Иако има доста предизвици почнувајќи од техничките капацитети, па до недостигот од кадар, Државната комисија за спречување на корупцијата интензивно се подготвува за следење на изборната кампања на претседателските избори. Првата жена на ова тело, вели дека фокус на нивната работа ќе биде финансирањето на политичките партии евентуалното незаконско користење на буџетски капацитети и човечки ресурси во кампањата.
“Според законот имаме обврска да ја следиме изборната кампања и да го следиме финансирањето на политичките партии. Веќе преземавме една активност, испративме барање до сите јавни институции да ни достават список на нивните службени возила, по марка и по регистрација да изготвиме една база на податоци со сите службени возила која ќе ја ставиме на нашата веб страница и која ќе можат да ја користат и невладините организации. Намерата е да спречиме незаконско користење на буџетски капацитети, во случајот службени возила имајќи предвид информација од претходни изборни кампањи дека во најголем број случаи се злоупотребуваат службени возила”, вели Билјана Ивановска, претседателка на ДСКС, во интервју за Радио Слободна Европа, што во целост ќе го емитуваме во недела.
Ивановска најавува дека поради досегашното искуство во кое се злоупотребувале и човечките ресурси, односно вработените во јавната администрација, Комисијата ќе прави и ненајавени проверки на листите за евиденција на одење и доаѓање од работа, и на тој начин во ризичните институции ќе се врши проверка дали некој од вработените учествувал во изборните кампањи за време на работа.
Видете и ова: Силјановска vs. Пендаровски - битка на социјалните мрежиУште една алатка која ќе ја спроведе Комисијата ќе биде можноста на граѓаните доколку забележат ќе можат слободно да пријавуваат неправилности на веб страницата на ДКСК.
Трошењето на државни пари за партиски активности во изборната кампања, како грубо прекршување на принципот на одвоеност на државата од партијата не е непозната појава за македонските изборни циклуси. Во минатото меѓународните набљудувачи во своите извештаи честопати забележуваа дека не постои јасно разграничување на државата од партијата и дека на тоа мора да се внимава.
Во членот 8б од Изборниот законик јасно пишува дека: “за потребите на изборната кампања, забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста. Забрането е вршење и обид за вршење притисок и заплашување на гласачи или членови на нивните семејства или ним блиски лица”.
Професорот Темелко Ристевски од Правниот факултет на Универзитетот ФОН вели дека е многу тенка линијата меѓу државата и партијата, но дека мора да постои нивно разграничување.
“Механизам за тоа е доследно придржување на одредбите на Уставот. Партиите се асоцијации на граѓани, тие не се државни институции и затоа нема што партиските раководства и врхушки да се мешаат во државните работи. Следен механизам на контрола се: граѓанскиот сектор и опозицијата. Тие треба да бидат упорни набљудувачи на тоа што се случува вo таа сфера. Штом забележат некакви сомнителни дејства треба да критикуваат, да жигосуваат, а ако дојде до злоупотреба на позициите, да иницираат поведување на одредени постапки пред надлежните институции”, изјави професорот Темелко Ристевски.
Според упатените уште посериозен проблем кога станува збор за сраснувањето на партијата со државата и партиското влијание во изборниот процес, претставува притисокот врз вработените во државната и јавната администрација да обезбедат членови на нивните семејства, круг политички неопределени пријатели за да го дадат својот глас за владеачката партија.
Во членот 8в од Изборниот законик исто така пишува дека со Кодексот за фер и демократски избори, учесниците во изборниот процес недвосмислено се обврзуваат дека нема да вршат никаков притисок или обид за притисок врз вработените во јавната и државната администрација, во други институции или установи финансирани од Буџетот на Република Македонија, буџетите на општините и Градот Скопје, како и во трговски друштва и претпријатија со државен капитал.
“Со Кодексот учесниците во изборниот процес, исто така, недвосмислено се обврзуваат дека ниедно вработено лице или граѓанин нема да биде предмет на било каква закана по однос на своето вработување и социјална сигурност како резултат на нивното поддржување или неподдржување на било која политичка партија или кандидат”, се наведува во член 8в, став 3 од Изборниот законик.
Во периодот што следува, ДКСК ќе мора будно да следи дали во време на изборна кампања министрите ќе користат буџетски средства за партиски промоции и пропаганди и дали ќе бидат злоупотребувани човечки ресурси за партиски активности и кампања.