Административци по националност

Илустрација: Графит во Скопје

Во земја во која важи мотото „Снајди се, па живеј“, не е тешко Христијан да биде Албанец, Штерјо Турчин, Илир Влав, а Селахатин Србин. Антикорупциската комисија вели дека луѓето лажат за националната припадност за да ги исполнат условите и да се вработат во јавната администрација.

Човек конкурирал за пет работни позиции во јавната администрација. Еднаш се изјаснил како Албанец, на втората позиција како Турчин, на третата како Ром, токму така како што било предвидено во огласот. Друг кандидат се пишал Турчин да ги исполни условите од огласот. По проверките се утврдило дека тие претходно веќе се изјасниле за националната припадност – едниот Македонец, другиот Албанец. И двајцата биле вработени преку огласите.

Ова го соопшти Нури Бајрами од Антикорупциската комисија пред неколку дена. Антикорупционерите бараат да се укинат вработувањата по етничка припадност, зашто законот се злоупотребува, а за тоа институциите молчат.

Според комисијата за спречување корупција, кандидатите лажеле за својата етничка припадност само за да се вработат. Така, двајца луѓе се вработиле и во Државната комисија за спречување на корупцијата.

Едни велат дека, исто како со вадењето бугарски пасоши, луѓето се понижуваат и се пишуваат Албанци, Роми, Турци, Власти или што и да се бара во огласот.

Други, пак, велат дека нема ништо понижувачко во националноста, туку се работи за изигрување на законот.

Балансерот е дигитална алатка на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) со која се пресметува колкава треба да биде квотата за правична застапеност во одредена институција. Од друга страна, раководителите на институциите кои вработуваат на овој начин се повикуваат на член 8 од Уставот, каде што се наведува дека „слободното изразување на националната припадност“ е темелна вредност на уставниот поредок. Ако некој се чувствува како Швеѓанец, никој нема право да му го спори тоа.

Други, пак, се шегуваат дека на административците не им требаат никакви други квалификации, со оглед на тоа што го работат.

Трети, пак, негодуваат што не се цени квалитетот, туку прво етничката припадност.

Ова не е прв случај на вакви вработувања. Порталот СДК лани пишуваше дека луѓе кои се викале Неџат и Шкелќим се вработиле во Ансамблот на албански народни ора и песни како пејач и хармоникаш – Македонци. Во исто време, во Македонската опера и балет, се вработиле Сара, Кристина и Љупчо, како виолисти и виолончелист – Албанци.

Вицепремиерот Артан Груби пред две години најави дека Владата ќе ја разгледува можноста за субвенционирање на приватните компании кои ќе вработат Албанци или граѓани од другите помали етнички заедници за да се постигне правична застапеност. Граѓаните на социјалните мрежи се шегуваа дека ако се отвори конкурс за вработување на Данци, ќе се изненадиме колку многу Данци има во земјава.