За едни е економски змеј, за други е тивoк џин. Сеедно како ја нарекуваат, Кина е веќе тука - во Македонија, Србија, БиХ... и на нејзиниот нов пат на свилата со економија гради политика, предупредуваат експертите.
Многумина се сложуваат дека поради тоа таа станала новиот регионален актер во балканските игри на моќ, а сите од Западен Балкан, освен Косово, се вклучени во иницијативата 16+1 (16 земји од централна и источна Европа плус Кина).
Пекинг го замисли Брисел
Пекинг нема ништо против приклучувањето на Западен Балкан во ЕУ, но кинеските потези и во економијата и во политиката го подзамислија Брисел и го натераа да си го постави прашањето: Дали Кина може да ја искористи својата економска сила за да оствари политичка добивка во регионот?
Ова беше нотирано и на последната Минхенска безбедносна конференција. Таму преовлада коментарот дека „кинеските проекти нужно не се вклопуваат во ЕУ стандардите за одржливост или транспарентност, а во извештајот од Конференцијата влезе заклучокот дека економското ширење на Кина претставува ризик за регионот, особено поради кредитите, бидејќи најголемиот дел од инвестициите на Пекинг во Западен Балкан се во форма на заеми“.
„Кинеските државни банки даваат кредити, но изведбата на проектите најчесто е во рацете на кинески фирми. Тоа објаснува зошто Кина до сега инвестирала главно на Балканот, а помалку во источноевропските земји од ЕУ“, коментира швајцарскиот весник „Ное Цирих цајтунг“, кој детално се осврнува на кинекста улога во балканската геополитика.
И еврокомесарот Јоханес Хан не ја крие загриженоста.
„Некои балкански држави земаат големи кредити од Кина за инфраструктурни проекти со што се зголемува ризикот од долгорочна штета по нивните слаби економии. Влијанието на Пекинг би можело да стане дополнителен извор на нестабилност. Можеби ја преценивме Русија и ја потценивме Кина, а на двете треба да им дадеме соодветно место“, изјави Хан.
И безбедносните анализи укажуваат на кинеските заеми
И Виенскиот институт за меѓународни економски односи ја третира истата проблематика.
„Европските фондови до почетокот на 2018 година финансирале 146 инфраструктурни проекти со 10,9 милијарди евра. Поголем дел се кредити, и тоа 7,9 милијарди евра. Кинеските инвеститори вложиле 7,8 милијарди евра, и тоа само преку кредити“, стои во извештајот на Виенскиот институт.
Видете и ова: Источна тројка на Путин за поход на БалканотЕУ со ова почна сериозно да се бави пред околу една година, кога беше објавена сериозна анализа од Институтот за безбедносни истражувања на ЕУ (ЕУИСС) и по усвојувањето на новата стратегија на Европската комисија во која зголеменото ангажирање во регионот е означено како геостратешка инвестиција. Со тоа, покрај активната борба на НАТО и на ЕУ против руската пропаганда во регионот, Унијата почна и низа европски т.н. поврзувачки проекти за да им конкурира на кинеските проекти.
„Неопходно е да се прави разлика помеѓу директните инвестиции и давањето на поволни кредити. Овие кредити се предмет на одредени услови: кинеските банки даваат кредити само кога кинеските компании ќе добијат соодветна јавна набавка. И овие нарачки се направени од кинески работници и материјали увезени од Кина. Ова е еден вид бизнис програма за кинеската економија”, вели економскиот аналитичар Јенс Бастијан.
Според последните извештаи, објавени во средината на 2018 година, Кина на Балканот дејствува преку иницијативата „Еден појас – еден пат“ и по тој основ 4,2 милијарди евра веќе се инвестирани во Грција, во Србија 2,6 милијарди евра (не се завршени сите проекти), во Македонија 640 милиони евра (претежно за автопатишта и во Босна и Херцеговина доспеале 350 милиони евра.
Македонски примери
„Кинеските инвестиции во инфраструктурата на Западен Балкан ја поттикнуваат и онака раширената корупција во регионот. Западнобалканските држави често морале да донесуваат посебни закони за кинески проекти за да ги задоволат барањата на Пекинг да се договорат директно со владите. Тоа создава нејасни празнини и исклучоци во законите и одлага усогласување на регионот со правилата и стандардите на ЕУ“, стои во таа анализа на Институтот за безбедносни истражувања на ЕУ. Ова тврдење беше поткрепено со податоци дека до 2017 година кинеските инвестиции во патишта и железница од 5,5 милијарди евра дошле во Македонија, БиХ, Црна Гора и во Србија, така што „кинески компании добивале договори директно од владите, а не преку тендери“.
Во прилог на тврдењето на ЕУИСС посебно се нагласува случајот на кинеската инвестиција во автопатот Кичево – Охрид и оценува дека „тука е утврдена загуба за македонскиот буџет од 155 милиони евра и е откриен скандал во кој се вмешани петмина политичари од претходната влада, меѓу кои и поранешниот премиер“.
Институт на ЕУ наведува и конкретно име на компанија: Кинеската компанија „Синохидро“, која добила договори за работа во Македонија, како што стои во извештајот, „е една од многуте на црниот список на Светска банка“.
Видете и ова: Скапа политичка моќ или евтина турска сапуница?Кина Во Србија, Црна Горан и БиХ
Вон економската сфера, во извештајот од Минхенската безбедносна конференција се наведува дека „Комунистичката партија на Кина промовира позитивно медиско покривање на Србија преку засилувањето на соработката со српските медиуми и преку организирање на семинари за т.н. здраво новинарство“, а српските медиуми редовно ги објавувале авторските текстови на кинескиот претседател.
„Истовремено со тоа, кинескиот заем од 809 милијарди евра за изградба на делницата од автопатот до Србија го кренал црногорскиот долг на неодржилви 80 отсто од БДП, додека во Македонија, кинеската Комунистичка партија поттикнува соработка со кинески државни институции и тенк-тенк организации од Македонија и од другите балкански држави со цел популаризација на кинеските интереси“, се вели во извештајот објавен на последната Минхенска безбедносна конференција.
Сараевскиот аналитичар и поранешен висок безбедносен функционер Миларем Капетановиќ, изнесувајќи конкретен пример од БиХ со влезот на кинески капитал во термоелектраната Тузла, вели дека укажува на се посилното дејствување на Кина на Балканот, собено во економијата.
И неговиот поранешен колега од безбедносниот сектор на БиХ, Ахмед Кицо, со кого заедно се автори на книгата „БиХ и Западен Балкан – Аспектите на геополитиката и хибридната војна“, тврди дека „постои голема опасност од кинеското влијание, на кое со години на назад предупредувале светските сили“.
Бели слонови
Со сето ова, како што заклучува Институтот за безбедносни истражувања на ЕУ, „Кина го зацврстува начинот на водење на бизнисот зад затворени врати и придонесува за создавање т.н. бели слонови во Западен Балкан, односно големи проекти прескапи за економиите на државите, а исплативи за приватните инвеститори.
И покрај тоа, дел од политичарите од регионот ја поддржуваат кинеската трговија, инвестиции и помош кои постојано растат и во некои сегменти стануваат и сериозна конкуренција на Европа.
Изгледа дека, како што вели угледниот германски дипломат Волфганг Ишингер, доживуваме реконструкција на клучни делови од меѓународниот поредок.