Партиите од албанскиот блок во земјата не се противат на тоа да има Албанец за премиер, но се против тоа што оваа тема се поставува сега и на тој начин, коментираат аналитичари откако деновиве лидерот на ДУИ, Али Ахмети рече дека е време да се избере Албанец премиер. На неговата идеја реагираа и партите од македонскиот и од албанскиот блок. Првите велат дека се знае кој е определен за мандатар, вторите пак велат дека ДУИ собира политички поени.
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека најпроблематични се аргументите, отколку самото прашање по себе.
„Дел од албанските партии не верувам дека се против тоа да биде Албанец премиер, затоа што тоа би било спротивно на нивните програмски определби, мислам дека се внимателни и одбивни поради моментот во кој тоа прашање се подига, многу повеќе од тоа што не би било реално да се против тоа Албанец да биде премиер“, вели Муслиу.
Тој потсетува дека од осамостојувањето немавме претседател на Собранието Албанец, но дека и тоа се случи во минатиот пратенички состав.
Видете и ова: Коалициски игри на партиите од албанскиот блокАналитичарот Сефер Селими од Демокраси лаб вели дека станува збор за половична идеја која е во функција на предизборна кампања. Селими вели дека никој не забранува премиерот на државата да биде Албанец. Досега тоа не се случило, но не се исклучува можност од тоа, доколку добие поддршка од 61 пратеник во Собранието, вели Селими.
„Но на овој начин како тоа се злоупотребува од политичките партии остава простор дека се работи само за политички поени и за предизборни ветувања. Сега се ближат избори и наместо да се дискутира за актуелни состојби и за тоа што би се случило во иднина и која би била програмата и кои би биле другите елементи на јавната дебата, ова е само едно дефокусирање од тие важни, крупни работи. Не треба да заборавиме дека ДУИ се противеше на заеднички кандидат од албанските партии за претседател на државата, токму поради тоа што таквиот пристап придонесува повеќе за фолклористична политика или кампања, наместо за суштинска кампања кои би придонела за добро на сите во земјата, вклучително и на Албанците“, вели Селими.
Али Ахмети продолжува со кампањата за Албанец премиер
Ахмети во честитката по повод 18 годишнината на партијата наведува дека следна цел во политичката агенда на ДУИ е да го постави првиот Албанец премиер.
На повикот на Ахмети, веднаш реагираше претседателот на СДСМ, Зоран Заев. ДУИ и СДСМ се коалициони партнери во владата. Премиер Албанец е роденденската желба на Али Ахмети, напиша Заев на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук. Заев вели дека мандатарското место за формирање влада му припаѓа нему, доколку СДСМ победи на изборите.
И од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека мандатар ќе биде претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.
Партиите на Албанците во земјава, кои се опоненти на ДУИ, порачуваат ДУИ да не собира ситни политички поенти. Од Беса, која е во предизборна коалиција со СДСМ, рекоа дека не е спорно во иднина да има премиер Албанец, но тешко дека тоа ќе биде кадар на ДУИ. Од Алијансата на Албанците преку соопштение реагираа дека ДУИ нема легитимитет да зборува за потребите на граѓаните. Од партијата велат дека ако ДУИ биле за искрено албанско владеење, а не за консензуално, тогаш ќе му дадеа поддршка на кандидатот Албанец за претседател на државата на минатите избори. И од ДПА велат дека однесувањето на ДУИ е скандалозно и не веруваат, како што наведуваат дека Албанците ќе ја дозволат оваа следна измама.
Вицепремиерот Бујар Османи од ДУИ денеска изјави дека проектот за избор на премиер Албанец не е нова идеја и дека со тоа треба да се урне последното табу и да се постигне целосна рамноправност.
„Оваа идеја не е партиска, туку натпартиска идеја и проект, и очекуваме поддршка од сите“, рече Османи.
На прашањето дали со ова ДУИ си ги затвора сите врати за понатамошно коалицирање, Муслиу вели дека и македонските партии со малку поголема резерва ќе се однесуваат на ова прашање.
„Особено оние партии кои ќе се надеваат на гласови од албанските партии, јас мислам дека многу повеќе реакции ќе има од албанските политички партии и ќе го промовираат ова како дел од предизборниот ПР“, вели тој.
Селими додава дека ДУИ ќе се обидува да мобилизира што повеќе гласови не бирајќи какви трикови ќе користи.
„Кога си повеќе време на власт секако дека од тебе ќе бараат отчетност, па ова е еден од начините како да се дефокусира јавноста и се дебатира и за други прашања. Овие прашање се релевантни, но не е тоа пристапот по кој треба да се решаваат и уште повеќе што тоа се прави во предизборен период“, вели Селими.
Резултатите од анкетата на американскиот републикански институт ИРИ, објавена пред некој ден, меѓудругото покажуваат дека ДУИ е трета партија по рејтинг во државата, по СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со рејтин од 7 отсто. СДСМ има рејтинг 17 проценти, а ВМРО-ДПМНЕ 16. Анкетата е спроведувана во февруари. Веднаш зад ДУИ, е Алијансата на Албанците со 5 отсто поддршка. Поддршката на ДУИ е константна во споредба со анкетите во 2017 и 2018. А се зголемила поддршката за Алијансата во споредба во 2018. Се зголемува рејтингот и на Беса.
Предвремените парламентарни избори требаше да се одржат во април, но се одложени поради пандемијата на ковид-19. Партиите се уште не се договориле за датум кога би се одржале изборите.