Ако прехранбените компании не ги намалат цените на основните прехранбени производи, ќе им ја укинеме повластената струја што ја добиваат од државниот производител ЕСМ, се закани денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Видете и ова: Трговците тактизираат со снижување на цените на прехранбените производиВладата одлучи од 1 декември да им понуди неколкупати поевтина струја на фирмите кои произведуваат основни прехранбени производи со цел да се заузда големиот раст на цените. Очекувањата на владата беа дека мерката ќе придонесе за поевтинување од 10 отсто.
Бектеши рече дека намалувањето треба да се движи меѓу 7 и 12 отсто. Некои ги намалија цените, но некои не, вели тој.
„Согласно прогласената кризна состојба, одлуките може да бидат и селективни, па за тие компании кои не ги намалиле цените може селективно да не важи мерката, а за тие што ги намалиле и навистина се потрудиле да го направат максимумот да им излезат во пресрет на граѓаните и потрошувачите, за тие да продолжи“, рече денеска Бектеши.
Според него, до крајот на месецов ќе биде готов извештајот за движењето на цените откако прехранбените компании почнаа да добиваат повластена струја, по што ќе се донесе одлуката.
Горан Малишиќ од Групацијата на мелничко пекарската индустрија во Стопанската комора е уверен дека 99 проценти од фирмите во нивниот сектор ги намалиле цените во сооднос со субвенционираната електричната енергија.
„Јас немам информација дека некој не ги намалил цените, барем во мојот дел, а каде се тие што не ги намалиле, јас не знам. Некој ако ве субвенционира, треба и да вратите. Ако не, ќе ве остави на слободен пазар да плаќате поскапа електрична енергија. Тоа е взаемно, државата вложила напор да нè субвенционира и мора да намалиме во тој дел“, изјави Малишиќ.
Во индустријата за преработка на месо, пак, уште пред неколку месеци рекоа дека струјата не учествува многу во конечната цена на производот, па не може да се очекува и намалувањето да биде големо.
Македонија има убедливо највисока инфлација во регионот и една од највисоките во Европа. Трошоците за во живот во декември биле за 18,7 отсто повисоки од истиот месец претходната година. Според Народната банка, инфлацијата произлегува претежно од порастот на светските цени на храната и енергијата кои се пренесуваат на останатите производи.
Видете и ова: „Наместо месо, ќе вариме коски“: страв од нови поскапувањаСпоред Државниот завод за статистика, храната е поскапа за скоро 28 проценти од пред една година. Лебот и житата се поскапи за 40 отсто, млеко сирење и јајца за над 36 отсто, месото за 28 отсто, а маслата за над 24 проценти.
Од друга страна, глобалните цени на храната според индексот на ФАО (Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации) паѓаат десетти месец по ред и сега се дури и пониски од пред една година. Храната драстично поскапе во март, по почетокот на руската инвазија врз Украина, но оттогаш постојано поевтинува и сега е за 18 отсто поевтина од март.
Малишиќ, пак, вели дека берзанските цени на храната се намалиле пред два-три месеци, но поевтинување може да има кога фирмите ќе ги потрошат залихите кои ги набавиле по повисока цена.
Владата донесе одлука од 1 декември да им обезбеди струја по 80 евра за мегаватчас за производителите на зејтин, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи и за месната и живинарската индустрија. Малите фирми, кои се на регулираниот пазар претходно плаќаа околу 220 евра за мегаватчас, а оние на отворениот пазар во изминативе месеци плаќаа берзанска цена на струјата која одеше до 700 евра за мегаватчас. Во изминатите денови, берзанската цена на струјата се движи околу 150 евра за мегаватчас.