Бизнисот бара квалитетни и стручни работници, а не етнички подобни

Работници во индустрија

Претставници на бизнис секторот велат дека при креирањето на нови работни места најважен критериум треба да е знаењето и вештините на кандидатите, а не нивната етничка, верска или полова припадност.

Добивање политички поени и поентирање пред избирачите. Вака бизнис секторот го коментира владиниот „Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2021“, кој меѓу другото, предвидува субвенции за приватните компании кои ќе вработуваат и согласно принципите на правична и адекватна застапеност на етничка, полова, религиозна, расна или која било друга ранлива категорија граѓани.

Иако, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска се обиде да објасни дека планот дава предност на лицата кои останале без работа во пандемијата, оние кои долго биле без работа, но пред се ранливите(приматели на социјална помош) без разлика на етничката, верската, расната припадност, од коалициониот партнер во владата ДУИ планот го претставија како исполнување на нивните предизборни ветувања.

Токму вицепремиерот Артан Груби во септември минатата година најави дека Владата ќе ја разгледува можноста за субвенционирање на приватните компании кои ќе вработат Албанци или граѓани од другите помали етнички заедници.Тогаш дел од интелектуалната јавност реагираше дека со вакви мерки не се развива концептот на граѓанско општество, туку на поделено во кое одреден идентитет станува доминантно важен за некој човек да оствари одреден вид на егзистенцијални права.

Трајан Анѓелоски, кој е сопственик на фирма за производство на метал и машински делови од Скопје вели дека економијата и етничката припадност „не одат заедно“.

„За мене лично како сопственик на фирма, не гледам употребна вредност од ваквата мерка. Кај нас во фирмата и сега имам луѓе од различни националности. Ние никогаш вработените не сме ги бирале според националноста, името, презимето, верската припадност. Навистина во економијата нема место за вакви двоења и фокусот треба да се стави на што е можно повеќе километри автопат, на капитални инвестиции и сл, а националната припадност да си остане приватна работа за по дома“, вели Анѓелоски.

Видете и ова: Етнички вработувања во приватно - позитивно или недозволиво?

Овој стопанственик е категоричен дека нема да вработува по критериумот на етничка и верска припадност само за да може да користи државна помош.

„Вработениот не го примаме ние поради националната припадноста. Не ми значат субвенциите ако тој ми понуди многу полошо ниво на стручност и ефикасност, не ми требаат тие субвенции нас. Субвенциите нема да ми ја завршат работата, луѓето ќе ми ја завршат. Ние бараме луѓе од која сака националност. Ми требаат кавлитетни и стручни луѓе и тоа е најважно“, вели Анѓелоски.

Оперативниот план се однесува само на идните, нови вработувања. Тоа значи дека фирмите кои во моментот имаат вработени од различни етнички заедници нема да можат да аплицираат за субвенции, туку само ако во иднина вработат според некои од критериумите кои се бараат во планот.

Во оперативниот план во делот кој се однесува на поддршката за креирање на нови работни места се наведува дека мерката субвенционирање на плати има за цел вработување на невработени лица кои потешко се вклучуваат во пазарот на трудот. Во оваа категорија меѓу другите се вбројуваат: долгорочно невработени лица (над 12 месеци во евиденција, со предност на невработени лица над 5 години), млади лица до 29 години, лица постари од 50 години, невработени лица на кои им престанал работниот однос во периодот на пандемијата со ковид 19, лица корисници на гарантирана минимална помош, жени припадници на ромската етничка заедница и на останатите етнички заедници и други. Висината на финансиската поддршка ќе изнесува 19.000 денари месечно како субвенција на платата на вработеното лице за период од 3,6 или 12 месеци.

Инаку вкупниот број на работници на неопределено време кај фирмите кои ќе одлучат да аплицираат за оваа помош, не треба да биде понизок од просечниот број на вработени лица на неопределено време во претходната календарска година. Работодавачот е должен за целиот период (периодот на субвенција и дополнителниот период за кој е должен да го задржи работникот во работен однос) да не го намали вкупниот број на вработените на неопределено време (кој го имал на денот на аплицирање вклучително и бројот на лицата вработени преку оваа мерка.

Претседателот на Конфедерацијата на работодавачи Миле Бошков вели дека при вработувањата етничката припадност на кандидатите не треба да биде основниот услов за добивање субвенции.

„Ние во овој момент на компаниите им велиме да се фокусираат на тие што се невработени и што имаат адекватни курикулуми и вештини. Секако дека треба да се запази и посочувањето во ОП за рамномерен регионален развој и еднакви можности на граѓаните, но сепак ова е оперативен план за вработување, а не оперативен план за етнички вработувања. Политичарите нека го претстават како што сакаат и тие се уште се фаќаат за такви работи за политички да поентираат“, вели Бошков.

За нашите соговорници нема да биде изненадувања ако некои фирми само за да добијат субвенции за плати, побрзаат да вработуваат граѓани кои се набројани во категориите о оперативниот план, без притоа да водат сметка дали тие лица се најсоодветниот и најстручен кадар за работното место.

„Нашето општество е мешавина од разни мотиви. Затоа имаме и над 60 000 приматели на социјална помош кои по разни основи ја стекнале. И уште една работа важна да се каже е што за реализација на оперативниот план за вработување е дека социјалната помош со новиот закон е зголемена над 12 000 денаи. Тоа е најголемиот проблем затоа што минималната плата е 14 900 денари. Па никој нема да сака да работи за разлика од 2000 или 3000 денари“, вели Бошков.

За Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2021 година обезбедени се една милијарда 516 милиони денари и со него ќе бидат опфатени 10 279 лица. Во планот се предвидени 25 милиони евра за стимулирање на вработувања во приватниот сектор и тие меѓудругото треба да се распределат и според принципот на рамномерен развој, односно да се дадат повеќе субвенции во оние региони кои се помалку развиени.