Во време кога Русија е сериозна закана за НАТО алијансата, но и за европските демократии, уставните измени се можност за Северна Македонија да се приклучи кон Европската унија (ЕУ), порача денеска во Скопје демократскиот сенатор Крис Марфи. Тој во име на САД ги повика пратениците да гласаат за уставните измени и да ја искористат можноста за влез во ЕУ, додавајќи дека во спротивно, неусвојување на промената на Уставот ќе се одрази и на односите на Северна Македонија со САД.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Сакам да бидам јасен и за влијанието што ќе го има врз односите со САД ако Северна Македонија тргне по друг пат, ако одлучи против овие уставни измени. Тогаш ќе се тргнеме од патот кон ЕУ, а ќе биде и многу загрижувачки чекор за членките на НАТО, оние коишто сакаме да ги браниме врз основа на нашите вредности. Ние сме пријатели, никогаш нема да престанеме да бидеме пријатели и партнери, но лидерите во САД го набљудуваат изборот што ќе биде направен тука во следниве неколку месеци“, изјави Марфи по денешната средба во Владата со премиерот Димитар Ковачевски.
Тој кажа дека војната во Украина е криза, но ја разбуди ЕУ. Ја освести за потребата да ги остави вратите отворени и вели дека Украина не може да влезе во ЕУ ако не влезат и земјите од Балканот. Затоа сенаторот Марфи порача дека ова е нова реална можност и овие технички измени на Уставот се јасна можност за Северна Македонија да може да се приклучи кон ЕУ.
Промената на македонскиот Устав за вметнување на Бугарите во Преамбулата е услов за продолжување на преговорите на земјава за членство во Европската унија (ЕУ). Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство во 120-члениот Парламент во Скопје, но засега мнозинството ги нема потребните гласови поради противењето на опозицијата.
Видете и ова: Ковачевски: Преамбулата е во преговарачката рамка, не правиме бинационална државаПремиерот Ковачевски денеска рече дека на патот кон ЕУ ќе претстојат „тешки и храбри одлуки“, но дека е одлучен во намерата земјата да ја продолжи европската интеграција и дека му е важна поддршката за тоа од САД.
„Одлуката која е пред нас, не е одлука на еден човек, не е одлука на една Влада и не е одлука на една политичка партија. Ова е одлука на сите политички актери во државата. Ние мора да обезбедиме на нашите граѓани да живеат во држава членка на Европската унија. Нашата држава потекнува од поранешната југословенска федерација, во тоа време имавме поголем стандард и од Словачка и од Чешка, од Романија и од Полска и од Бугарија и од сите земји кои станаа членки на ЕУ. Јас ќе ги донесам сите потребни одлуки кои ќе обезбедат граѓаните на Северна Македонија повторно да имаат поголем стандард од сите граѓани од коишто порано сме имале поголем стандард“, рече Ковачевски.
За уставните измени во Македонија во моментов е формирана работна група од партиски претставници и експерти, која работи на нацрт-предлогот на уставните амандмани. Но, во оваа група не членуваат претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои се противат на ваквите измени.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски неколку пати повтори дека уставни измени под овие услови и во овој Парламент нема да има. Тој денеска рече дека работната група за уставните измени нема мандат да преговара за промена на Уставот. Мицкоски го повика премиерот Ковачевски да ги стави уставните измени на дневен ред во Собранието и ако нема мнозинство да си поднесе оставка.
„Тие (работната група) можат да добијат мандат само во случај доколку Парламентот изгласа потреба за отворање на Уставот. Доколку Парламентот во првата фаза не изгласа, а што ќе се случи, потреба за отворање на Уставот, тогаш нивната работа е беспредметна“, рече Мицкоски.
Видете и ова: Мицкоски:Промена на Устав во овој парламентарен состав нема да имаМицкоски смета дека земјата со уставните измени ќе биде на чекор до тоа да стане бинационална држава. Според него, работната група се обидува, не само да ги внесе Бугарите во Уставот, туку да отвори и други прашања за кои вели дека се контрапродуктивни за државата.
Претседателката на Работната група за уставните измени Маргарита Цаца Николовска вели дека нивниот мандат не е да се редефинира Уставот и дека нема да има никакво редефинирање на државата, на македонскиот идентитет и на Уставот.
„Имајќи предвид дека и самите уставотворци од самиот почеток при формулирање на Преамбулата и при формулирање одредени членови на нормативните делови од Уставот во делот на дијаспората и во делот на Комитетот на заедници отвориле врата, оставиле отворена врата со зборот ‘и други’ и тука може да се вметнат и другите народи за коишто сега имаме и барања и обврска и тие народи да ги внесеме во Уставот како што на самиот почеток сме внеле одреден број на народи“, вели Николовска.
Пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ почнаа минатото лето, откако делумно беше надмината блокадата на Бугарија.
Во моментов ЕУ прави скрининг на сите 33 поглавја за пристапување: од заштита на потрошувачите, до надворешна политика за да види што Северна Македонија треба да направи на секое политичко поле за да стане членка. Овој процес најверојатно ќе заврши наесен, но за да почне отворањето на поглавјата Бугарија бара внесување на Бугарите во македонскиот Устав.
Како и која било друга од 26-те земји-членки на ЕУ, Бугарија мора да даде зелено светло за отворање, но и за затворање на секое поглавје од преговорите и тука земјата повторно може да стави вето.
Скопје и Софија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, но Бугарија во 2019 година стави вето Северна Македонија да добие датум за почеток преговорите за членство во ЕУ поради историски, јазичен и идентитетски спор.