За и против зголемување на минималната плата

Владата најави зголемување на минималната плата, Синдикатите бараат да се покачат и другите плати за да не се доведеме во ситуација сите да работат за минималец, а бизнисмените се жалат дека тоа може да предизвика отпуштања на работници, иако постојано се жалат дека им недостига кадар.

Бизнисот реагира дека ако минималната плата се зголеми на 300 евра тоа може да доведе до нови отпуштања. Минималецот треба да се зголемува согласно законот, а не со политички одлуки, вели бизнисменот Ангел Димитров, кој е дел и од Организацијата на работодавачи. И стопанствениците и синдикатите велат дека треба да се усогласат и другите плати, ако расте минималната, за да не се дојде до ситуација повеќе работници да земаат минимална плата.

Коментарите доаѓаат по најавите на премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, дека од први јануари минималната плата ќе биде 18 илјади денари или триста евра, согласно економските движења и растот на економијата. Тој ветувањето го даде на партиски митинг во Кочани за локалните избори.
Барањето за повисока минимална плата е на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

„Може да се покачи минималната платата ако одлучат Владата и Парламентот, но тоа би било политичко покачување на платата, затоа што ние имаме минимална плата која е повеќе од 50 отсто од просечната“, вели бизнисменот Ангел Димитров, кој е дел и од Организацијата на работодавачи.

Видете и ова: Растат платите ама и трошоците

Тој стравува дека поголемо зголемување на минималецот може да доведе до повеќе негативни ефекти. Димитров дели дека консултациите што се прават во ЕУ за донесување на една заедничка минимална плата на ниво на Европа е дека таа треба да изнесува околу 50 отсто од просечната плата или 60 отсто од медијалната плата.

Во земјава минималната плата изнесува 15.194 денари, а просечната плата според последните податоци кои се за август изнесува 28.642 денари. Тоа значи дека минималната плата во земјава е 53 отсто од просечната плата.

„Евентуалното покачување на 18 илјади денари ќе значи дека минималната плата ќе биде над 60 отсто од просечната плата, што заради зголемување на трошоците може да доведе до намалување на работни места, туку ќе доведе и до една огромна урамниловка (изедначување), значи голем процент од вработени во Македонија ќе земаат минимална плата што ќе ги демотивира добрите работници кои ќе нема логика зошто да работат кога ќе примаат иста плата“, вели Димитров.

Тој вели дека Меѓународната организација за труд во една анализа за минималната плата во земјава ѝ укажала на владата дека минималната плата не смее да оди над 14 илјади денари, а веќе во земјава минималецот е над 15 илјади денари.

„Мислам дека со овие услови што ги имаме во Македонија, со оваа висина на минимална плата, доволно е само секоја година да ја усогласуваме со порастот на овие три компоненти - една третина од порастот на просечната плата, третина од порастот на БДП и една третина од порастот на трошоците за живот или инфлацијата, со тоа ќе добиеме за да се избегне инфлацијата да не ја намалува реално минималната плата, додека за поголемо покачување јас сум сигурен дека ќе донесе повеќе негативни последици, отколку подобри услови на работниците“, вели Димитров.

Видете и ова: Повисока инфлација-без паника, ама на штрек

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски за РСЕ вели дека тие 10 месеци бараат минималната плата да се усогласи со просечната и да изнесува 60 отсто од просечната. Редно е и минималната плата да порасне, оти пораснаа цените и по маркетите и на пазарите и по останатите продавници, вели Димовски.

„Но, бараме усогласување и на другите плати, односно да има едно скалесто зголемување на платите, согласно колективните договори. Затоа, ние како Сојуз сметаме дека е неопходно да се применат колективните договори по гранки или како што ги викаме по сектори, за да не дојде до урамниловка на сите плати, бидејќи не може сите да земаме минимална плата, и таа да изнесува 60 отсто од просечната плата, и да се изедначиме до другите плати, кои во колективните договори согласно нивните работни места, сложеноста и креативноста на тие работни места се со поголем коефициент од коефициентот еден, односно од минималната плата, која моментално изнесува 15.200 денари“, вели Димовски.

ССМ на последниот состанок на Економско-социјалниот совет повторно го посочиле прашањето за усогласување на минималната плата, по што добиле одговор дека владата ќе разгледа дали нивното барање може да се оствари. Димовски вели дека го радува фактот што е сфатена потребата за зголемување на минималната плата.

Не се знае колку точно работници примаат минимална плата, но истражувања покажале дека околу 70 отсто од примателите на плата имаат износ понизок од просекот.

Но, македонската економија сè уште е под влијание на последиците од кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19. Економскиот раст е загрозен од неизвесноста од евентуален нов бран на заразени, од растот на инфлацијата, од тоа што цената на енергенсите на светските пазари е неколкукратно зголемен, што доведува и до тоа храната да поскапи.

Најавата за повисока минимална плата, од Стопанската комора на Северозападна Македонија ја гледаат како предизборно ветување.

„Кризата со ликвидноста е очигледна, инфлацијата се зголемува постојано, цените на енергенсите се зголемуваат на дневна база, а компаниите бараат алтернативни начини да ги исплатат своите долгови кон добавувачите, премиерот доаѓа до нова идеја да ја зголеми минималната плата. Тоа ќе значи стечај за микро и мали претпријатија кои нема да успеат да ги платат новите обврски“, вели Дрилон Исени од Комората.

Светска банка ги ревидираше своите првични прогнози и сега вели дека растот на македонската економија годинава ќе биде 4,6 проценти, но дека и покрај економското закрепнување сè уште постојат ризици, пред сè поради бавното темпо на вакцинација во земјата.

„Проекцијата за раст е 4,6 проценти во 2021 година, многу повисока од пролетните проекции од 3,6 отсто. Овие позитивни изгледи и понатаму се опкружени со надолни ризици како резултат на бавното темпо на имунизација и сè уште нарушените синџири на снабдување, како и со тоа што условите за финансирање почнаа да се затегнуваат“, наведе Светска банка во извештајот за земјава објавен минатата недела.

Минимална плата во Македонија

Минималната плата ја воведе ВМРО-ДПМНЕ во јануари 2012, кога беше донесен Законот за минимална плата. Тогаш минималната плата изнесуваше 8.050 денари, освен за текстилната и кожарската индустрија, кои оваа сума ја постигна во 2015. Кога СДСМ дојде на власт во 2017 минималната плата изнесуваше 10.080 денари. Од септември 2017 минималната плата е покачена на 12 илјади денари, следните две години пораснала за 500 денари, и од декември 2019 минималната плата е 14.500 денари. Од април годинава минималната плата изнесува 15.194 денари. Ниту две минимални плати не се доволни да се покријат месечните трошоци, според синдикалната потрошувачка кошничка, која за според последните податоци изнесува 34.342 денари.