Битола се развива според ГУП стар 23 години

Битола

Од Општина Битола најавија дека годинава ќе почнат постапката за изработка на нов ГУП. Претходниот е изработен пред 23 години. Битолчани и архитекти реагираат дека градот се развива според застарен план. Од Техничкиот факултет во Битола велат дека ГУП-от не е магично стапче.

Битола има застарен Генерален урбанистички план (ГУП) кој не е обновен 23 години и не ги задоволува современите урбанистички потреби на градот. Недостига смирување на сообраќајниот метеж преку воведување еднонасочни сообраќајници, поради неплански градби невозможно е проширување на улиците, околните ридови кои некогаш беа рекреативни зони сега се преполни дивoградби, градот се празни, а згради никнуваат на секој чекор, критикуваат битолчани и дел архитекти.

Битолчани велат дека стариот ГУП не може да понуди визија за понатамошен урбанистички развој на Битола.

„Треба да се потрудиме барем она што е пропуштено во минатото сега да се подобри.“

„Немаме толку големи улици за толку возила.“

Видете и ова: Бесплатен автобус за битолчани во деновите кога „не се дише“

„Што улици имаме, две-три големи, другите се како во касаба“, коментираат граѓаните.

Архитекти реагираат дека градот се проширува, се гради неплански, што има влијание врз квалитетот на живот. Не се добро проектирани, односно предвидени инфраструктурните инсталации, водовод, канализација и останатите, а со новите непланирани приклучоци се раскопуваат улиците за кои треба санација. Градот сообраќајно се решава парцијално без плански одредби или застарени, според некогашните правила и прописи.

Од Општината најавија дека годинава ќе почнат постапката за изработка на нов ГУП.

„Согласно годишната програма за финансирање на изработка на урбанистички планови на подрачјето на Општина Битола за 2022 година планирано е почнување на изработка на Генерален урбанистички план на Битола, а таков со години не е изработен“, вели градоначалникот Тони Коњановски.

Автомобили во Битола

Локалните власти велат актуелниот ГУП се темели на регулатива, стандарди и нормативи за урбанистичко планирање неприменливи во современ контекст. Основниот развоен документ на градот е во голем расчекор со целите за одржлив развој и останатите глобални развојни документи во сферата на урбанистичкото планирање.

ГУП-от не е магично стапче

На прашањето кога ќе биде донесен, од Општината велат дека динамиката ќе биде согласно законската регулатива. Од Јавното претпријатие за урбанистичко планирање неодамна соопштија дека главна активност во тековната година ќе биде нацрт фазата за изработка на ГУП-от.

Стручната јавност е за изработка на нов ГУП, но и за примена на терен на досегашните студии за сообраќајот.

„Погрешно е размислувањето дека ГУП е магично стапче и сите проблеми ќе се решат во градот. Мора студиите и плановите да добиваат своја функција. Да донесеме ГУП, да направиме студија, планска документација, а потоа она што како производ на терен треба да го добиеме недостасува, затоа подобро е да се посветиме на операционализација на тие планови отколку постојано да велиме дека некоја сообраќајна студија не била добра, ќе донесеме нова“, вели Јасмина Буневска-Талевска, професор на Технички факултет во Битола.