Трипартитна коалиција шанса против ДУИ

Теоретски е можно размрдување на предизборната албанска опозициска смена доколку партиите се договорат за заеднички настап, во спротивно албанските опозициски партии на изборите би се претставиле во два блока со што ќе им се намалат шансите да ја сменат ДУИ од власта, велат аналитичарите.

На само десетина дена пред распуштање на Собранието сè уште нема одговор на прашањето дали е можна предизборна коалиција во албанскиот политички опозициски блок која би можела да и биде сериозна конкуренција на владејачката Демократска Унија за интеграција.

ДУИ прв пат дојде на власт во 2002 година се до изборите во 2006-тата година. Потоа повторно влезе во коалициска врска со ВМРО-ДПМНЕ од 2008 година до 2016 година. По изборите во 2016 кога одби да коалицира со долгогодишниот партнер, и стана партнер во власта на СДСМ. На последните избори изгуби голем дел од своите гласачи. Аналитичарите велат дека годинава може да се случат и промени во власта во албанскиот блок, но само ако опозициските партии се здружат.

Теоретски се уште има простор за изненадувања, но според досегашните политички натегања и јавно упатените покани придружени со ултиматуми не остава простор за чист договор меѓу партиите велат аналитичарите. Во меѓувреме, медиумите пишуваат дека партиите уште недоговорени за коалиција веќе се расправаат кој ќе биде носител на листа во изборните единици.

Аналитичарот Петар Арсовски вели дека политичкиот притисок и мотив за здружување на албанската опозиција на овие избори ќе биде голем.

„Имајќи в предвид дека ако се разединети ,најверојатно, односно, сигурно ДУИ ќе биде целосен победник, така што мислам дека вистинскиот притисок и политичкиот прагматизам ќе ги натера да направат некаква форма на коалиција. Дали таа ќе ги содржи четирите или трите опозициски партии е прашање на лични односи внатре во партиите“, вели Арсовски.

Видете и ова: Ахмети незаменлив за лидер на ДУИ


Претседателот на здружението „Албански политички затвореници“ Шпетим Положани кој честопати повикува на здружување на албанските партии, смета дека е дојдено време да се променат политичките гарнитури.

„Бидејќи овие досегашниве политичари придонесоа Албанците да ја изгубат надежта во оваа држава и единствен излез да гледаат во мигрирање во странство. За да се менат старите гарнитури мора да дојдат нови сили, а тие нови сили се во овие три политички партии“ вели Положани.

Според последните избори во 2016 тата година, ДУИ освои 86 илјади гласови додека БЕСА освои 57 илјади, а Алијансата за Албанците вкупно 35 илјади гласа. Во меѓувреме, БЕСА се подели на две крила, едното како Алтернатива влезе во владината коалиција додека Движењето БЕСА остана во опозиција. На политичката сцена во игра е и партијата УНИТЕТИ.

Кога станува збор за предизборните комбинаторики Арсовски не ја исклучува можноста албанскиот опозициски блок да се подели и на два дела.

„Можно е да настане поделба во два опозициски блока, но имајте на ум дека така, тие што први ќе формираат опозициски блок ќе добијат повеќе гласови, а вторите ќе бидат под силен политички притисок да се спојат и тоа нема да биде добра варијанта за тие што ќе останат надвор од коалицијата, кои и да се“ вели Арсовски.

Тој објаснува дека ако се спојат двете најголеми опозициски партии или ако се спојат три можат да го загрозат ДУИ, но само две помали партии не можат да ја победат владејачката партија.

Денеска истекува рокот од 48 часа односно понудата за коалиција што лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села им ја даде на колегите опозиционери. За движењето БЕСА ваквото однесување е нејасно и несериозно затоа што тие пред еден месец донеле одлука дека се „за“ тројна коалиција. Вчера, генералниот секретар на БЕСА Арјанит Хоџа изјави дека од Алијансата се уште не добила одговор зошто не била организирана тројна средба за да се утврдат деталите. Од ,друга страна, пак, генералниот секретар на Алтернатива Скендер Реџепи за ТВ 21 вели дека е доволна коалиција меѓу Алијанса и Алтернатива за да излезат како победници на изборите на 12 април.