За разлика од порано кога парното функционираше како што треба и во станот беше секогаш топло, сега радијаторите постојано се млаки, а навечер буквално е смрзнувачка, вели Ана Мичовска, која живее во стан во Центар, каде Балкан Енерџи Груп-БЕГ е снабдувач со топлинска енергија.
„Цените од 1 јануари се поскапени, што значи дека ќе имам повисоки сметки за парно, а реално услугата е далеку полоша од минатото. Не сакам ни да помислам како ќе биде наредните денови кога се очекуваат минусни температури. Ќе треба дополнително со клима да се грејам, а струјата и така е поскапена. Што значи иако имам парно ќе си плаќам и за греење со струја“, вели Мичовска.
Видете и ова: Секое четврто семејство зимоска грее само едно сопчеОва е само еден пример, а реакциите на граѓаните пред се на социјалните мрежи се многубројни. Иако плаќаат сметки за парно и се приклучени на мрежата за топлинска енергија, дел од граѓаните се принудени да користат алтернативни методи за греење, бидејќи БЕГ работи со оптимизиран режим поради енергетската криза во државата.
Во слична ситуација е и Небојша Антиќ, кој исто така е корисник на услугите на БЕГ во Центар.
„Во изминатите денови практично парно како и да немам, па принуден сум да го затоплувам станот со клима. Среќа што имам и таква опција, иако не е фер бидејќи редовно си плаќам сметки за парно. Се надевам дека ситуацијата ќе се среди бидејќи доаѓаат поладни денови“, вели Антиќ.
До БЕГ стигнале 204 поплаки
Снабдувачот има обврска во текот на грејната сезона да обезбеди минимална температура од 20 степени од 6 до 22 часот во текот на денот. Доколку не се задоволни и имаат послабо греење граѓаните најпрвин треба да се обратат до Центарот за потрошувачи на БЕГ.
Од БЕГ велат дека системот за централно греење е целосно во функција и испораката на топлинска енергија до потрошувачите е согласно правилата и не се дозволува температурата да падне под 20 степени. До нив од 6 до 9 јануари стигнале поплаки од 204 објекти, како што наведуваат, од вкупно приклучени 2700 објекти.
„Во 39 објекти се констатирани технички неисправности во топлинските станици на објектите и истите се веднаш отстранети. Во останатите објекти од кои е рекламирано, извршено е мерење на внатрешната температура и констатирано е дека сите објекти имаат внатрешна температура еднаква или повисока од 20 степени, односно испораката на топлина е во согласност со Правилата за снабдување. Само во еден објект измерена е внатрешна температура од 19,5 и во истиот е покачено нивото на испорака со цел да се постигнат пропишаните 20 степени“, велат од БЕГ.
Од БЕГ велат дека во услови на енергетска криза и раст на цената на енергенсите, пазарната цена по која компанијата го купува приодниот гас е повеќе од 4 пати повисока од цената која е предвидена во тарифата.
„Групација БЕГ во моментов ги користи сите свои тековни средства за набавка на ограничени количини природен гас за неколку дневна испорака. Оттука произлезе неопходноста да се оптимизира режимот на испорака на топлинска енергија без притоа да се нарушат пропишаните критериуми, се со цел да се овозможи неопходното време надлежните институции да спроведат мерки за надминување на оваа енергетска криза, преку обезбедување на финансиски средства за набавка на природен гас и субвенционирање на домаќинствата приклучени на системот за централно греење“, додаваат од БЕГ.
Оттаму апелираат во услови на енергетска криза сите да ја штедат енергијата и да не се троши повеќе од пропишаното согласно европските стандарди и домашната регулатива.
Над 50 поплаки до РКЕ
Втората адреса за жалби на која може да се обратат граѓаните е Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги-РКЕ. Оттаму информираат дека до нив се пристигнати над 50 индивидуални приговори во однос на квалитетот на греење од страна на БЕГ.
„Согласно Правилникот за снабдување со топлинска енергија прва инстанца каде потрошувачите треба да поднесат приговор доколку не се задоволни од квалитетот на услугата се снабдувачите, од каде екипи мора да излезат на терен и да спроведат мерење, по што должни се да изготват писмен извештај за фактичката состојба и истиот да го достават до потрошувачот, согласно пропишаните рокови во Правилникот за снабдување. Доколку потрошувачот не е задоволен од одговорот, односно од писменото известување од снабдувачот за квалитетот на испорачаната топлинска енергија, потрошувачот во втора инстанца може да поднесе приговор до РКЕ. РКЕ има оформено Комисија која работи на решавање на приговорите на потрошувачите“, велат од РКЕ.
Граѓаните ќе добијат пониски сметки?
Поради енергетската криза, според соопштението, РКЕ веднаш ги става во процедура поплаките кои се доставени до комисијата и во прва фаза со ургенција бара од БЕГ да излезе на терен и да изврши мерење на фактичката состојба по што РКЕ бара извештај како постапиле во однос на пријавениот проблем.
„РКЕ ја информира јавноста дека во порамнителните сметки снабдувачот е должен да ја фактурира само потрошената топлинска енергија, по пропишаниот квалитет на услуга од Правилата за снабдување на ТЕ. Снабдувачот има обврска во текот на грејната сезона да обезбеди минимална температура од 20+1º C во грејните простории во времето од 06:00 до 22:00 часот во текот на денот“, додаваат од РКЕ.
Видете и ова: Што повеќе корисници, поевтино парно греењеЧленот на комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ, Стевче Антовски денеска порача дека Владата мора да им помогне на компаниите за топлинска енергија да испорачаат греење. Тој посочи дека Владата веќе преземала таков чекор во секторот за снабдување со електрична енергија и од буџетот за АД ЕЛЕМ ќе се испумпаат 200 милиони евра. Според него, трите компании за снабдување на топлинска енергија БЕГ, ЕСМ-Енергетика и Топлана Скопје Север не смеат да бидат жртви на несовесно работење и долгови.
„Во 21 век под изговор на таканаречен оптимизиран режим скопјани не ја добиваат потребната топлинска енергија. И покрај покачената цена од 14 проценти Скопје останува со ладни грејни тела. Зошто РКЕ молчи за овој проблем. Дали навистина компаниите испорачуваат топлинска енергија според правилата за снабдување и мрежните правила за дистрибуција на топлина“, вели Антовски.
Ќе помогне ли Владата?
Од Владата до објавување на текстот не одговорија дали ќе бидат обезбедени средства за помош на компаниите. Топлана Скопје Север поради дефект чека помош од општините и има финансиски загуби во работењето. Од ЕСМ - Енергетика пак соопштија дека во континуитет испорачуваат топлинска енергија.
Од 1 јануари цената за парно греење се зголеми за 14,05 отсто за сите корисници во Градот Скопје и за трите компании кои ги снабдуваат граѓаните – Балкан енерџи груп (БЕГ), ЕСМ Енергетика и Скопје Север.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски образложувајќи ја таквата одлука рече дека цената на природниот гас лани просечно се движела околу 240 долари за нормален кубен метар, а годинава на БЕГ му е понудена цена од 1480 долари.
„Реалното зголемување ќе беше многу повеќе, но успеавме да скратиме многу трошоци и дополнително Владата презема обврска да им помогне на државните компании во наредниот период“, рече Бислимовски.
Според него, БЕГ давал по два милиони евра во јануари за набавка на гас, а годинава ќе треба да издвои 13,8 милиони евра. Разликата во цена, како што најави Бислимоски, ќе ја надополнат Владата и општините на Град Скопје.
БЕГ од Регулаторната комисија за енергетика побара парното да поскапи за 300 отсто, со образложение дека за толку била порасната цената на гасот на светските берзи во однос на јули, кога беше донесена последната одлука за цената на топлинската енергија.