Затворот Идризово во „вечна“ кризна состојба, инциденти во другите затвори

Затвор Идризово, Скопје, архивска фотографија

Во затворот Идризово навршува една година откако е прогласена кризна состојба затоа што нема доволно затворски стражари. Протести во затворот во Прилеп кој е преполн и има затвореници од висок ризик, а нема опрема за обезбедување. По апсењето на 17 стражари во Идризово, Управата за извршување санкции тврди - секаде е мирно

Седумнаесетмина уапсени припадници на затворското обезбедување во КПУ Идризово за тоа што му помагале на само еден затвореник да избега го отвори прашањето дали и прогласената кризна состојба поради немање на стражарска служба станува уште покритична.

Од Управата за извршување санкции велат дека и покрај ова во затворот е мирно. Но, не откриваат ниту колку затворски стражари во моментов има обезбедувањето на „Идризово“, ниту пак колку војници на АРМ се ангажирани.

„Ве информираме дека за состојбата на КПД Идризово по апсењето на припадници на затворската полиција, се уште на територијата на КПД Идризово се уште е кризна состојба прогласена од Собранието на РСМ и истата ќе трае до 10.08.2024 година, додека за вклученоста на АРМ во затворот и колку нови припадници на затворската полиција има од безбедносни причини не сме во можност да ги споделиме со јавноста“, велат од управата за РСЕ.

Инаку прв пат државата прогласи кризна состојба во затворот Идризово во јуни 2023 година, а причина беше малиот број на ангажирани затворски стражари. Ова ја отвори можноста и АРМ да е вклучена во обезбедувањето на објектот, но само од надворешна страна. Од тогаш се случија неколку инциденти во затворот Идризово, меѓу кои последниот е со приведувањето на стражарите.

Видете и ова: Полициска акција во затворот Идризово

Прилепскиот затвор „дом“ на затвореници од висок ризик

Вработените во прилепскиот затвор бараат тој да се врати на ранг на Казнено поправна установа, а не како сега да биде Казнено поправен дом. Проблем за нив е што сега може да се носат затвореници од висок ризик а тие ја немаат потребната опрема за обезбедување. Се чувствуваат небезбедни бидејќи се вработени само 54 затворски полицајци од кои периодов голем дел земале одмори или боледување.

Вкупно во затворот има 125 осуденици, а според синдикатот на затворската полиција стандардите се еден чувар на еден затвореник.

„Сакам да известам за крајно сериозната ситуација во која се наоѓаат дел од затворите во државава во кои од пред извесен период се прераспределени лица од висок ризик, а затворите и затворските полицајции немаат услови да се справат со предизвиците. Еден од нив е и затворот во Прилеп каде веќе состојбата е загрижувачка и во делот на условите за обезбедување и во делот на човечки персонал“, изјави Сашо Гулески, претседател на независниот синдикат на затворската полиција и администрација во КПД – Прилеп.

Видете и ова: „Наивен“ молк на борците од ИСИЛ во затворот Идризово?

Протест пред затворот се одржа пред неколку денови и од таму истакнаа дека ако не се реши состојбата ќе преземат поригорозни мерки.

Посочија дека не се екипирани, 80 проценти се невооружени и немаат ниту униформи, ниту опрема. Најавија дека е можно да организираат и порадикален штрајк, а информираа и дека слична е состојбата во сите затвори. Недамна во овој затвор двајца осуденици со нож избоделе друг затвореник и се осомничени за обид за убиство.

Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет алармираат

После секој од овие инциденти Народниот правобранител влегува во затворите, како единствена независна институција надлежна да ја следи состојбата.

Од таму за Радио Слободна Европа велат дека е така и после апсењето на затворските стражари во Идризово и по штипскиот инцидент, но дека извештаите за тоа што утврдиле се во изработка.

Од невладината организација Хелсиншки комитет за човекови права, која ги следи состојбите, за РСЕ велат дека со оваа одлука државата на краток рок сака да ги реши структурните проблеми кои постојат во затворските установи.

На долг рок потребно е да се направат системски измени со кои ќе се надминат овие долгогодишни системски проблеми. Хелсиншкиот комитет смета дека и покрај заложбите на државата, како и на домашните и меѓународните организации за подобрување на условите во затворите, недостатоци постојат.

Осудените лица немаат соодветен пристап до здравствена заштита, немаат соодветни материјални услови за живеење а програмите за ресоцијализација се недоволни и неприменливи.

„Од друга страна пак припадниците на затворската полиција укажуваат на тоа дека им е нарушена безбедноста и дека се соочуваат со сериозни проблеми поради притисоци врз нив и нивните блиски“, вели Александра Трајановска од Хелсиншкиот комитет.

Видете и ова: Лога - Условите во затворите мизерни, неопходна е амнестија

За половина година откриени повеќе случаи на корупција и криминал

Шестмина се во 30 дневен притвор, на единаесет им се одземени пасошите, не смеат да го напуштаат живеалиштето и привремено мора да се јавуваат во суд. Ова е епилогот од последното приведување на 17 затворски полицајци од Идризово.

Дел се осомничени дека дозволиле еден затвореник да избега додека бил на наводно болничко лекување во приватна болница, а дел дека привремено му дозволувале да излегува и да се враќа во затворот. Настаните се случувале во октомври 2023 година кога веќе е прогласена кризна состојба.

На крајот на октомври лани, полицијата влезе во затворот и направи голема рација, при што Народниот правобранител утврди дека била употребена преголема непотребна сила врз затворениците.

Полицијата правеше претрес поради сомнежи за криминал, но откако затворениците реагирале, биле врзани удирани по телото, рацете и нозете.

Од друга страна во Полуотвореното одделение при претресот беа пронајдени 63 мобилни телефони, 82 ножа, 4 шила, 71 полнач за телефони и дрога.

Видете и ова: Затворот „Идризово“ должи милион евра

Меѓу случаите поврзани со овој затвор во Скопје е и оној од февруари 2024 година кога професионален војник кој бил ангажиран како надворешно обезбедување на двајца затвореници преку ограда и фрлил 10 мобилни телефони.

Последен инцидент кој се случи беше во штипскиот затвор пред две недели имаше физичка пресметка меѓу две групи затвореници.

Една од групите повикала дополнителна поддршка од надвор, па група од 30 луѓе на полноќ се собрале пред затворот. Интервенираа специјалците на МВР за да не настане поголем инцидент.