите често се ставаат во втор план и дека земјата не успева да види дека тие се приоритет.
Дека голем дел од младите имаат желба да се иселат покажуваат и податоци на други организации во Македонија.
Според истажувањата на граѓанската организација „Реактор“ во изминатите неколку години, една половина од младите сакаат да се иселат, а за тоа влијаат и фактори како економијата, политиката и нестабилноста.