Бројот на загинати во рускиот напад врз градот Краматорск, во источна Украина, се искачи на осум, соопшти на 28 јуни Украинската Државна служба за вонредни состојби, додавајќи дека 56 лица се повредени.
Два руски проектили го погодија Краматорск вечерта на 27 јуни, од кои едниот погоди преполн пица ресторан во центарот на градот, а вториот погоди село во предградието на градот во источниот украински регион Доњецк.
Три деца се меѓу загинатите во нападот што ги претвори ресторанот и соседните згради во урнатини и расфрлани отпадоци. Три лица беа извлечени од урнатините откако спасувачките операции беа привремено стопирани поради постојаните закани од ракетни напади.
„Спасувачите работат низ урнатините на уништената зграда и бараат луѓе кои веројатно се уште се под неа“, изјавија претставници на службите за итни случаи на апликацијата за пораки Телеграм.
Шефот на воената администрација на Доњецк, Павло Кириленко, рече дека бројни куќи, продавници, кафулиња и други деловни објекти биле оштетени во близина на местото на ударот во центарот на градот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Вториот проектил што погоди во периферијата на градот остави петмина повредени. Трет проектил погоди згради во Кременчук, град во централна Украина во областа Полтава, но нема информации за жртви.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, говорејќи во своето ноќно видео обраќање, рече дека нападите покажале дека Русија „заслужила само едно нешто како последица на она што го направила - пораз и трибунал“.
Во Вашингтон, Белата куќа ја осуди Русија за нејзините „брутални напади“ врз Краматорск и ќе продолжи да ја поддржува Украина во нејзините напори да се одбрани и да ја врати територијата окупирана од руските сили.
„Ги осудуваме бруталните напади на Русија против народот на Украина, кои предизвикаа широко распространета смрт и уништување и одзедоа животи на толку многу украински цивили“, изјави на 28 јуни портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа.
Нападите се случија една година по ракетниот напад врз трговски центар во Кременчук, во кој загинаа 20 луѓе.
Краматорск е главен град во регионот Доњецк и веројатно клучна цел во секое руско напредување на запад. Беше честа цел на руски напади. Тој беше погоден на 2 мај со ракети истрелани од повеќеракетен фрлач Торнадо. Руските сили тврдат дека во тој напад бил уништен вагон полн со муниција.
Во април минатата година, 63 лица беа убиени во руски напад на главната железничка станица во Краматорск. Најмалку два други напади погодија станбени згради и цивилна инфраструктура во градот оваа година.
Москва негира дека го гранатирала цивилното население во Украина и покрај доказите и сведочењата за спротивното. На 18 јуни, ОН потврдија 9.083 цивилни жртви во Украина како резултат на целосната инвазија што ја започна Русија во февруари 2022 година.