Арсовска- Никогаш не се откажав од БРТ, проектот е во почетна фаза

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска

Градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска најавува дека проектот БРТ кој го наследи од нејзниот претходник до СДСМ се ревидира, отстранети се недостатоците и дека е во почетна фаза, но не открива кога ќе стартува на терен.

Градоначалничке Арсовска првата година од мандатот - Град Скопје остана еден ден без јавен превоз, приватните превозници не возат со што се создаде хаос во јавниот превоз, имаше протест во Водовод, за да финишира со протестен концерт во МКЦ. Дали дека се доживувате како успешна градоначалничка после овие случувања ?

Апсолутно, имајќи в предвид она што сакам да се во градот е да се постигне, а тоа е да се воведе ред и систем кој што досега го немало. Легитимно право е правото на протест на секој кој што смета дека има нешто да каже пред јавноста, истото да го направи. Меѓутоа исто така е и нашето право, да се обидеме да направиме нешто што ќе биде подобро за сите граѓани, а не само за засегнати неколкумина на кој што им е нарушен комодитетот.

И нормално е, како што видовте дека политиката вмеша навистина сериозно прсти во сите овие случувања. Политиката треба да си има свое место, а тоа место и форум не е тука и не треба да биде во сите овие јавни дејности кои што треба институциите да ги обавуваат во интерес на граѓаните односно во јавните услуги кои што им ги обезбедуваме на граѓаните.


Како до толку ги влошивте односите со ВМРО-ДПМНЕ ?

Не ни се влошени односите со ВМРО-ДПМНЕ. Јас кажав дека и пријатели имам од сите политички опции, меѓутоа тука се работи за личности, а не се работи за опции. Таму има проблем со оние кои што водат, и кои што сметаат дека некој нешто им должи, затоа што подржале некого на овие избори. И јас тоа го кажав, дека доколку така се сметало, тогаш тоа требало да се каже пред да ја добијат таа поддршка. Јас поддршката ја добив неусловена од ништо и така очекував да биде.

Принципите или тендерите беа клучниот проблем ?

За мене принципите, а за некој ако биле тендерите, тоа е негов личен проблем. Јас сметам дека многу пати убаво посочив што и како се проблемите. Сметам дека на целата јавност и е јасно и умеат да проценат кој е во право а кој не е.

Видете и ова: Зошто се крева „врева“ за МКЦ?

Неодамна изјавивте дека граѓаните се жалат на нередовниот и ненавремен јавен превоз, а советниците не го изгласаа вашиот предлог за набавка на сто нови автобуси, Кој е планот Б за да им се овозможи подобар јавен превоз на граѓаните ?

Доколку тие ( советниците ) одлучат граѓаните да немаат квалитетен јавен превоз, тогаш јас не знам што друго да кажам освен дека секојдневно ќе ги потсетуваме дека ова кое се случува е во најголема мера нивна вина.

Тоа значи дека нема план Б во ситуација?

Па план Б, не знам како да истакнам дека она што се прави има реперкусии по сите.

Проектот БТР беше најавен како системско решение со веќе одобрени пари за него. Вие се откажавте од тој план.

Не, апсолутно не. Во ниту еден момент не сум кажала дека сум се откажала од тој план.

Што се случува со тој план кога за него се плаќаат пенали од 350 илјади евра годишно?

Вака сега, тука има сериозна реформа што треба да се направи. Се ревидира планот, затоа што имаше голем дел на недостатоци кои ги детектиравме, имајќи в предвид дека и пред очите на јавноста беа истакнувани голем дел број на забелешки, не само за трасата туку и на начинот на кој ќе се имплементира, нешто кое ние го преговаравме доста време, и она кое што сакаме да го понудиме е најдоброто решение за градот.

Видете и ова: Тргни-застани, сагата на пет големи скопски проекти

Во тој контекст до кога ќе стојат парите од ЕБОР на стенд бај, додека да се заврши како што велите ревидирањето на проектот и да се започне со негова реализација ?

Знаете како средствата се ирелевантни ако вие направите нешто што ќе го оштети градот и граѓаните.

Кога ќе го стартувате тој проектот?

Се ревидира, еве веќе сме на почеток ако можам така да кажам. Се движат работите доста забрзано, дел од работите кои што требаше да се елиминираат како ризици се елиминирани, и гледаме на тоа да најдобрата можна варијанта од она што треба да се имплементира да биде практично она што ќе се реализира во интерес на граѓаните.

Интервјуто со градоначалничката на Град Скопје Данела Аросовска може да го погледнете на видеоснимката на почетокот на овој текст.