Поддршка од стратешкиот партнер на Македонија, Соединетите Американски Држави (САД) за уставните измени изразија високите американски дипломати, советникот во Стејт департмент Дерек Шоле и заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар во американскиот Сенат.
„Северна Македонија треба да донесе тешки одлуки во однос на уставните промени кои се бараат од нив да ги направат. Тие се подготвени да ги направат тие промени, но политиката е тешка“, рече на 18 мај, советникот на Стејт департментот Дерек Шоле. Тој имаше обраќање за Западен Балкан во Комитетот за надворешни работи на Сенатот на Соединетите Американски Држави.
„И тоа што треба да слушнат од сите нас е нашата поддршка да ги направат овие промени кои би изгледале минорни, но се политички доста тешки, а тоа ќе помогне да се отклучи следната фаза од нивниот процес за пристапување во ЕУ“, одговори Шоле.
Американскиот дипломат, кој беше во посета на Северна Македонија на почетокот на 2023, рече дека земјата е одличен партнер, НАТО сојузник и регионален лидер.
Ескобар - Опозицијата да ги поддржи евроинтеграциите, не премиерот
Ескобар вели дека Северна Македонија направила сè што е потребно за да премине на следниот чекор, што според него, и го заслужува.
„За да ги продолжи своите аспирации кон ЕУ, Северна Македонија е посветена да донесе уставни промени за признавање на бугарското малцинство. Силно го поддржуваме овој тежок, но неопходен чекор“, изјави Ескобар.
А за да успее тоа, додава Ескобар, потребно е сите, и во рамки на ЕУ, и политичките структури во Северна Македонија да „направат сè што е можно за ова да успее“.
„Ова е најдобриот договор што го добивме. Тој е разумен, мислам засега, и треба да продолжиме напред што е можно побрзо“, рече Ескобар.
Тој вели дека од опозицијата не се бара да го поддржи премиерот, туку евроатлантскиот пат на Македонија.
Сарацин - Или прифатете или не, нема други зделки
Порака за потребата од уставни измени истиот ден, на 18 мај пренесе и специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој беше во посета на Македонија.
„На маса имате европски договор – или прифатете, или не го прифаќајте, нема други зделки“, порача Сарацин.
Тој не ја криеше загриженоста од тоа што би се случувало ако нема уставни измени, оценувајќи дека тоа би пратило порака до ЕУ дека Северна Македонија има дилеми за својата иднина во Унијата.
Сарацин е последен од странските дипломати што ја посети Македонија во време кога земјата го турка процесот за уставни измени со кои Бугарите би влегле во македонскиот Устав. Уставните измени се потребни земјата да почне да ги отвора поглавјата во преговорите со ЕУ за членство.
Изминатиот период земјата ја посетија специјални пратеници за Балкан од Велика Британија, Норвешка, Словенија , а во посета беше и министерката за европски прашања на Шведска, Јесика Росвел. Шведска е актуелен претседавач со ЕУ. И сите тие разговараа и со власта и со опозицијата за уставните промени.
Ковачевски се среќава со коалиционерите
Продолжувањето на евроинтеграциите беше главна теми и на денешната средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерите од владината коалиција. Премиерот по средбата изјави дека коалициските партнери се согласиле земјата да оди напред. А од опозицијата останува да одлучи како ќе постапи, рече премиерот.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да одлучи дали ќе се приклучи на европскиот блок или ќе остане во заложништво на Левица. Многу брзо ќе треба да одлучат дали ќе го фатат последниот воз и ќе се приклучат на проевропскиот блок кој неминовно оди и носи одлуки за приклучување на Северна Македонија во ЕУ“, рече Ковачевски.
Премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на прашање за тоа колку е стабилна коалицијата, откако една партија го напушти, Демократски сојуз на Павле Трајанов, а други две го условуваат своето останување, рече дека владина коалиција е стабилна и силно обединета.
Од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, пак остануваат на тоа дека нема да го променат нивниот став за уставните измените.
„ВМРО-ДПМНЕ не планира да мрдне ниту еден милиметар по однос на прашањето за уставни измени. Барањата се аспектите за заштита на нашиот идентитет, а не под вакви услови и ваков бугарски диктат“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски.
Во Македонија е формирана работна група која работи на уставни амандмани. Но во оваа група не членуваат претставници на ВМРО-ДПМНЕ, кои се противат на ваквите измени. Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за продолжување на преговорите на земјава за членство во Европската Унија(ЕУ). Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство во 120-члениот парламент во Скопје, но засега мнозинството ги нема потребните гласови.