Речиси во сите јавни извештаи за геополитичката борба за Балканот, а со тоа и за Македонија, Србија, Косово, БиХ и Црна Гора, се спомнуваат само четири големи актери – НАТО, ЕУ, САД од Запад и Русија од Истокот. Намерно или не, ретко кој на маса ги става интересите и потезите на источните моќници Кина и Турција, а особено на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и на Иран. Неколкумина признати регионални и светски експерти за балканската геополитика велат дека раката и на тие држави лесно достигнува и до Македонија, Босна, Србија... Секој ќе се сложи дека во инвестирањето, во економскиот развој и во културното издигнување нема ништо лошо, но дел од аналитичарите велат дека тие суми, иако се мали, кријат големи политички желби и затоа го отвораат прашањето – Која е политиката зад милионите кои од исток доаѓаат во Западен Балкан?
Русија – Инвестира повеќе во хибридна војна, отколку во фабрики
Најмоќниот источен играч на Балканот во геополитичка смисла секако е Русија. Нејзиното антизападно влијание, велат експертите, е најсилно иако таа не е и најголемиот инвеститор во регионот. Целта на Кремљ е да го обезбеди патот на рускиот гас, а со тоа да ги „стави под свое“ земјите кои веќе зависат или допрва ќе станат зависни од рускиот гас“, коментираат аналитичарите и додаваат дека Москва во својата стратегија за запирање на ширењето на НАТО и ЕУ на Балканот повеќе троши за мека моќ и за хибридна војна одошто за економски инвестиции.
„Најголемата сила која води таква хибридна војна е Русија, која по сите сегменти е навлезена во Западен Балкан. Главната цел на Русија е дестабилизација на Балканот, за неговите земји да не влезат во НАТО и во ЕУ“, анализира поранешниот разузнавач, а сега политички аналитичар Миралем Капетановиќ, автор на книгата „БиХ и Западен Балкан – Аспектите на геополитиката и хибридната војна“.
Руските инвестиции во БиХ не се големи, но, затоа пак таа е „закотвена политички“ во Република Српска, каде е претседателот Милорад Додик, блискиот соработник на рускиот претседател Владимир Путин и каде според Капетановиќ, Москва создала хибридна коалиција каква што има и со Србија и сега заедно спроведуваат хибридни активности.
Русија не е најголем инвеститор ниту во нејзиниот најголем балкански партнер – Србија, ниту пак донела многу пари во Македонија и Косово. Според извештајот на Центарот за изучување на демократијата од Софија, кој се занимава со руското економско влијание на Балканот, рускиот удел во последната декада опфаќал само 10 отсто од српската економија. Затоа, коментираат дел од српските медиуми, заблуда е дека „братска Русија“ е најголемиот инвеститор во Србија, бидејќи тоа се европските земји кои во последните 10 години во Србија инвестирале 15 милијарди евра.
Видете и ова: Црни рубљи на патот кон НАТО и ЕУНа линијата дека Русија повеќе вложува во хибридни војна, отколку во фабрики на Балканот, е и претседателот на српскиот Парламентарен одбор за евроинтеграции Ненад Чанак.
„Само во 2017 година Русија издвоила 1.800.000.000 евра за пропаганда во Европа, а особено на Балканот. Со други зборови, дојде до ситуација таа руска пропагандна машинерија да меле се пред себе и создава рамка за дејствување на руските служби на овие простори“, вели Чанак во интервју за Радио Слободна Европа.
Руските инвестиции и во Македонија не се големи, но влијанието кај дел од политичкиот фактор е силно, коментираат аналитичарите од регионот. Според извештајот на софискиот Центар за изучување на демократијата насловен „Рускиот економски печат во Македонија“, иако уделот на руските инвестиции во Македонија изгледа мал, само 27 милиони до 2015 година, добар дел од тие инвестиции доаѓаат преку трети земји, вклучувајќи ги офшор-зоните, како Кипар или Белизе, така што „се прикриваат вистинското сопствеништво и влијанието врз економијата“. Според истиот извештај, „Москва до промената на власта во Скопје се трудела да направи енергетска зависнот на Македонија и вешто ја користела нестабилноста на државата за да го поткопа нејзиниот евро-атлантски пат“.
Турција – Одмерување на силите со ЕУ?
Турското влијание на Балканот се засили пред две години кога во регионот беше отворено прашањето дали ЕУ го сака Западен Балкан во своите редови. Според анализата на новинската агенција Ројтерс, тогаш балканските земји почнаа да бараат инвеститори во Турција, регионот станал место во кое Брисел и Анкара почнале да си ги однеруваат силите. Во таа битка, според податоците што ги објави Ројтерс, трговската размена меѓу Турција и шесте земји од Западен Балкан постојано се зголемува, а само во Србија во 2017 година биле отворени 20 турски погони.
„Некои Европејци се разочарани поради тоа што регионот може да потпадне под влијание на Турција, бидејќи таа и преку културните проекти ја јакне својата позиција“, објави Ројтерс, додавајќи дека Турција само во БиХ Турција потрошила 300 милиони евра на различни проекти, вклучувајќи и реконструкција на џамии и споменици од отоманското време.
„Мислам дека турското влијание ќе продолжи преку религијата и верски инвестиции. Се очекува зголемување на културното влијание преку турски филмови, сапунски серии и училишта“, вели Вехби Кајтази, главен и одговорен уредник на insajderi.com, косовски истражувачки новински портал.
Сепак, општиот впечаток е дека ЕУ повеќе е загрижена за руското отколку за турското влијание на Балканот и додека Брисел повеќе се грижи поради улогата на Москва на Западен Балкан, Анкара го зголемува своето влијание на ова подрачје, оценува политичкиот портал Политико.
И американскиот професор по меѓународно односи Алон бен Меир вели дека Турција станала сериозен играч на Балканот кој игра и како сојузник на Москва.
„Путин и Ердоган напорно работат на зајакнување на нивните врски со Балканот. Трговијата меѓу Турција и Западен Балкан драматично се зголеми од 430 милиони долари во 2002 година на три милијарди долари во 2016 година. Тука е и турската агенција за развој ТИКА која, на пример, реновираше стотици историски споменици во Косово, финансираше локални проекти и организираше големи настани дизајнирани за зајакнување на односите со Турција. Двете земји преземаат политички чекори за да го оддалечат Балканот од Запад, без разлика дали тоа е од економски, стратешки или хегемонистички причини“, вели професорот Алон Бен Меир во својата најнова анализа.
Видете и ова: Источна тројка на Путин за поход на БалканотКина – Тивкиот џин
Новиот играч во регионалните игри на моќ е Кина, а сите од Западен Балкан, освен Косово, се вклучени во иницијативата 16+1 (16 земји од централна и источна Европа плус Кина). Иако Пекинг го поддржува приклучувањето на Западен Балкан кон ЕУ, сепак кинеските активности го подзамислија Брисел дека Кина може да ја искористи својата економска сила за да оствари политичка добивка во регионот.
Ова беше нотирано и на последната Минхенска безбедносна конференција. Таму преовлада коментарот дека „кинеските проекти нужно не се вклопуваат во ЕУ стандардите за одржливост или транспарентност, а во извештајот од Конференцијата влезе заклучокот дека економското ширење на Кина претставува ризик за регионот, особено поради кредитите, бидејќи најголемиот дел од инвестициите на Пекинг во Западен балкан се во форма на заеми“.
„Кинеските државни банки даваат кредити, но изведбата на проектите најчесто е во рацете на кинески фирми. Тоа објаснува зошто Кина до сега инвестирала главно на Балканот, а помалку во источноевропските земји од ЕУ“, коментира швајцарскиот весник „Ное Цирих цајтунг“.
Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати - Идеологизирани Арапи и арапски бизнисмени
„Се повеќе арапски земји продираат на Балканот. Во БиХ се активни инвеститори од Саудиска Арабија, во Србија од Обединетите Арапски Емирати. Во Војводина арапските бизнисмени купуваат огромни земјоделски површини. За што се работи? Можеби си обезбедуваат нови извори на финансии за времињата кога нивните ќе пресушат?“, коментираше неодамна германскиот весник „Велт“.
На коментарот се надоврзува и изјавата на Јерг Хескенс, специјалниот економски пратеник на германската Влада во кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој вели дека „додека во Босна главно се одомаќиниле идеологизирани Арапи, во Србија дошле арапски бизнисмени“.
Колку и да звучи далечно, па дури и невозможно, еден од големите играчи на Балканот е и Саудиска Арабија. Оваа тема беше дел и од софискиот самит ЕУ – Западен Балкан, каде во рмките на дебатата за продорот на надворешните влијанија на Балканот беше анализиран и арапскиот фактор во регионот. Бугарскиот премиер Бојко Борисов, уште пред почетокот на самитот, ја спомена Саудијска Арабија меѓу државите кои на штета на европското, го шират своето влијание во регионот.
Саудиска Арабија влезе и во извештајот на Европскиот парламент (ЕП) во 2017 година во поглавјето под наслов „Саудиска Арабија во Западен Балкан“, каде се формулирани основните идеи и се даваат почетните информации за саудиските активности во регионот, со напомена дека овој извештај, кој се нарекува и прирачник за работа, не може да се смета за официјален став на ЕП. Во тој извештај се оценува дека „заливските земји го засилиле својот профил во Западен Балкан и дека додека другите земји се насочиле кон бизнисот, Саудиска Арабија се издвоила по тоа што дефинирала идеолошки пристап, а нјмногу ѝ се замерува што финансирала џамии и училишта кои ширеле вахабизам“.
За разлика од саудиските идеолошки бизнисмени, како што ги нарекува германскиот економиски експерт Јерг Хескенс, арапските бизнисмени на Балканот главно доаѓаат Обединетите Арапски Емирати кои вложуваат во големи проекти како што е „Белград на вода“. Него го гради градежна компанија од ОАЕ, која го градела и Бурџ Калифа, а е една од најголемите светски градежни компании. Сепак, дел од српските медиуми постојано прашуваат - Зошто токму на инвеститори од Емиратите екстремно вредното земјиште им е дадено толку евтино?
Иран – Бизнис и идеологија
Во игра за Балканот, или барем за делови од него, е и Иран. Неговата акција во регионот локациски најмногу е врзана со Босна и Херцеговина, каде, како што велат експертите од регионот, има најдобра подлога за неговата идеологија. Исламската република Иран уште во 1990 година беше меѓу првиоте држави кои ја признаа БиХ. Од тогаш датира и блиската бизнис соработка на двете држави. Пред санкциите на ЕУ за Иран трговкста размена на Техеран и Сараево стасала до 25 милиони евра, бројка што санкциите значителни ја намалиле, за сега повторно да почне да расте.
Според дел од експертите, Иран во Босна гледа начин како да ја отвори врата кон Европа и нејзиниот пазар, што се гледа и од изјавите на иранскиот амбасадор во Сараево, Махмуд Хајдари, за медиумите во БиХ: „Бизнисмените од БиХ можат преку Иран да пристапат на азискиот пазар, а иранските преку БиХ на пазарот на ЕУ“.
Сепак, дел од регионалните медиуми не гледаат само бизнис во намерите на Техеран, туку и многу идеологија, а особено политика, што може „да се види од сегашната политичка поставеност на некои функционери во БиХ“.
„Извесно е дека клучевите на новата власт остануваат во рацете на Партијата за демократска акција и Сојузот на независните социјалдемократи на Милорад Додик, што со изборот на Жељко Комшиќ со гласовите на босанските унитаристи, укажува на фактот како влијанието на Русија, Турција и на Иран, по последните избори, е посилен од кога било“, коментира хрватскиот информативен портал ХРсвет.
Истиот портал во неколку наврати директно коментираше и дека „Европа е на удар на стратегиите на неколку источни исламски држави“.