Анти ковид мерки - едни се жалат, други ќе протестираат

Празно кафуле на улица Македонија во општина Центар, Скопје.

Реакции на новите мерки на Владата за Ковид-19. Угостителите се жалат на намален обем на работа. Граѓаните против вакцинацијата за утре најавија нови протести. За некои родители пак, не е прифатливо наставата да се спроведува со физичко присуство.

Назадоволство од новите мерки на Владата за Ковид-19 има и кај угостителите кај одреден дел од граѓаните, но и од родителите. Едните се жалат за намален обем на работа, другите дека се дискриминирани, а третите дека бројките на заразени се зголемуваат и со тоа настава со физичко присуство не траба да има.

Невакцнираните лица, согласно мерките кои денеска стапија на сила, нема да може да посетуваат угостителски објекти, ни со капацитет под 30 гости, обложувалници, казина, молови, како ни настани од секаков вид. Исклучок од ова правило се лицата со сертификат за прележан ковид во последните 45 дена.

Од Независната угостителска комора се против новите мерки, а основната причина останува иста, бројот на граѓани кои се вакцинирани е многу помал од оние што не се невакцинирани што директно резултира со намален број на гости од една страна, а од друга страна начинот на кој што се бара селекција на граѓани преку редарска служба е неетички и деградирачки, вели нејзиниот претседател, Здравко Јосифовски.

Видете и ова: Кражбите редовна појава и за време на пандемијата

„Значи Владата сама по себе излезе со изјава дека ќе ги надомести сите штети доколку се појават кај угостителите. Прашање е во моментов на кој начин тоа ќе може да се дефинира. Дали како и претходните пати со некој намален обем на работа, кој што ќе биде во можност да се покаже и докаже со оглед дека веќе угостителите немаат ни третина од гостите кои што ги имале до понеделникот пред стапување на сила на оваа мерка и одлука“, вели Јосифовски.

Во сите угостителски објекти,со мерките, задолжителнo e воспоставување редарска служба за контрола и спроведување на мерката. Додека пак во угостителските објекти со капацитет помал од 30 лица контролата ќе ја вршат редовно вработените лица.

Во меѓувреме од „Стоп за одземање на слобода“ за утре најавија нови протести пред Владата против мерките.

„Владата ги дискриминира луѓето со тоа што на вакцинираните им се дозволува пристап во јавни и приватни објекти, додека на невакцинираните ќе им бидат скратени дел од основните човекови права, подложни на притисок да се вакцинираат“, се наведува во повикот за протести.

Воедно во тек е и потпишување на петиција „Ние сме против присилна вакцинација!“.

„За никого не е тајна дека активно почнаа да ги охрабруваат и да ги принудуваат граѓаните да се вакцинираат. Невакцинираните луѓе се изложени на притисок, дискриминација, дури и уцена за отстранување од работното место. Сето тоа се обидуваат да го оправдаат со одлуките на докторите и грижата за здравјето на граѓаните. Не случајно сево ова предизвикува бес кај луѓето, кои ги уценуваат со губење на работните места или затворање на нивниот бизнис. Луѓето го доживуваат ова како неоправдано насилство врз себе“, се наведува во петицијата.

Владата притоа донесе одлука учебната 2021/2022 година да започне со физичко присуство, со полн капацитет, според утврдените и донесени протоколи. Драгана Спасовска од групата „Учебници мора да има“ вели дека бројките на заболени растат, а ништо не е подготвено за старт на новата учебна година.

„Во однос на физичкото присуство на наставата мислам дека изјавата министерката Мила Царовска наскоро ќе ја смени бидејќи самите гледаме што се случува во однос на бројките со пандемијата која ни се случува. Воедно имаме информации и дека и учебниците кои што треба да се спроведат ,според новата концепција за четврто одделение, не се ни до половина готови и мислам дека не се спремни воопшто да ја почнат оваа учебна година од 1 септември“, вели Спасовска.

Таа додаде и дека ќе ја бојкотираат наставата и ќе протестираат доколку се воведат реформите во образованието кои се однесуваат на дигитализацијата.

Видете и ова: Туристички ваучери за летување во есен

Јосифовски вели како угостители не планираат да излегуваат на протести, туку незадоволството ќе го изразат на претстојните избори. Според него, преку 6500 угостителски објекти се засегнати, а преку 35 илјади луѓе работат во нив.

„Со оглед дека мерката не ги засега само угостителите, туку ги засега и граѓаните во најмала рака кои што го покажаа и изразија преку протест во неделата укажува на тоа дека на следните избори и те како улогата на угостителите, вработените и љубителите на гастрономијата кои што ги посетуваат овие сите објекти се битно гласачко тело што ќе влијаат на резултатите од изборите“, додава тој.

За граѓаните кои нема да ги почитуваат мерките, односно немаат потврда за вакцинација, или имаат лажна, паричната казна е 250 евра, за правно лице од 2.500 до 30.000 евра во зависност од големината на објектот, а за одговорното лице 1.500 евра.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека засега нема одлука дали лицата чие работно место е опфатено со мерките треба да се вакцинирани.

„Нема укажување за вработените. Меѓутоа одлуките се однесуваат на просторите и местата каде што има масовни настани, односно масовно присуство на луѓе. Кај што може да има трансмисија на вирусот и тоа е целта и тоа е логиката позади овие мерки“, рече Филипче.

Тој додаде дека целта е и да се стимулира вакцинацијата и во оние градови каде што е повисок процентот на имунизација како Битола, Охрид и Штип, засега нема притисок во болниците. Според него, мерките се за да се зголеми вакцинацијата и да се спречи ширењето на вирусот.

На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 612.391 граѓани. Ревакцинирани се 485.464 граѓани.

Од 1 септември за влез во државата ќе се бара сертификат за вакцинација, ПЦР тест или потврда за прележан ковид во последните 45 дена. За наши граѓани кои се враќаат во државата, а не ги исполнуваат овие услови ќе следи карантин од 7 дена.

Државава се соочува со 4 бран од пандемијата. Вчера беа регистрирани нови 999 случаи на ковид, 14 починати и оздравени 184 пациенти. Досега во земјата се направени вкупно 1.073.017 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 163.452 бројката на оздравени пациенти е 151.144, на починати е 5.574, а бројот на активни случаи изнесува 6.734.