Промената на Уставот не смее да стане политичко јаболко на раздорот во натпреварот за популарност во анкетите или натпреварот во тоа која партија на крајот на изборите би можела да има некаква предност, порача на 23 март министерка за надворешни работи на Германија Аналена Бербок по средбата во Скопје со нејзиниот домаќин министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи.
Бербок за промената на Уставот испрати охрабрување да се искористат сите расположливи средства за да може процесот да продолжи во наредните месеци и да не се случи да не успееме во оваа клучна препрека.
„Уставот не е нешто што се менува постојано, туку тоа се важни чекори и затоа и можам да разберам дека се дебатира за тоа - особено кога станува збор за сопствениот идентитет и сопствената историја, јазик и култура“, рече Бербок.
Таа нагласува дека преговарачка рамка на ЕУ, не е преговарачка рамка меѓу една земја членка и Северна Македонија, па затоа Унијата стои зад таа рамка и нема да се случи да каже – не, ова нема да се спроведе.
„Ние го дадовме својот збор како ЕУ и ние ќе останеме на нашиот збор оваа преговарачка рамка така заедно да биде спроведена“, рече Бербок.
Посетата на Бербок доаѓа во време кога се очекува во Македонија да го почне процесот за внесување на Бугарите во Уставот, што е неопходен чекор за да може земјата да почне да ги отвора поглавјата во преговорите со Европската унија. За да се направат измени на Уставот е потребна поддршка од две-третини од пратениците во македонското Собрание, кое брои 120 членови.
Засега власта ја нема потребната поддршка, а лидерот на најголемата опозициска партија во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, останува на ставот дека нема да има уставни измени во овој пратенички состав и дека бара гаранции од ЕУ за да не се случи ново вето од Бугарија.
Во ЕУ не се интегрира Владата, туку целата држава
Министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи вели дека земјава има преземено обврски коишто мора да ги испорача, а преговорите со ЕУ за членство мора да продолжат.
„Овој пат тоа зависи само од нас. Во Унијата не се интегрира Владата, туку целата држава, заедно со опозицијата и секој од нас треба да ја понесе обврската за овој процес и тука сметаме на поддршката на нашите европски пријатели“, рече Османи.
Владата работи да обезбеди поддршка за уставните измени од сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, рече првиот вицепремиер Артан Груби на телевизиско гостување на 21 март. Владини претставници најавија дека наскоро Владата ќе отвори јавна дебата за уставните измени и дека е подготвена опозицијата да ги формулира уставните амандмани за да стекнат доверба дека нема ништо тајно.
Бербок за време на посетата на Скопје, освен со политичарите од државниот врв се среќава и со претставници на опозициските партии. Таа вели дека во демократски општество за промената на Уставот на иста маса мора да седнат и власта и опозицијата, и во такви моменти да не биде на прво место партиската книшка и изборите, туку прашањето зошто правиме политика.
Македонија 19 години е во чекалната на ЕУ. На 22 март 2004 земјата поднесе барањето за членство во Европската унија. Бербок вели дека го разбира разочарувањето, особено што знае какви отстапки направи земјата на патот кон ЕУ и дека тоа не беше лесно.
Видете и ова: Дебатата за уставни измени во Собрание најдоцна во септември„Како Македонки и како Македонци вие докажавте дека никој не може да ве сопре на патот кон ЕУ“, рече германската министерка.
Односите меѓу Македонија и Бугарија се напнати во изминатите повеќе од две години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година поради историски, јазичен и идентитетски спор.
Блокадата делумно се надмина летоска и преговорите на земјава со ЕУ почнаа, но Бугарија го условува отворањето на поглавјата.
Бербок и Османи разговарале и за билатералните односи меѓу двете земји, за економска соработка, за претседавањето на Македонија со ОБСЕ и соработката во рамките на НАТО во време на руска агресија на Украина.
Османи потсети дека Германија е трговски партнер број еден на Македонија, а изминатата година трговската размена надмина пет милијарди евра.